Во време на бетонска доминација низ градовите и сѐ помалку блискост до природата, ботаничките градини се една од опциите да се побегне во една поинаква димензија, која нуди богатство од ретки видови растенија, бои, форми, мириси и, во исто време, илустрира грижа на човекот за тоа што значи природа.
Скопје ја има Ботаничката градина при Природно-математичкиот факултет, (ПМФ), која организациски припаѓа на Ботаничкиот завод на Институтот за биологија и е тесно поврзана со наставната практика за студентите. Но тоа што ѝ дава вредност плус е што сѐ почесто станува место и за едукација на учениците од основните и од средните училишта, но и за други заинтересирани граѓани за урбано градинарство.
Едукаторот и еколог од ботаничката градина, Цветанка Цветкоска, нагласува дека целта на едукативниот простор е да се влијае на засилување на свеста за значењето на растенијата и на нивната улога во нашето живеење и открива дека програмите се направени со комбинација од активности што ги реализираат ботаничките градини низ светот, а се приспособени на нашите услови. 


Во светот постојат многубројни ботанички градини што го одземаат здивот со понудата што ја имаат. Што можеме да видиме во нашата ботаничка градина и како, всушност, се развиваше целиот процес на нејзино создавање?


Ботаничката градина на ПМФ егзистира уште од педесеттите години на минатиот век. При самото формирање биле ангажирани најдобрите стручњаци од Југославија за да се направи  таква каква што ѝ прилега на една држава. Полека почнала да прераснува во простор каде што луѓето со восхит уживале во растителниот свет. Во периодот на нејзино најдобро функционирање, за површина од 14 хектари се грижеле 19 работници и двајца научни соработници. Но, како што поминувало времето, финансиските средства се намалувале, работниците се пензионирале, без притоа да се вработуваат нови и денес се сведуваме на еден постојано вработен и на еден хонорарец. Последните години ботаничката градина беше во прилично лоша состојба, без никаква понуда за посетителите. Во периодот од 2017 до 2019 година успеавме да реконструираме еден од стаклениците. Тој доби интересна конструкција, која е привлечна за посетителите, а обезбедува и соодветни услови за растенијата од пустинските, тропските и од суптропските предели. Но, ние не застануваме само на овој стакленик, во план е реконструкцијата на малиот стакленик, формирање расадник за растенија, обновување на објектот за ex-situ заштита на растенијата од македонската флора, обезбедување катче со лековити и со ароматични растенија за потребите на новата насока на Институтот за биологија – нутриционизам итн. Ботаничката градина располага со парк што има повеќе од 250 интересни и специфични, главно, алохтони дрвенести растенија и грмушки. Дел од нив се засадени уште од самото нејзино создавање. Наскоро, тие ќе бидат означени со информативни табли од кои посетителите ќе можат подетално да се запознаат со нивните карактеристики, распространување и сл.


Тоа што ја маркира вашата работа е воспоставување релации со младата целна група, особено преку работилници што треба да донесат придобивки на повеќе нивоа.
Кои од нив ќе бидат најважни? Како ја создавате програмата за вклучување на младите?


Во стакленикот и во паркот е обезбеден  едукативен простор за сите возрасти. Почнавме со реализација на работилници за засилување на свеста за значењето на растенијата, за деца и за млади. Учениците имаат можност да се запознаат со царството на растенија од различни аспекти. Програмите се направени со комбинација од активности што ги реализираат ботаничките градини низ светот и се приспособени на нашите услови. 

Главна цел на работилниците е учесниците да го разберат функционирањето на растенијата и нивната улога. Има една порака што вели: „Шумите се белите дробови на планетата Земја“, а јас би додала дека тие „бели дробови“ нема да функционираат беспрекорно ако нема малечки „алвеоли“, што значи, без разлика на големината, растенијата се многу значајни и за луѓето и за животните, пред сѐ заради продукцијата на кислород. Но, нивниот магичен свет ни обезбедува и многу други придобивки и со голем дел од нив можеме да се запознаеме на работилниците.  

Свеста треба да се развива од најмала возраст, па затоа почнавме токму со таа целна група. Без разлика на програмата што ја избрале, секогаш одвојуваме малку време за да им укажеме на децата зошто треба да ги заштитуваме растенијата и кои се последиците од нивното уништување. 


Урбаните градини се сѐ популарни во светот. Во рамки на проектот што го имате заедно со Институтот за комуникации, веќе се најавува урбана градина на покрив од куќа во Мралино, потоа вертикална градина на тераса во Ново Лисиче, градини низ дворови во Скопје.  Како Институт за биологија одржавте работилници за граѓани што сакаат да се занимаваат со урбано градинарство. Што е тоа што е најважно да го научат граѓаните на овие работилници, а се однесува на осознавање на придобивките што ги носи урбаната градина?


Ботаничката градина, Македонското биолошко друштво и Институтот за комуникациски студии се партнери во реализацијата на активностите за создавање урбани градини, кои се реализираат во рамките на кампањата „Не игнорирај! Реагирај! За подобар град“. Во нејзини рамки беа реализирани две работилници на кои учествуваа шеесетина учесници. Следни чекори се дефинирање на урбаната градина со засадување на растенијата што беа засеани на работилниците, грижа за нив и, секако, добивање плодови што нема да имаат никаков хемиски третман и ќе можат безбедно да се користат во исхраната. Урбаните градини дозволуваат човекот да ја прикаже својата креативност, така што може да бидат најразлични. Има многу идеи и верувам дека ако се сака, може да се направат многу креативни решенија. Самата конструкција на градината и механичката подготовка е многу значаен чекор, но тоа што е многу позначајно е одржувањето на растенијата. За нив е потребна секојдневна грижа. Плодовите што ги добиваме и кои ќе можеме да ги користиме во исхраната без притоа да се замислуваме дали се ГМО или се хемиски третирани се најголемата придобивка од сопствената урбана градина. Покрај тоа, не смее да се заборави и психо-физичката придобивка што од изработката и одржувањето на самите градини. Тоа е еден вид „градинарска терапија“, која секојдневно ни помага да го подобриме квалитетот на нашиот живот будејќи ја во нас креативноста, одговорноста и подобрувајќи ја нашата физичка кондиција.


Како го оценувате растителниот диверзитет на Македонија и како, соодветно на тоа -  семенската збирка што ја има Ботаничката градина во Скопје (во поглед на богатството од автохтони видови растенија)?
Како, пак, би ја  окарактеризирале соработката со други ботанички градини / центри надвор од нашата земја и што опфаќа таа?


Македонија претставува „жешка точка“ на биодиверзитет. На нејзината територија се наоѓаат околу 3.700 растителни видови од кои 117 се ендемични, а голем дел се ретки и реликтни. Во ботаничката градина постои објект за аклиматизација на ретки и ендемични растенија, кој е наменет за ex-situ заштита на растенијата од македонската флора, во кој има триесетина видови. Во текот на следните теренски активности ќе бидат донесени различни растенија што ќе бидат интродуцирани во самиот објект. Што се однесува до соработката меѓу ботаничките градини надвор од нашата земја, веќе имаме стапено во контакт со Ботаничката градина при БАН во Софија и Ботаничката градина Јевремовац во Белград за можна размена на растенија. Една од нашите стратегиски цели е да се обнови семенската збирка со автохтони растителни видови од нашата флора. На тој начин ќе можеме да стапиме во контакт со ботаничките градини низ Европа и да вршиме размена на семенски материјал.

Концептот на урбана градина, освен грижата за зеленилото и здраво опкружување, го промовира и концептот на органско производство на храна.
Како во перспектива го гледате нивниот развој кај нас?


Органското производство претставува една посебна наука, која опфаќа многу сегменти. Факт е дека бара повеќе знаење и трпение, но продуктот што се добива е бесценет. Ние денес внесуваме различна храна од растително потекло за која не сме сигурни дали е ГМО, дали е хемиски третирана, во каква почва е одгледувана, со каква вода е наводнувана... Сите овие аспекти се многу значајни бидејќи растенијата ги апсорбираат штетните материи и на тој начин ние преку исхраната ги внесуваме во нашето тело. Накратко, тоа е објаснувањето зошто е значајно да се пристапи кон органско производство. На работилниците учесниците имаа можност да се запознаат со начините со кои се извршува биолошка контрола на штетници, изработка на природни препарати против штетници и болести, изработка на препарати за прихранување итн. 

Мислам дека нашата земја има капацитет да пристапи кон органско производство бидејќи имаме многу плодни и обработливи површини. Меѓутоа, едукацијата е многу значаен сегмент. Луѓето мора да станат свесни дека треба да се гледа на квалитет, а не на квантитет. Со користењето хибриди, можеби, се добиваат поголеми и „посовршени“ плодови, но тие не се ни близу вкусни и квалитетни колку нашите алохтони сорти. Прскањето со пестициди ги загадува почвата, водата, растенијата и, воопшто, целата животна средина. Сакајќи да ги отруеме штетниците, ние си се труеме самите себе. 

Иако минатите години луѓето сè повеќе се оддалечуваа од производството на градинарски култури за своја употреба, заинтересираноста на обуките за урбани градини во кои имаше и многу млади ни дава надеж дека веќе стануваме свесни. 

Ние советуваме, „не чекајте, направете си градина за своја душа, таа ќе ве храни, но, и ќе направи да имате посреќен и поквалитетен живот“.  Една од најблагородните активности на човекот е создавање храна, истовремено зголемувајќи го урбаното зеленило и придонесувајќи за почиста средина. Секој квадрат зеленило во градската бетонска џунгла придонесува за намалување на екстремите во температурата, со што се подобрува микроклимата.