Бесконечно градилиште, е првата мисла што ни доаѓа, хипнотизирани од жестокиот азиски мегалополис Хонгконг, распослан на главен остров и на повеќе од 200 помали острови. Лантау е едно од последните преостанати автентични рибарски села, остров каде што културата на поделен животен простор подоцна има оставено траги во современиот живот на Хонгконг.
„Една земја, два система“ е објаснувањето за Кина како комунистичка земја, во чиишто рамки е и Хонгконг, кој функционира со автономна влада на својата територија. 

Просторот е најскапата работа 


„Ова е најгустата човечка кошница на светот“ – си мислиме движејќи се меѓу монструозно големите и густо насадени згради насекаде околу нас. По површина, Хонгконг е 25 пати помал од Македонија, но е четири пати понаселен, со неверојатни осум милиони жители. Се прашуваме, како е тоа можно, а одговорот дојде од професорот по филм на Универзитетот „Хонгконг“, Тими Чен:
- По околу 700 кинески работници стануваат жители на Хонгконг секој ден. Затоа, просторот е најскапата работа. Повеќето граѓани живеат заедно со своите родители до 30-тата година и не можат да си дозволат да живеат самостојно. Просечната цена на еден квадратен метар е повеќе од 23.000 американски долари. Речиси 210.000 граѓани живеат во поделени станови со површина од по пет квадратни метри по жител. Изнајмувањето поделен стан со големина од половина паркинг-простор чини повеќе од 3.800 американски долари месечно – вели Чен, кој живеел заедно со своите ученици во едноделна дневна соба во која секој имал сопствен кревет, а сите нивни работи биле врз закачалки околу нив.
Со скршено срце, тој ни ја раскажа приказната за еден студент по музика од неговиот универзитет, кој вежбал пијано „дома“ и во тишина, на долга лента од хартија на која детално бил нацртан редот на црно-бели клавиши од пијано.


Социјализација за антисоцијалната нација


Кој би бил позитивниот резултат на овој клаустрофобичен животен стил? Одговорот го добиваме од новинарот Меи Чи, кој пишува за социјални прашања и семејна динамика во локалниот весник „Чајна тудеј“:
„Семејните врски се силни и ваквиот начин на живот бара висок степен на меѓусебно разбирање и сочувство. Мајките ги носат своите деца надвор од минијатурните домови шест до осум часа дневно за „празнење на батериите“. Вака, сите соседи се запознаваат, а парковите околу Хонгконг стануваат место за средба, исполнето со детска смеа. Во западниот свет, каде што секој добива сè повеќе и повеќе личен простор, семејствата стануваат отуѓени. Да не ги споменуваме соседите...“

„Ако пчелите не работат, ќе умрат. Истото важи и за жителите на Хонгконг“; Работата е и ќе остане единствената активност што една личност може да ја прави во Хонгконг. Немате друг избор ако сакате да живеете тука. Не е ништо поинаку од кој било друг мегаград во светот, освен забавата. Неа нема да ја најдете многу често. Луѓето не се многу креативни за користење на придобивките од оној сјај. Но, тие се креативни за тоа како да најдат најнеочекувана работа за да преживеат...

Масивните згради не се поважни од едно дрво





„Хонгконг се задушува во магла и во високо ниво на загадување, но по монсуните се очекува чист воздух“ - вели момчето што ги најавува вестите.
Посакуваме монсуни и во Скопје за да го исчистат најзагадениот град во Европа, од каде што полета авионот на „Дубаи ерлајнс“, само за да слета xxx километри подалеку на исток и да се соочи со истиот проблем.
Загадувањето на воздухот е светски проблем, но жителите на Хонгконг се многу свесни за мерките на внимателност – Тие, едноставно, знаат дека ако некој го прекрши правилото, сите ќе ја платат цената. 

Импресивната почит кон природата во овој монструозен индустриски град е феномен вреден за внимание и за признание од другите нации, кои мора да научат од Хонгконг што треба да се прави. Одржувањето на зелените површини недопрени и изградба на зградите околу нив, е систем што не се гледа баш често низ светот. Без разлика каде е поставена зградата, колку е широка и висока, и која е нејзината употреба, никогаш не се смета за поважна од едно дрво. Урбанистичкиот план е толку мудро направен што дрвјата и природата секогаш остануваат недопрени и совршено „вклопени во современата цивилизација“. Ова е единствениот начин како еден град со димензии на Хонгконг успева да преживее и да остане здрав. Тоа беше најфасцинантната работа за нас „ханиландерите“ опсервирајќи ја оваа чудна нација толку далечна од нашата, која живее според правилото на природата „ако некој го прекрши правилото, секој ја плаќа цената“.

Човечката осаменост е насекаде иста




Во една од оние неверојатни згради каде што не се знае каде завршува инфраструктурата, а каде почнува џунглата, на Националниот универзитет во Хонгконг, имавме едно од најинспиративните предавања за „Медена земја“, со Руби Јанг, извонредна жена и добитничка на „Оскар“. Жителите на Хонгконг, кои ги гледаа кошниците за пчели на Атиџе, со истата возбуда и фасцинација како што ние ги гледавме нивните, беше највредното нешто што можеше да се случи на нашето патување во Хонгконг. Реакциите на публиката ни покажаа дека кога вистинската човечка приказна ги допира срцата на луѓето, нема разлика меѓу четирите страни на овој огромен, но толку малечок свет. Коментарот на еден од гледачите, Ли Кинг-Хин, кој многу внимателно, со својот ракопис, специјално за нас го напиша својот контакт на картичка, најмногу нè фасцинираше и ќе го запаметиме засекогаш:
- Точно знам како се чувствувала Атиџе. Се чувствувам исто така целиот свој живот. И јас ги загубив родителите и живеев сам во поделен стан. Нека не ве залажува голема толпа на улиците на  Хонгконг. Човечката осаменост е насекаде иста – ни кажа тој со солзи во очите и со срдечен поздрав.
Внимателно зеде од медот на Атиџе со врвот на чепкалката обидувајќи се да ни се насмее срамежливо. Се обидовме да го прегрнеме, но не беше пријатно. Не беше навикнат на физички контакт. Тивко замина и исчезна во огромната толпа на Хонгконг. Исто како и ние по проекцијата. Веројатно никогаш нема да се видиме повторно, но никогаш нема ни да се заборавиме...

(Авторите се режисери)

Фотографии: Тамара Котевска, Љубо Стефанов