Со години наназад во земјава се зборува за проблемите и за потребата од итни, но и ефикасни реформи во образовниот систем. Велам и ефикасни бидејќи бевме сведоци на низа реформи и примена на одредени образовни модели за кои никогаш не се спроведе евалуација на ефектите и на нивната успешност.
Но, одредени други параметри ги оценија овие реформи како неуспешни и неефикасни. На пример, со години наназад резултатите од истражувањето ПИСА ги рангираат македонските ученици меѓу последните во сите категории. Во многу студии изработени во однос на образованието, младите и вработеноста, оценката е заедничка дека образованието во земјава е несоодветно во подготовка на младите за пазарот на трудот. Воедно, тоа претставува и еден од главните фактори што придонесуваат за високата стапка на невработеност кај младите во земјава со години наназад.

Во низата истражувања и документи за јавна политика, кои Фондацијата „Фридрих Еберт“ ги спроведе во делот на младинската политика и образованието, се укажува на итната потреба за усогласување на образовните програми со потребите на пазарот на трудот, особено во делот на стручното образование, бидејќи постојниот систем на стручно образование и обука во државата покажува слабости, како на системски, така и на програмски план. Истовремено, голем предизвик е и соочувањето со негативните перцепции и стереотипи за средното стручно образование (претпоставките како постоење недоволно квалитетен и мотивиран кадар, дискриминација меѓу учениците, безбедносни ризици и неподготвеност за пазарот на труд), како и ниската свест за придобивките од завршување средно стручно образование.

Секоја трета одлука за образование за идната професија е под влијание на родителите


Проблемите се јасни и постојат решенија и препораки за нивно решавање. Се очекува соочувањето со овие клучни проблеми преку зголемување на инвестициите во човечкиот капитал да води, пред сѐ, кон намалување на стапката на невработеност и кон задоволување на потребите на пазарот на труд, а со тоа и, генерално, кон подобрување на економско-социјалната политика во земјата.

Неодамна беше направен исчекор на оваа тема и во јавноста беше најавена и почната медиумската кампања „Одбери стручно – средно што е вредно“, во која се вклучени сите надлежни институции и странски организации и чијашто главна цел е зацврстување на свеста за значењето на овој тип образование и занимања, како и нивна промоција кај младите луѓе и нивните родители. Покрај самите ученици, и нивните родителите се клучна категорија кон која треба да биде наменета кампањата бидејќи резултатите од студијата за Невработеноста на младите луѓе во Република Македонија (2016) укажуваат на тоа дека секој трет млад човек ја донел одлуката за професионална определба и избор на образованието заеднички или под влијание на родителите. Во однос на времето кога е донесена одлуката, една половина од испитаниците изборот на професијата го направиле пред, за време или по средното образование. Ова укажува на потребата од засилување на улогата на центрите за кариера во средните, па дури и во основните училиштата со цел учениците да бидат навремено информирани за состојбата на пазарот на труд и професионално насочени.

Преку промоција на успешни примери  до поголема мотивација на младите


Многу важен и составен дел од решението е поголемо медиумско информирање и разбивање на стереотипите за средното стручно образование (ССО). Од истражувачките податоци произлезе сознанието дека младите имаат нереални очекувања од пазарот на труд, токму од причината што не се доволно (или, пак, се погрешно) информирани за индустријата, водечките компании, најниската просечна плата и за највисоката плата и за можностите за напредување. Особено е важно посочувањето на успешните примери како мотивација за младите да се решат за ССО. Но, притоа не смееме да заборавиме нешто што е истовремено суштински многу важно, а тоа се сетот системски реформи како модернизацијата на ССО, пред сè ревидирање и усогласување на наставните програми со потребите на пазарот на трудот, со цел зголемување на шансите за наоѓање работно место, техничко засилување и опремување на училиштата со опрема што е неопходна за изведување на наставата, обуки за наставниот кадар со цел да се следат современите трендови во струката, поврзување на ССО со бизнис-секторот, практична настава, која нема да се сведе на формалност, запознавање на учениците со можностите за почнување сопствен бизнис и можностите што ги нуди Фондот за иновации. Сите овие мерки се очекува да влијаат на трендот што се наметна за запишување студенти во високообразовните институции и хиперпродукција на висококвалификуван кадар, кој потоа се соочува со тешкотии за наоѓање работно место. Воедно, ќе ги задоволи и потребите на странските директни инвестиции, кои, генерално, придонесоа за отворање места за нискоквалификуван кадар и на тој начин ја продлабочија неусогласеноста на невработеноста.

Во спротивно, доколку сите овие предуслови не се задоволени, кампањата ќе создава само низа неисполнети очекувања, нови незадоволни ученици и зголемена недоверба кон ССО.

Ранливите групи двојно маргинализирани на пазарот на трудот


Кога станува збор за стручно образование, не смееме да ги заборавиме и ранливите групи, особено лицата што се подолго време невработени, со цел да се избегне ризикот од маргинализација од пазарот на труд и социјалната ексклузија. Препораките укажуваат на потребата конкретно да се дефинираат ранливите групи по категории со цел да се создадат посоодветни и поефикасни програми и политика за намалување на проблемите што ги имаат овие групи.

Генерално, може да се заклучи дека се работи за системски проблем, кој се провлекува со години наназад и за кој има решенија, но кој бара голема посветеност и желба за соработка на сите засегнати институции и фактори. Тоа што е важно е дека договорот за соработка меѓу сите овие институции е потпишан и првите чекори се направени. Потребно е време за да се видат првите резултати и затоа останува да го следиме процесот и да се надеваме дека сите засегнати страни ќе бидат посветени на негово решавање. За повеќе можности, пред сѐ за младите во земјата, за намалување на невработеноста, за подобра економско-социјална политика во земјата.

(Авторката е координатор на програмите за образование, млади и родови прашања во Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Скопје)