Грижа за себе, за другите, за планетата. Во ова „свето тројство“ на грижите, неминовно е вклучена и грижата за животните. Наше е да решиме дали ќе ги вклопиме во делот „другите“, или во некој од другите два стожера. Токму грижата е и во основата на мисијата на „Лице в лице“. Продавачите на списанието се редовно во главна улога на нашето списание, па така и овој пат, пренесуваме приказна поврзана со нашите Анабела, Горде, Валентин, Тунан, Бајрам, Саше... и со скопската Зоолошка градина.
Од неодамна, поддржувачите на уличното списание имаат можност да ги пресретнат нашите продавачи на нов простор во Скопје – во Зоолошката градина. Таму има резервирано место за нив, каде што секој викенд, освен што ќе уживаат во друштво на посетителите и на домаќините во зоолошката градина, тие можат и да им го понудат списанието на минувачите, но и да се едуцираат.
- Се радувам што имаме ново место за продажба. Таму доаѓаат многу родители со деца и мислам дека одлично ќе си поминуваме – вели Валентин Ракип, продавач на списанието.

Контакт со себе преку контакт со природата


Тим на „Лице в лице“ беше дел и од екоакција во Зоолошката градина со тоа што насади лаванда, која ја донираше „Естесис“, производител на оваа билка. Настанот беше осмислен како зацврстување на тимот на продавачите. Нивната координаторка, Ема Тодоровска, која е и коосновачка на „Естесис“ (заедно со Димо Попчев, кој, исто така, учествуваше на настанот) објаснува дека многу пати претходно ја посетила Зоолошката градина, но овој пат кај неа се појавило поинакво чувство на припадност.
- Почувствував контакт со себе затоа што бев во контакт со природата и со животинскиот свет наоколу. Сакав како тим, заедно со продавачите, да придонесеме во оваа мала оаза во центарот на Скопје и се сетив на нашата лаванда. Затоа и ја организиравме ова активност во која дониравме растенија, а со продавачите тимски ги засадивме. Среќна сум што сите бевме вклучени, што ја облагородивме почвата и што на ваков начин придонесовме кон природата – вели Тодоровска.

Лавандата ја посадија на неколку места во зоолошката градина, а двете слоници, Дуња и Даела, како и семејството лемури имаа ексклузивна можност да го набљудуваат процесот.
Продавачите имаа особено интересно искуство на својата прва посета на Зоолошка градина.
- Внесени во природатa околу нас, работната активност, сонцето, приказните на луѓето од градината, за историјата на животните што се таму, но и за сите потенцијали што ги носи ова место, за момент, во таа целина, не постоеше времето, кое толку брзаме да го стигнеме. Во природата силно чувствуваш, но таму и разбираш дека времето е концепт што ни го наметнува општеството, а ние постојано го бркаме. Во тој еден момент забележавме дека имаме публика од семејство лемури, од најстари до најмали, кои љубопитно ѕиркаа во автентични лемурски пози. Еден од старешините лемури беше во својот зен и во својата смиреност набљудуваше. Не можев, а да не го забележам и посакав да видам што гледа оттаму. Кога застанав од негов агол ја видов целата таа слика, што тој ја гледа, тоа беше заедништво и соработување за добро на природата и на сите нас. Сигурна сум дека старешината лемур почувствува и го одобри тоа што го направиме за местото, кое е нивни дом – објаснува Тодоровска.
Тогаш првпат продавачите видоа вакви животни, а нивната возбуда беше уште поголема поради тоа што имаа блиски средби со нив.
- Се вљубив во лемурите. Толку се слатки, малечки, си играа, ги чуваа своите бебињата. Пресреќна бев, не сум видела такви животинки. Едвај чекам пак да отидам да ги видам – возбудено раскажува Гордана Малинова, дел од продавачите што садеа лаванда.

Едукација пред да им пристапиме на животните


Од Зоолошката градина изминатиов период ги едуцираат сите посетители колку е штетно хранењето на животните и дека посетителите мора да знаат дека смоки, соленки, чипсови, пуканки, зелка, може да бидат кобни за животните.
- Секое животно има нутритивна табличка за хранење и во текот на денот ги внесува потребните витамини, протеини, влакна. Животните јадат првокласна храна, здрава и проверена  – вели Тина Мицковска, лицето за односи со јавност на Скопската зоолошка градина и додава дека на посетителите им е строго забрането хранењето на животните.
Таа објасни и дека ваквата едукација е постојана, како и важноста на садење нови дрвца, растенија, цвеќиња.
- Ги едуцираме посетителите и во врска со огромните штети што ѝ ги нанесува пластиката на нашата планета, како и да прекинат да купуваат производи поради кои се уништува природниот хабитат на животните. Можеби е веќе доцна да ги „воспитаме“ родителите, но децата сето ова го впиваат како сунѓер и поради тоа сме многу среќни – вели Мицковска.



Животните се наши другари


Голема радост е кога во зоолошката градина има новороденче, а грижата за животните  е еден од највисоките императиви на вработените. Мицковска вели дека со голем ентузијазам вработените речиси целиот ден го посветуваат на животните – им прават реквизити, десерти, ги анимираат сите животинки.
- Кога некое е болно, некој од нас го зема и го лекува дома, не ги доживуваме како експонати зад решетки, туку како другари и личности со име и со емоции. Често се случува, кога ќе излеземе некаде на пазарење, место за нас, да изнакупуваме работи за нив – вели Мицковска.
Таа објаснува и дека речиси секојдневно вдомуваат и помагаат на разни видови животни што совесни граѓани  ги носат во градината.
- Четирите верверички бебиња што беа најдени на Водно беа малечки кога ги донесоа, никој немаше надеж дека ќе преживеат. Но, со колешката Кате се вљубивме на прв поглед во нив, па со многу посветеност и внимание, сега се вистински ѓаволи полни со енергија. Кога ќе пораснат, ќе им направиме куќарки на дрво и ќе ги пуштиме на слобода, иако, бидејќи спијат кај Кате, тешка ќе биде разделбата. Ни носат и патчиња, зајачиња, феретки, чинчили, папагали… За сите еднакво се трудиме да помогнеме, иако сметам дека недостига поголема ветеринарна грижа во Скопската ЗОО. Поради тоа често соработуваме и со ветеринари од Скопје што имаат подобра опрема и модерни амбуланти со сите услови – вели таа.
Мицковска нагласува и дека како тим ги отвориле вратите и за сите граѓани што сакаат да ја посетат Зоолошката градина, а немаат финансии, па редовно организираат едукативни тури и дружби за децата од домовите, дневните центри за деца од улица, невладини организации, деца со пречки во развојот...

- Соработуваме и со училишта, факултети, градинки, кои се вклучуваат со свои проекти и на различни начини помагаат за зоолошката. Тука се и здруженијата за заштита на животните со кои правиме хуманитарни настани за бездомните животни, но и хуманитарни настани за многу наши сограѓани што боледуваат од тешки болести. Најважно е да си помагаме сите меѓусебно и да ги заштитиме тие што не можат гласно да кажат кога нешто ги мачи.