Според официјалната државна статистика, во земјава се вработени 35 проценти од жените на работоспособна возраст, во споредба со 54 проценти од мажите. Разликата е уште поголема ако се разгледува стапката на економска активност, која, освен вработените, ги брои и тие лица што активно бараат работа т.е. се дел од пазарот на труд. Во споредба со 69 проценти од мажите, само 44 проценти од жените на работоспособна возраст учествуваат на пазарот на труд. Според тоа, жените се мнозинството или 64 проценти од економски неактивното население во нашата држава, иако, во просек, се пообразовани од мажите.

Жените поминуваат трипати повеќе време во домашни активности од мажите

Жените се под поголем ризик од сиромаштија и социјална исклученост, токму поради тоа што диспропорционално повеќе се исклучени од пазарот на платениот труд. Дополнително, жените претставуваат 68 проценти од неплатените семејни работници (неплатени семејни работници се лица што работат без плата во деловен субјект, дуќан или земјоделски имот во сопственост на некој член на нивното домаќинство) и 100 проценти од категоријата домаќини/ки (според Државниот завод за статистика домаќинки се лица што извршуваат активности само во своето домаќинство т.е. дома. Оваа дефиниција не ја вклучува целосната посветеност на жените на домашна неплатена работа поврзана со домашни активности, грижа за деца и лица на кои им е потребна грижа и поддршка).
Во оваа насока, жените се 100 проценти од работната сила што работи со скратено работно време  или го напуштила работното место заради грижа за деца, возрасни лица и лица на кои им е потребна поддршка. Според податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС), грижата за деца или други лица е наведена како причина за невработеност само од страна на жените. Кај двојките што имаат деца на предучилишна возраст, пак, жените, во просек, дневно поминуваат трипати повеќе време во домашни активности и трипати повеќе време во грижа за децата од мажите. Илустративно, во споредба со мажите, просечно, во денот, жените поминуваат 18 пати повеќе време на миење садови, девет пати повеќе време на готвење и 12 пати повеќе време на чистење на домот.

Сумирано, жените поминуваат многу повеќе време во домашна работа во споредба со мажите, но иако домашната работа е неизбежна за едно функционално општество, сепак, се чини дека е помалку општествено и економски вреднувана во споредба со платената работа. 

Овие состојби укажуваат на потребата од исклучително сериозен пристап во реформа на политиката за поддршка на урамнотеженоста на работниот и на приватниот живот. Тука го вбројуваме  споделеното родителско отсуство, но и достапноста на пристапни и квалитетни сервиси за грижа и за згрижување на децата на предучилишна возраст што значајно ја одредува можноста за вработување на жените бидејќи товарот за грижа сѐ уште е ексклузивна обврска на жените. 

Анализите на родовиот јаз во вработеноста покажуваат дека родителството е една од клучните детерминанти на учеството на жените на пазарот на трудот и колку што се помали децата толку е помала веројатноста жената да се приклучи на пазарот на труд, додека користењето формални сервиси, како што се градинките или неформална помош во грижата за децата, како и споделеното родителско отсуство се поврзува со поголема вклученост на жените на пазарот на труд. Еднаквото учество на пазарот на платениот труд може да биде возможно само ако му претходи еднакво учество во неплатениот труд. 

Споделено родителско отсуство и родова еднаквост

Во последните две децении проширените модели на родителско отсуство, кои препознаваат разлики меѓу породилно, татковско и родителско отсуство, стануваат сѐ почеста појава. Па така, според податоците од Меѓународната организација на трудот, во споредба со 1994 година, кога 40 од 141 држава имале посебно татковско отсуство, во 2013 година оваа бројка изнесува 78 од 167 држави. 

Врската меѓу споделеното родителско отсуство и родовата еднаквост детално се разгледува во документот за јавна политика „За сечие добро – кон нов модел за родителско отсуство“ изработен од Реактор – истражување во акција, промовиран во март оваа година, во кој се разгледуваат состојбите и се предлагаат неколку различни модели за споделено родителско отсуство.

Споделеното родителско отсуство е концепт што им овозможува на родителите поголема флексибилност при балансирање на работниот живот и родителството во текот на првата година од животот на нивното бебе. Воведувањето модел на родителско отсуство што ја препознава важноста на улогата на таткото во грижата за децата има многубројни придобивки за татковците, мајките и за децата, а придонесува кон системски промени во однос на родовата еднаквост:  порамномерна распределба на домашните обврски и на грижата за децата, зголемување на инклузивноста на пазарот на трудот и намалување на дискриминацијата на жените.

Во оваа насока, истражувањата покажуваат дека татковците што земаат две или повеќе недели отсуство по раѓањето на детето е поверојатно да продолжат да бидат вклучени во грижата за него и по отсуството и е поверојатно активно да учествуваат во домашните обврски поврзани со грижа за подмладокот, а ова има директен позитивен ефект врз развојот на децата, распределбата на обврските и доведува до поголема еднаквост во домот и поеднаква поделба на обврските меѓу родителите.

Освен со предизвикот за рамнотежата меѓу работниот и приватниот живот, жените се соочуваат и со предизвикот со дискриминација при самото вработување. Имено, жените на репродуктивна возраст при нивното вработување се соочени стереотипите дека нема да вложат повеќе напор или да се стремат кон повисоки позиции бидејќи треба да се грижат за семејството. Во држави со висока стапка на искористување на татковско отсуство, индикаторите покажуваат дека се намалува директната дискриминација на жените при вработување и на работното место, но и дека се намалува родовиот јаз во платите. 

Воведувањето споделено родителско отсуство помага во изедначување на теренот и за жените и за мажите, како во домот, така и на пазарот на труд. 

Потребен ни е нов модел што ќе ја промовира улогата на мажите во родителската грижа

Во моментов нашето законодавство предвидува до седум дена максимално отсуство за татковците (кое варира во зависност од колективниот договор и е покриено од страна на работодавецот како платен одмор заради семејни околности) и девет месеци за мајките (покриени од страна на Фондот за здравство, со дополнителни провизии за повеќе од едно дете и неплатено отсуство). Иако отсуството за мајките е преносливо, тоа не може да се подели меѓу родителите, што значи дека за да можат татковците да го земат отсуството, мајките мора целосно да се откажат од него.

Ваквиот модел е застарен во својот пристап зашто го третира родителството како прашање поврзано исклучително со мајката — ова е експлицитно во формулацијата во Законот за работни односи, можноста таткото да го земе отсуството се нуди само во случај кога мајката не е во можност да го земе.
Неодамнешна анкета на јавното мислење на избран примерок, која „Реактор“ ја спроведе на оваа тема, покажува дека 75 проценти од граѓаните сметаат дека грижата за децата треба да биде еднакво поделена меѓу двата родитела. Покрај тоа, истата анкета покажа дека дури 81 процент од граѓаните имаат позитивен став за моделот за споделено родителско отсуство.  

Споменатиот документ за јавна политика предочува дека на македонските родители им е потребен модел што ќе отвори нови можности за татковците, без да одземе од тоа што им го овозможува стариот модел на мајките. Земјата трeба да ја забрза измената на законодавството за татковско отсуство и да обезбеди задолжително татковско отсуство и промоција на улогата на мажите во родителската грижа.

Дебатата за воведување споделено родителско отсуство е поттикната од изработувањето нов Закон за работни односи, каде што се уредува правото на родителско отсуство и на овој начин сакаме да придонесеме кон дебатата за потребата од усвојување нов модел што ќе ги унапреди правата на родителите во земјата, ќе влијае позитивно на развојот на децата и на родовата еднаквост во земјата, а воедно и ќе доведе до усогласување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ, каде што споделеното родителско отсуство се воведува како неизбежна практика за земјите-членки. 

(Авторките се дел од тимот на Реактор - истражување во акција)