Понекогаш „зборот“ ни носи длабочина на цел еден филозофски концепт. Ако го знае контекстот зад него, слушателот добива длабока информација стркалана уџум во намерата на мислата на тој што го испратил аберот. Тие зборови, покрај очекуваните аудио- визуелни и когнитивните пораки, на соговорникот му ги доловуваат и тактилните сензации неочекувано комплетирајќи го 5Д искуството со минимален напор. Небаре и во турско се шетале старите со ВР сетови.

Место да упатува на очигледното, како што прават зборовите „belly button“ или „hairdresser“, зборот „јанѕа“, на пример, е неопходно да се објасни со реченица, место со синоним. Реченица што кажува тамам толку (и ниту збор повеќе) за да ги подотвори вратите на универзумот што потоа мораш самиот да го насликаш, од куферот на своето искуство и доживувањата од минатото.

„Тоа што останува откако ќе ги тргнеш чувствата од немирот и од тагата што ја чувствуваш, тоа е јанѕа“ – вели дедо Сандре.

Штом е така, колкав ли е универзумот „behind the world of - таксират“. Тоа, всушност, е состојба на која ѝ претходи цел еден процес што допира во минатото, системски нѐ поврзува со нашите предци и се рефлектира на нашиот сегашен светоглед. Состојба на умот во која човекот се предава пред нештата што ги смета за конечни, така дадени, непроменливи, речиси „судбина“. Со наведната глава ги поткрева рамената и вели „ништо во врска со тоа не можеш да смениш, можеш само да се приспособиш. Таксират...”

Кога го правеле фестивалот „Таксират“, објаснува основачот Логин Кочишки, сакавме ова, сакавме она, но условите беа речиси непроменливи за тоа време и моравме да се приспособуваме“. Таксират ова, таксират она... По толку повторување им се видело одлично за име на фестивал, барем некој аир од состојбата...

Но, носејќи промени од година во година во зададената рамка, втурнувајќи им се в лице на предизвиците, „Таксират“ ја менуваше својата состојба на таксират. Така израсна во фестивал што перманентно беше номиниран во 10. најдобри фестивали во Европа во најмалку две категории (најдобар фестивал на затворено и најдобар мал фестивал). На 20 декември фестивалот ја прослави 20-годишнината со „Дубиоза колектив“, главно име на продуцентот на фестивалот - „Пасворд продукција“, но и на музичкиот, жив и подвижен  хипхоп, даб, ска, реге споменик на социјалната правда на Балканот.

„Сѐ е можно, а особено на Балканот“ – вели Брана од „Дубиоза“ алудирајќи на арогантните, таксират-аномалии во општествата на Балканот snaphshot во нивните песни, во исто време обидувајќи се да надмине уште една таксират-ситуација – да го види биткоинот со ВР сет!?

Блокчеин наспроти таксират


Но, дали девизата „сѐ е можно“ важи и на другата, афирмативна страна на „спектарот на боите на таксиратот“? На неговата блокчеин страна?!
Технологијата блокчеин што ја храни најпознатата крипто-валута – биткоинот, во општествениот систем на кој сме навикнати внесува нови можни обрасци на функционирање, кои им противречат на состојбите во кои сме заглавени со децении, ако не и со столетија.

На нив сме навикнати, не ни се допаѓаат, нѐ прават нервозни и незадоволни, фрустрирани и бесни, но бидејќи не гледаме излез од нив, се помируваме и за да си ја намалиме фрустрацијата, ги прифаќаме како такви и велиме – таксират.

Владите и банките, институциите и корпорациите... Аздисаа. Во процесот што човекот им го довери за да му ја намалат неизвесноста од непознатиот купувач кога тргува, на пример, токму владите, банките и другите институции ја добија довербата да ги напишат правилата според кои ќе се случува тој процес. Да, им дозволуваме на „Алибаба“ или на сопствената банка да потврди дека имаме пари на сметката за да си го купиме производот што го сакаме и за тоа да ни земат нереално големи провизии и да ни поставуваат услови за нашиот меѓусебен однос. Услови за кои никој не нѐ консултирал, во чиешто креирање не сме учествувале туку само сме морале да се согласиме со нив и тоа, најверојатно, и без да ги прочитаме бидејќи ни се брзало да ја отвориме трансакциската сметка. Таксират... Тоа што сме го потпишале, всушност, е понизно прифаќање на состојбата на таксират, состојбата што не ни одговара, но во врска со која не гледаме што би можеле да направиме.

Со блокчеинот токму овој „образец на функционирање“ комплетно се менува. Со исклучително луцидните, но и перфидни решенија во заднината на технологијата, се создава нов образец на можното функционирање на економијата и на општествените процеси. Се открива новата улога што индивидуата може да ја има во дизајнирањето процеси што директно ја засегаат, а во кои досега немала можност да учествува. Блокчеин носи редица предности и можности од кои повеќето гравитираат околу зборовите – вистина, доверба, транспарентност. Податоците што ги делиме преку блокчеин се дистрибуирани, место со досегашната практика на централизација - да бидат чувани од еден ентитет, банката, на пример. Се наоѓаат на сите нодови, или компјутери поврзани во мрежата на блокчеин, вклучително со твојот, ако сакаш. На тој начин имаш целосен увид во сите трансакции, кои, патем, се регистрирани во синџир од блокови (група информации), кои не можат да се менуваат без тоа да биде забележано од нодовите во мрежата. Оттаму, секоја запишана информација останува вечна и непроменлива во синџирот што, во комбинација со претходните карактеристики, на податоците и им дава атрибути на вистина, непроменливост и транспарентност.

Така, контролата врз процесите од суштинска важност за човекот, се сели во рацете на индивидуата.

Сега, за купувањата, за информации за нашиот недвижен имот, нашите здравствени или академски податоци, за резултатите од гласањето, потврдата дека медот што го јадеме е органски и за редица други работи, веќе не мораме да им се обраќаме на „The Untouchables“, на институциите и корпорациите, тие податоци сега можат да бидат во наша сопственост и се оставени на наше управување.

Со други зборови, блокчеинот е алатка, нова парадигма во меѓучовечките односи, која ни носи нови обрасци на функционирање, моќни да ѝ се спротивстават на апатичната таксират-психологија.

МЕДЕНА ЗЕМЈА - ЗЕМЈА ВО КОЈА СОНЦЕТО ТАНЦУВА


Во изминатите 200 години за планетата и нејзините ресурси капитализмот е таксират.
Во трката по создавањето профит, индустриски пораст и благосостојба на малкумина, капитализмот раскошно ја живее својата заблуда -  дека планетата и човекот (работата) се неисцрпни ресурси и дека тие, всушност, се создадени за да учествуваат во репродукцијата на капиталот и во создавањето додадена вредност.

Генерации идни менаџери со децении се образувани во духот на „поголемото е подобро“ и во духот на зголемување на профитните маргини по секоја цена, а, пред сѐ, по цена на природата и на одржливоста на нејзините ресурси.

Атиџе (главната хероина од „Медена земја“) токму на овој застојан, дебел систем тромаво завален во својата декадентност, смело, но едноставно и, некако, природно, му брца право в око.

Болката, за чудо, ја чувствуваме сите. Бидејќи, сакајќи или од таксират, сите сме дел од тој систем, сите „придонесуваме“ и ја храниме наметнатата практика со своите повеќе или помалку консумеристички, неодржливи однесувања.

Тамара Котевска и четворицата „пчелари“(веројатно за три години, колку што се снимаше филмот, се учи занаетот) во Македонија ни го донесоа светот. Речиси на „study visit“. Истиот тој свет што се крсти во технологија, синтетичка биологија и други научни и индустриски гранки за целите за одржлив развој макар малку помалку да личат на утопија.

Северно од сите очекувања, пчеларката стана новиот споменик на одржливоста. На природното, исконското, единственото нормално. Јазикот на нејзиното дејствување е едноставен, овозможувачки, инклузивен, разбирлив. Обратен...

Нејзиниот начин не ги есапи трендовите и доминацијата на вообичаените текови. Нормите не му ги наметнува мнозинството, туку единствениот систем на кој се согласува да му се поклони. Системот што го чувствува длабоко во градите... Небаре е филмски уметник што „уметноста ја има како орган во себе“ (Милчо Манчевски) и сега измислува нов јазик за да може да ја раскаже приказната „што мора да ја раскаже“.

Не постојат рамки во кои таквиот вид дејствување мора да се вклопи. Освен во природните, тие што, секако, исконски и ги чувствува, па не ги ни смета за ограничувања. Небаре е филмски уметник, кој раѓа нов филмски израз без страв и трема дека капиталистот, холивудскиот продуцент ќе го врати на корекција за да се вклопи во очекувањата на публиката во трката по високото место на киноблагајните.

Растоварен, ресетиран од таков вид потреби и очекувања, авторот со насмевка и со полно срце му се посветува на делото родено од чиста мисла и визија што самата се раѓа, слика што никој не ја наметнува, што не е дел од проект со дефинирани цел, мисија и визија.

Делото чисто како див мед


Таквиот уметник местото си го наоѓа во географијата посветена на независните, на обратните, на тие со мисија, а без агенда. На тие како Џармуш, Аронофски, Соденберг, Тарантино, Родригез, Коен. Такви од кои би се родиле „Вештерката од Блер“, „Ел Маријачи“, „Секс, лаги и видеоленти“, „Пи“, „Приведете ги осомничените“, „Гризлимен“, „Непријатна вистина“... „Медена земја“...

Иконите на „Санденс“ се тие што ѝ пркосат на капиталистичката страна на Холивуд. Тие што својот прв голем успех го постигнале токму на тој фестивал како потпис, верификација зад духот што го носат.

„Санденс“ е фестивал што е направен како Мека за обратните, тие што ги „чеша“ статус квото како во врска со филмскиот јазик, така и со темите што ги наметнуваат во своите раскажани приказни. Тие што ги јаде јанѕа дека може и поинаку, на тие на кои таксиратот им скиснал. Тој е прст во око на киноблагајните, на капитализмот зад уметноста, место каде што може да победи и филм со вкупен буџет од 7.000 долари каков што беше „Ел Маријачи“ на Родригез. Место на кое не му е важно кој си и од кој север доаѓаш, туку што имаш да покажеш.

Тоа е големината на сцената на која се искачија медените. А понекогаш не е лесно да се разбере од каква возвишена позиција доаѓа думата, изимот, пофалбата.

Понекогаш, небаре сме Раца што интимно, секако, ужива во картичките примени од некој си Солев, но не ни насетува каква големина се крие зад перото што ги напишало.

„Медена земја“ победи на некој си фестивал „Санденс“. Атиџе го победи консумеризмот.

Понекогаш зборот ни носи длабочина на цел еден философски концепт. Се чини дека речникот само што го збогативме со уште еден таков.