Да вкусите добро печиво и во исто време да вкусите квалитетна социјална промена, денес, во нашата земја, е единствено можно во новоотворената пекарница „Бејгел“ во Струмица, која функционира по модел на социјално претпријатие.
Тоа значи дека главната интенција за неговото основање и егзистирање, секако, е со повисока социјална цел, отколку само да рашири мирис на тазе печено и да даде одговор на прашањето што ќе појадуваме денес.
Ова претпријатие, всушност, овозможува солуција за предизвикот како да ги вклучиме маргинализираните лица во секојдневните општествени и животни текови? Односно, ја решава дилемата дали да ги поддржуваме ранливите сограѓани само со по некоја пасивна (парична) мерка или, пак, да создадеме услови за нивна достоинствена работа?
Ова второво ги решава проблемите на подолг рок и, пред сѐ, значи одржливост, што е исклучително важно во време на инстант решенија со блиц-ефекти.



Во пекарницата „Бејгел“ работат зависници од психотропни супстанции, алкохол и од хазардни игри со цел да им се овозможи рехабилитација и реинтеграција во општеството и тоа преку најинклузивната алатка - работата.
Тие доаѓаат таму на работна терапија во последните шест месеци од престојот во „Избор“, организацијата што работи на нивно лекување, советување и ресоцијализација. Целта е да ги научат угостителските вештини и пекарскиот занает. Тоа, пак, им дозволува кога ќе се вратат во своите средини, да имаат поголем избор при вработувањето, особено во услови кога македонскиот пазар за работа не е премногу флексибилен и отворен за ранливите категории сограѓани.
Добивката од работата, пак, на ова социјално претпријатие се реинвестира во  проширување на производствените капацитети и се наменува за потребите на корисниците на програмата „Покров“, која, пак, произведува органска храна, која наскоро ќе биде достапна и во самата пекарница.



- Храната е или лек или отров. Здравиот разум ни помaга да научиме да го ограничуваме отровот и да го зголемуваме  влијанието на лекот. Целата човекова историја е создадена од значајни социјални реформатори, кои, во критична фаза на развојот, се појавуваат како носители на големите  промени. Денес, носители на промените се токму социјалните претприемачи, кои, во различни околности, на глобално ниво, континуирано се во потрага по нови одржливи иновативни решенија, општествено одговорни бизнис–модели, кои, најчесто, се препознаени и можеме да ги дефинираме како социјално претприемаштво, велат од „Избор“, под чијашто капа функционира „Бејгел“, која отвора работни места за штитениците, но и овозможува постигнување поголема самоодржливост на организацијата.

Го прашувам тимот на „Избор“ како наједноставно да им објасниме на нашите читатели зошто граѓаните во Струмица траба да го одберат „Бејгел“, а не некоја друга пекарница? Кои се главните придобивки и за вработените, но, и за консументите?
Придобивките имаат двојна улога.
Граѓаните имаат можност да ја задоволат потребата за вкусни и несекојдневни печива, да уживаат во неодоливиот мирис и вкус на храната, но, во исто време, директно се влијае на зголемување на нивната свест за значењето на социјалната и општествена одговорност, за големината на солидарноста.
- Но, и на тоа да станеме побудни за промената до која може да дојде во општеството само со поддршка на сите фактори, кои ќе работат во полза на граѓаните и на заедницата, особено од страна на компаниите, кои имаат моќ да создаваат социјална и економска благосостојба. Ова е концепт што претставува совршен баланс меѓу нашите намери и нашите акции - велат од „Бејгел“.

Од самиот почеток во ова гастро катче се вработени пет луѓе, поддржани од Програмата за рехабилитација и за реинтеграција, од кои еден е пекар. 




- Пекарскиот занает е еден од најбараните занимања во моментов и убедени сме дека со усовршен пекарски занает нашите штитеници, веднаш по завршување на терапискиот процес, многу брзо ќе добијат вработување. Од друга страна, пекарите се одлично платени и кај нас, не само во странство, што треба да биде дополнителна мотивација за нив – откриваат од ова социјално претпријатие.

На истата линија е еден корисник на оваа услуга, кој силно верува дека овој ангажман може да му донесе поинаква иднина, откако ќе го заврши целиот процес.

- Во пекарницата „Бејгел“ доживeав големи и длабоки промени, кои ми помогнаа да го променам животот. Добив вработување по мера, работам во речиси совршени услови, добивам одлична плата и веќе не размислувам да ја напуштам државата. Моја цел е да го научам пекарскиот занает и да станам добар пекар - вели тој.

„Бејгел“ функционира  благодарение на поддршката од Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ, кое го препозна и го засили во рамки на Регионалниот проект за социјални права на ранливи групи (СоРи).

- Од донаторот, нашиот партнер ГИЗ, добивме стопроцентна финансиска помош за отворање на пекарницата, но, исто така, и ни овозможи дополнителна обука за дел од персоналот и за менаџерите во „Избор“ со цел да се подобри квалитетот на менаџирање на целата организација - велат од „Бејгел“.

Давид Оберхубер, директорот на ГИЗ за Северна Македонија и во Косово, уверува дека за да се искористи потенцијалот и да се обезбеди социјалната интеграција на ранливите групи, неопходно е да се охрабрува нивното учество во економијата. Оттаму нагласуваат дека негуваат длабока верба дека со инвестирање во иновативни и посветени социјални претприемачи ја поддржуваат визијата за создавање свет со помалку нееднаквости и неправди до 2030 година (до кога се планира и исполнувањето на Целите за одржлив развој).

- Социјалниот бизнис е многу важна тема во современото општество. Да се ​​биде профитабилен и успешен, додека им се помага на другите низ светот, без практика на корупција и на измама, е концептот што ќе го промени овој свет. Социјалните претприемачи се агенти на промена, сонувачи и лидери, тие носат позитивни промени во општеството и се инспирација за другите. Конечно, тие се иноватори и иницираат идеи и решенија за постојните социјални проблеми во општеството. Сигурни сме дека само со комбинирање на општествената одговорност, еколошката рамнотежа, економската способност и политичкото учество, сегашните и идните генерации ќе можат да водат сигурен и достоинствен живот - вели Оберхубер.

Поддршка доаѓа и од Министерството за труд и социјална политика, и тоа преку оперативниот план за вработување, за кој оваа година се издвоени 1,1 милијарда денари.

- „Избор“ од Струмица е пример за тоа како може да помогнат мерките предвидени со планот. Ова е начинот на кој треба да им биде дадена втора шанса на сите за да се реинтегрираат и вратат на вистинскиот пат и во иднина самите да придонесуваат за својата благосостојба - изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, при отворање на пекарницата „Бејгел“.



Инаку, приказната за традиционалното печиво „бејгел“ почнува од полските Евреи, кои, на крајот од 19 век, бегајќи од насилство, емигрирале и го донеле во Америка.
Денеска во некои делови на САД и на Велика Британија „бејгел“ има култен статус, слично како нашиот бурек.
Потоа, во регионов, поточно од 2003 година, од отворањето на пекарница „Бејгел“ во Србија, ова печиво станува синоним за  борба за праведно општество, кое промовира различност и солидарност.
„Бејгел“ во Белград, кој сега е реплициран во Македонија, го основаше граѓанската организација „Атина“, чијашто мисија е унапредување на правата на жртвите на трговија со луѓе и друг тип злоупотреби, а со цел да овозможи одржливост на своите програми.
Велат дека еден град е вистинска метропола само ако има „Бејгел“... пекарница, во која, додека уживаме во вкусот, придонесуваме средината во која живееме, а и, генерално, светот да бидат подобри места за живеење.

Спој на „бејгел“ печиво и македонска традиција


Процесот за работа и подготовка на печивата „бејгел“, во најголем дел се здобиени дома, а еден дел, директно од пекарниците „Бејгел“ во Виена и во Белград. Вработените имаа и студиски посети за усовршување на производство на печивата, како и директно вклучување во нивната подготовка.
Обуките, пак, во чиишто рамки беа посетувани етаблирани социјални претпријатија во Австрија, каде што и се учеа претприемачките алатки, беа поддржани од ГИЗ, а спроведувани од Виенскиот импакт хаб.

Координаторот на проектот на ГИЗ за социјални права на ранливи групи за Северна Македонија, Влатко Алексовски, сведочи за почетоците на оваа приказна.
- Во 2003 година ГИЗ, заедно со белгиската фондација „Кинг Бодуан“, ја поддржа граѓанската организација „Атина“ во отворањето социјално претпријатие „Бејгел шоп“ во Белград. Овој успешен модел беше промовиран во регионот. На еден од ваквите настани Сократ Манечев, раководителот на „Избор“, искажа иницијатива и подготвеност да ја преслика оваа успешна приказна и во Струмица - споделува Алексовски.

По неколку години и постојан интерес од нивна страна – идејата, конечно, се реализира. 

 - По искуствата од двете посети во веќе постојните пекарници во Виена и во Белград, кај нас во моментов може да се проба нешто превкусно и несекојдневно, кое претставува совршена комбинација на долгогодишното „бејгел“ печиво и нашата македонска традиција. На тој начин, добивме печиво што најмногу одговара на вкусот на нашите купувачи. Секако, рецептот секојдневно се тестира и усовршува. Исто така, посебен сегмент е и сервисот за доставување храна во различни пакувања, според потребите на клиентите, потрошувачите, велат од „Бејгел“.

Брза, но здрава храна


„Бејгел“ во моментов нуди свежо печени печива со висок квалитет, но има намера постојано да работи на збогатување на понудата вклучувајќи и свежи пијалаци и вкусни кафиња.
- Менито се состои од стандарден „бејгел“, интегрален, сладок и „бејгел“ сендвичи во различни варијанти, а сето тоа зачинето со органски свежи салати произведени во терапевтската заедница „Покров“. Посебен сегмент ќе претставуваат услугите за доставување храна за организирани прослави и притоа ќе бидат понудени различни пакети во согласност со  специфичните потреби на клиентите. Пекарницата „Бејгел“ е прва и единствена во државата во која се нуди брза, но, здрава храна, вели тимот.
Храната што ја јадеш, додаваат, може да биде најбезбедна и најмоќна форма на медицина или најбавна форма на отров.

- Новите и несекојдневни вкусови, вкусни печива како лесен и здрав оброк, релаксирачкиот амбиент збогатен со љубезност и со професионален однос, се основните вредности што ги создаваме со нашата понуда. Сите ние сме страсно посветени за оваа наша најнова програма да стане успешна приказна, од која еднакво корист ќе имаат и нашите купувачи и нашата организација, а, пред сѐ, нашите штитеници, кои можат директно да добија квалитетно и добро платено работно место - нагласуваат од „Бејгл“.