Не е потребно да ги изгорите книгите за да уништите една култура. Може само да престанете да читате“, вели Реј Бредбери, авторот на научнофантастичната класика „Фаренхајт 451“.  Неговиот современик и колега Исак Асимов, кој е познат и во популарната наука, пак, ќе каже: „Цврсто верувам дека самоукоста е единствениот вид образование што постои“. Артур Кларк, пак, со неговиот трет закон, сублимира: „Секоја доволно напредна технологија не може да се разликува од магија.
Умни биле овие автори на научна фантастика од минатиот век, преумни.
Технологијата, вештачката интелигенција, компјутеризацијата, автоматизацијата, но и егзистенцијализмот, еволуцијата на човекот, се теми што се неизбежно во фокусот на мислителите, научниците, иноваторите, на сите тие на кои им е важен напредокот и нашиот живот на Земјата. Сиве аспекти (и не само овие) имаат поврзувачки, понекогаш и домино-ефект, кој е особено значаен во ова време, кога мислиме на Агендата 2030.
Како што забележува и Меѓународната организација на трудот (ИЛО) во извештајот објавен на почетокот на годинава, „Глобална комисија за иднината на работните места“, технолошкиот напредок – вештачката интелигенција, автоматизацијата, роботизацијата – сето тоа ќе создаде нови работни места, но тие што ќе ги загубат своите постојни работи во оваа транзиција, можеби, ќе бидат најнеподготвени да ги искористат новите можности.
ИЛО, во споменатата студија, објаснува дека нови сили го трансформираат светот, а со тоа доаѓа и промената на работните места:
„Ваквите транзиции бараат решително дејствување. Тука лежат неброени можности да се унапреди квалитетот на работниот живот, да се прошири изборот, да се затвори родовиот јаз, да се поништат штетите што ги предизвика глобалната нееднаквост. Но, ништо од ова нема да се случи само од себе. Без решителна акција, ќе одиме кон свет што ја проширува постојната нееднаквост и несигурност“.
ИЛО предупредува и дека вештините од денешнината не се во согласност со работните места од утрешнината, како и дека новоздобиените вештини многу бргу застаруваат:
„Зазеленувањето на нашата економија, како што се приспособуваме на одржливата практика и на технологијата, ќе отвори милиони работни места, но други работни места ќе исчезнат, со оглед на тоа што земјите ја намалуваат индустријата што опфаќа јаглерод и слични загадувачи“.

Затоа, ИЛО предлага агенда за иднината, која е со фокус на човекот. Тоа значи дека работните места треба да го зацврстуваат социјалниот договор со ставање на луѓето и на работата во центарот на економската и на социјалната политика и на деловната практика. Оваа агенда се состои од три столба на дејствување, кои во комбинација ќе доведат до пораст, еднаквост и до одржливост за сегашните и за идните генерации:
1. Зголемување на инвестициите во можностите на луѓето
2. Зголемување на инвестициите во институциите што се занимаваат со работа (работни места, услови)
3. Зголемување на инвестициите за пристојна и за одржлива работа

Каде се младите во вака поставената иднина?


„Ако сте млади, образувани и имате искуство во програмирање, пријавете се на нашиот оглас. Вработуваме програмер со минимум петгодишно искуство. Плата – 500 евра“
Со среќа!
фотографија: Томислав Георгиев

Да, ќе им треба многу среќа на компаниите / организациите што вработуваат образувани, млади, но искусни кадри и нудат плата од 30.000 денари.
И да се разбереме, тие 30.000 ги сонуваат многумина од нас.
Како се движи младинската работна сила? Одговорот се знае и без многу голема анализа - патот им почнува во универзитетските клупи, па преку скопскиот аеродром, со нискобуџетните авионски летови во некоја од европските земји. Зошто да останат овде?
Ајде да разгледаме малку подлабоко во причините.
Стапката на невработеност (учество на бројот на невработените во вкупната работна сила) од последниот извештај на Државниот завод за статистика изнесува 22,4, при што е високо изразена младинската невработеност, а образовниот систем не е дизајниран така што ќе нуди практична работа.
„Практичниот дел за време на студиите, било да е тоа практика, волонтерство или привремена работа или, пак, привремена работа за време на летните месеци, ќе придонесат младите да здобиваат вештини што се неопходни за пласирање на пазарот на труд“, ни објаснува студијата „Младинска вработеност во Република Северна Македонија“, објавена во февруари годинава.

фотографија: Томислав Георгиев

Да се вратиме на платата од 500 евра за позицијата „млад, образован, искусен програмер“ од почетокот на текстов. Како што наведува Сојузот на синдикати, вредноста на синдикалната минимална кошница за април оваа година е 32.990 денари. Колкава мотивација ли му е потребна на младиот човек да се јави на огласот, додека, „таму некаде во белиот свет“, му се насмевнуваат четирицифрените бројки?

--------------------------------------------------------------------------
(одговорот напишете го овде, на нашата страница на „Фејсбук“, на страниците на министерствата, политичарите, на самите компании што објавуваат вакви огласи...)

Потребна ни е технологија водена од човечност

илустрација: Филип Велковски

Од друга страна, истиов млад човек (и не само тој), треба да ја има предвид и надоаѓачката криза на невработеност, која се шири благодарение на автоматизацијата и на другите технолошки иновации. Токму оваа криза е во фокусот и на веќе споменатиот извештај на ИЛО:
„Повикуваме на употреба на технологијата во поддршка на пристојна работа, како и на приод што овозможува технологија водена од човечност“, велат одговорните од агенцијата на Обединетите нации, чијшто мандат е да ја унапредува социјалната правда и да промовира пристојна работа преку поставување меѓународни стандарди во областа на трудот.
Податокот на Светска банка, кој, исто така, е споменат и во споменатиот извештај на ИЛО, вели дека две третини од работните места во земјите во развој ќе бидат подложни на автоматизација.

Широко отворени очи во повеќе области

Илустрација: Зоран Инадески

Сите овие аспекти се испреплетени, зависни еден од друг, и сите ни носат предизвици. Навистина, колку нашето образование создава кадри подготвени за влез на пазарот на трудот? Професорката Македонка Димитрова од Американ колеџот објаснува дека многу се пишува за нашиот образовен систем, но малку се прави.
- Изминативе години се воведуваа големи промени, место да тестираат одредени програми во неколку одделенија од една генерација. Имаме одлични примери од Ирска и од Шведска каде што системот го стимулира ученикот да ги надградува вештините, да истражува, да дискутира и да гради свој став почнувајќи од предучилишно образование. Само на овој начин би изградиле млади луѓе што се свесни за своето опкружување и за можностите што се укажуваат – вели Димитрова.
Таа објаснува дека, ако на оваа состојба ја додадеме моќта за апсорпција на кадри од реалниот сектор, тогаш се соочуваме со голем дисбаланс меѓу популарните општи занимања, а малкуте по струка.
-
Новите трендови диктираат идните генерации да се стремат кон здобивање знаења од повеќе области. На пример, медицински инженеринг, занимање што кај нас не можете да го здобиете ниту на еден од двата поврзани факултета, а медицината бара голема примена на современи методи при дијагностицирањето и работата. Со дигиталните технологии, не е задолжително да живеете и да работите на исто место, и тој тренд треба да се искористи од новите генерации. Ние како земја каскаме зад поразвиените бидејќи многу бавно се приспособуваме, со неколку изолирани примери за следење на нови трендови во образовните програми. Се прават напори, но сè се сведува на иницијативи од поединци, а промените бараат поголема основа за поддршка, која е подготвена за воведување промени и за експериментирање. Имаме информирани кадри, но и кадри што не се подготвени да поддржат промени за пресретнување на вистинските потреби од реалниот сектор – вели Димитрова.

Од неодамна во земјава работи и Деловно-технолошки акцелератор на УКИМ, чијашто идеја е да спојува академски истражувања, знаења и искуство со претприемачи, во насока на стимулирање на трансферот на академско знаење, до практична примена во нов иновативен бизнис, кој се фокусира на новите технологии. Александар Стамболиев, управителот на Акцелераторот на УКИМ, објаснува дека клучна карактеристика на квалитетните образовни системи е што тие овозможуваат исполнување на потенцијалот на секој ученик.
- Овие системи, освен стручност, во голема мера се засновани и на флексибилност, во согласност со потенцијалите на учениците и со потребите на пазарот на труд. Финскиот образовен систем функционира без наставни програми и најголемата одговорност ја имаат професорите, кои треба да ги адаптираат содржината и комплексноста на предметот, во согласност со потенцијалот на учениците. Технологијата овозможува поголема индивидуализација на наставниот процес, но, сепак, клучната инспирација за здобивање нови знаења и вештини доаѓа токму од професорите. Нивната посветеност кон струката и мотивираноста да ги следат најновите трендови секогаш ги забележуваат учениците и се вистински пример за зголемување на љубопитноста и на интересот токму кон нивниот предмет. Користењето интерактивни и дигитални наставни помагала во наставниот процес сериозно ја зголеми веројатноста за продлабочување на интересот на учениците токму во таа област. Технологијата нуди дигитални решенија за полесно сликовито и интерактивно совладување на наставната програма – објаснува Станболиев.
Тој додава и дека милениумците најмногу функционираат во дигиталниот свет, па оттаму, за да се привлече и задржи нивното внимание во образовниот процес, тој мора да вклучува наставни помагала што ќе бидат токму дигитални.
- За жал, процентот од државниот буџет што се одвојува за образование секоја година е сè помал. Нашиот образовен систем во периодов на транзиција постојано се менува и приспособува со цел да одговори на потребите на пазарот на трудот. Тој овозможува директно вклучување и на индустријата во создавањето на наставната програма на сите нивоа на образование (средно и високо), но оваа можност не е секогаш искористена од индустријата. Тоа ја отвора можноста наставните програми некогаш да не се соодветни со потребите на пазарот на трудот. Од друга страна, ефектите од дигитализацијата и од автоматизацијата уште повеќе го компликуваат образовниот процес. Со сигурност знаеме дека нема да знаеме какви работни места и со какви специјалности ќе треба да се создадат во следните 10 години – дециден е Стамболиев.

Одговори за сè поголемата потреба од дигитална трансформација побаравме и во една од организациите што нудат неформално образование, „Бреинстер“. Дарјан Раденковиќ од објаснува дека формалното образование секаде, а особено кај нас, има тешкотии да се приспособи на брзите промени и, преку наставната програма, соодветно да одговори на нив.
- Тоа е така прво затоа што поставеноста на системот не овозможува навремено вклучување на новитетите во курикулумите на факултетите. Промените во дигиталната ера на кои сме сведоци се случуваат речиси на неделно ниво и многу е тешко да се одговори на нив со статични курикулуми, кои треба да покријат три до пет години формално образование. Второ, затоа што практичната работа. историски, секогаш била, можеби, најслабата точка на формалните образовни институции кај нас – објаснува Раденковиќ.

Тој додава дека, со развојот на новите дигитални технологии и алатки и со нивната сè поширока прифатеност меѓу компаниите и институциите, расте потребата од луѓе што имаат вештини да ги управуваат.
- Токму ова е основата на т.н. digital skills gap или недостиг од кадри што поседуваат дигитални вештини. Тоа што е специфично за овој недостиг е што е поврзан со технологии и со вештини што се менуваат константно и побрзо од кога било. Затоа, кога станува збор за создавање кадри подготвени за новите услови на пазарот на труд, главен предуслов за образовните институции и за компаниите е способноста да се приспособат на промените преку ефикасно спроведување на новостите и со учење преку практична работа – вели Раденковиќ.

Но, продолжува тој, интересот за дигиталните вештини се развива независно, без оглед на тоа што на институционално или образовно ниво изминатите години не постоеше соодветна развојна политика, која би го покрила овој недостиг.
- Зголемениот пораст на побарувачката за овој тип кадри на пазарот придонесе за тоа младите луѓе да ја препознаат кариерата во дигиталните и во технолошките индустрии како одличен влог за иднината и да почнат да наоѓаат алтернативни начини на здобивање дигитални вештини - главно на странските платформи за учење на интернет или во едукативните установи специјализирани за дигитални вештини како што е „Бреинстер“. Големиот број пријави за нашите програми за програмирање, дигитален маркетинг, графички дизајн и data science е потврда на сето ова – вели тој.
Раденковиќ ги наведува и причините за природата на ваквиот интерес, покрај зголемената побарувачка на кадри со дигитални вештини:
- Финансиите - платите во овој сектор се прилично поголеми од просечните на пазарот. Второ, овој тип вештини нудат многу поголем простор за напредок во кариерата и за кариера што е отпорна на промените што ги носи технолошкиот развој. И, конечно, временскиот влог е многу помал по однос на формалното образование - со програмите што се создадени да одговорат на digital skils gap може за шест до 12 месеци да се здобијат вештини доволни за почеток на кариера – вели Раденковиќ
Тој заклучува дека развиеноста на пазарот на трудот во сегментот на дигиталните вештини и достапноста на алтернативни патеки на учење ќе продолжи да го движи напред интересот на младите луѓе:
- Може да очекуваме дека сè повеќе млади луѓе ќе се решаваат за овој тип кариера и за алтернативни форми за учење на сметка на формалното образование и кариера во администрација.

Враќање на практиката и на достоинството на образованието по струка


Ако се согласуваме со идејата дека младите се иднината, тогаш се наметнува прашањето како да ги поттикнеме да бидат подобро вклучени во развојот на економијата? Колку работата на развивање на нивниот интерес за иновации ги подобрува и нивната улога и придонес кон создавање силна економија? 
- Младите, во голема мера, можат да ја придвижат оваа состојба, но доколку ги стимулираме од рана возраст да се запознаваат со разните професии, начинот на работа што ја бара одредена професија, како и да здобиваат практично искуство преку неколкучасовна практична работа во фирмите. Личното располагање со финансии и зголемената економска моќ кај младите ќе го намали и бројот на тие што сметаат дека би имале подостоинствен живот ако го продолжат своето образование на факултет. На овој начин ќе се зголеми и интересот за занимањата по струка. Притоа, треба да се врати достоинството на образованието по струка затоа што најголемиот дел од работната сила се повлекува токму од овој сектор – вели Димитрова.
Таа нагласува дека не станува збор само за нивото на образование кога зборуваме за иновации, туку и за општата култура на иновирање.
- Погледнете ја Холандија, системот ги учи да бидат поинакви и на тоа гледаат како на ресурс, а не како за основа за дискриминација. Така се развива култура на креативност, а оттука се раѓаат иновациите што водат кон создавање силна економија базирана на знаење – вели Димитрова.
Стамболиев, пак, додава дека глобалниот свет веќе ни е на дланка.
- Пристапот до информации никогаш не бил полесен. Но, мораме да се научиме како од морето информации да ги пронајдеме тие што ни се потребни и како да ги обработиме во употребливи податоци. Младите можат да бидат клучен двигател на обезбедување дигитални решенија за локалниот и за глобалниот пазар. Нивото на техничко знаење на нашите студенти, несомнено, е на високо ниво, но, сепак, постои простор за унапредување на бизнис-логиката во развивање нови технолошки решенија – вели Стамболиев.
Затоа, додава тој, постои и Акцелераторот на УКИМ, кој ги идентификува талентираните и овозможува дополнителни знаења од мрежата глобални и локални ментори, кои имаат специјалност во развој на технологии и во водење стартапи.
- Токму тоа и го правиме со предакцелераторската програма наменета за студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Несомнено е дека, и покрај ограничениот и повеќе од скромен буџет во образованието, сведоци сме дека создаваме исклучителни ИТ-професионалци, но, многу често нивните потенцијали се забележуваат надвор - по студиите тие ја напуштаат земјата и работат во странство. Така, се чини како самата држава да ги извезува умовите во кои инвестирала и кои треба да ја движат економијата, да го унапредуваат општеството. Стамболиев смета дека трендот на голема мобилност е присутен во сите земји во светот и не можеме да влијаеме на тоа.  
Професорката Димитрова објаснува дека, ако веќе изградиме добра основа на квалитетни кадри, потребно е да ги стимулираме да останат во нашата земја и оттука да градат меѓународна кариера или да здобијат определено искуство и да се вратат во земјата да го споделат и применат:
- Мобилноста на пазарот на труд во светот е на високо ниво, но се придвижија работите со странските инвестиции во земјата, а патувањето до и од работното место стана секојдневие. Странските инвестиции во голема мера го размрдаа домашниот пазар на труд, но, во исто време, во своите фабрики ги повлекоа сите кадри што беа на располагање од поширокото опкружување. Денес, во Кавадарци, на пример, не можете да најдете невработено лице поради присуството на странска инвестиција. Но, во исто време, не можете да најдете ни лице што обработува земја во регион што е интензивно земјоделски. Јас тука ги гледам стратегиските одлуки во приспособување на потребите на пазарот на труд со одредени региони во Македонија, искористување на нивните потенцијали и овозможување опкружување што ќе го поттикнува духот на засилување на локалните предности. Секако, подобро е да инвестираме во градење наменски кадри, отколку во преквалификација на готови кадри – вели Димитрова.

Можности со Акцелераторот на УКИМ - буџет од половина милион евра на располагање на иновативни стартапи


Александар Стамболиев од Деловно-технолошкиот акцелератор на УКИМ вели дека  изминатиов семестар ги идентификувале предметите што опфаќаат претприемаштво и иновации и во соработка со професорите ги надградувале технолошките решенија и ги приспособувале бизнис-моделите на повеќе од 1.000 студенти.
- Оваа година имавме и ментори од Универзитетот за применети науки и уметности од Луцерн, Швајцарија. Вкупно 72 студенти на МБА студии и шест професори во периодот од 6 до 11 мај интензивно работеа со нашите 13 студентски тимови и стартапи. Токму нивната забелешка беше на високата технолошка подготвеност на нашите студенти, но сè уште има простор за унапредување на бизнис-логиката. Веќе преговараме и со други европски универзитети да ја продолжиме оваа соработка во следните семестри. На овој начин планираме да го приближиме знаењето на нашите колеги од Европа, но истовремено и полесно да ги идентификуваме потребите на потенцијалните клиенти – вели тој.
Додава и дека, освен пристап до знаење и ментори, Акцелераторот на УКИМ располага и со финансиски средства што се наменети за инвестиции токму во технолошки напредните стартапи.
- Вкупниот буџет со кој располагаме изнесува 530.000 евра, а во еден стартап можеме да инвестираме најмногу 100.000 евра. Успеавме да го привлечеме вниманието и на глобални и на локални партнери што изразија желба да бидат коинвеститори и на овој начин се надеваме дека износот што ќе можеме да им го ставиме на располагање на нашите стартапи ќе се зголеми неколкукратно – вели Стамболиев.



Носечка тема на 36. број на „Лице в лице“ е: Ква­ли­тет­но обра­зо­ва­ние – ос­но­ва за сил­на еко­но­ми­ја. 
Автор на насловницата на 36. број на „Лице в лице“: Зоран Инадески