Ко­ри­сте­ње­то на ке­ра­мич­ки­те про­из­во­ди има мно­гу­број­ни пред­но­сти - тра­ат дол­го, мо­же­ме да ги оста­ви­ме во нас­ледс­тво на сво­и­те бли­ски, се пра­ват од еко­ло­шки ма­те­ри­ја­ли што се не­то­ксич­ни и без­бед­ни во ис­хра­на­та. Освен што се зна­чај­ни за за­чу­ву­ва­ње на жи­вот­на­та сре­ди­на, тие му сто­јат на пат и на кон­су­ме­риз­мот, а пре­ку ра­бо­тил­ни­ци­те за ке­ра­ми­ка, во ова вре­ме на брз тех­но­ло­шки раз­вој, се за­ба­ву­ва ин­тен­зив­ни­от на­чин на жи­вот и се до­би­ва мож­ност  за ви­стин­ско опип­ли­во иску­су­ва­ње на про­це­сот, кој сам по се­бе, отво­ра раз­лич­ни на­чи­ни на гле­да­ње и на до­жи­ву­ва­ње

Kеракамика. Не „керамика“. И не е грешка. Тоа е вистинскoто име на студиото во кое, од глина, покрај украсните и корисни предмети, се обликуваат, во совршена форма, и малку подзаборавените вештини за рачна изработка. И тоа токму во време на подем на дигиталната технологија, кога прстите, и кај младите, и кај возрасните, од вештини – знаат само за типкање на тастатура на лаптоп, таблет или на мобилен. Извинување до тие што и успешно готват.

Приказна со многу предизвици


Главната движечка сила на студиото, кое се наоѓа во Скопската чаршија, каде се и најмногубројни местата што во фокус ги имаат рачните вештини, се Татјана и Борче Богоевски, (Тања и Боки), дипломирани ликовни уметници. Велат дека „Керакамика“ за нив е многу повеќе од работа, од студио, од бизнис.
Оваа нивна лична приказна датира од времето на студирање на Ликовната академија во Скопје.
- Мечтаевме, сонувавме и имавме силна желба да направиме нешто сами, да споделуваме и поттикнуваме креативност, да помагаме и придонесуваме за подобро утре, додека уживаме во работата. Во тоа време, предизвиците од типот на ниска самодоверба, неподдржување од околината и немање пример и успешна приказна за поттик беа причина идејата да остане само идеја. Но, не за долго - велат тие. Откако формирале семејство, одлуките им биле похрабри и со повеќе сила и полет. Финансиските ризици резултирале со позитивен исход – откупена печка и материјали за керамика. Коцкичките се ределе и понатаму. Првиот простор на користење, пред пет години, го добиле од МАТА и центарот „Артизан“, кои, пак, имаат привремени простории од Град Скопје, наменети токму за заживување на старите чаршиски занаети.
- И сѐ се вклопи идеално! Името доби уште повеќе смисла откако го преименувавме од „Керамика-кафе“ во „Керакамика“, слаткото зборче изговорено од нашето синче, кое звучеше игриво и доволно асоцијативно за да стане наш личен печат - раскажуваат Богоевски. На почетокот, студиото нудело можност само да се глазира (бои) готова керамика, додека се ужива во омилениот пијалак. Најчестите посети биле од родители што боеле заедно со своите дечиња, двојки што креативно си прославувале убави поводи, другарки што глазирале шолји за следните кафе-дружби... Но, потоа се појавил и интерес за креативно прославување родендени, за тим-билдинзи, ангажмани за настани во корпорации, училишта... -Така, всушност, и дојдовме на идеја да организираме групни работилници за учење одредени техники, како: работа на грнчарско колце, печатење со шаблони, фототрансфер... Овие работилници беа многу посетени, и тогаш запознавме интересни креативци од разни области, со кои веќе имаме и почетни планови за идни соработки – раскажува Тања.

Преку креативност до забавување на интензивниот начин на живот


Ги прашувам Богоевски, кои се за нив компонентите што го прават ова студио поинакво од другите креативни студија за деца и за возрасни? И двајцата се согласуваат дека посебноста на „Керакамика“ е отвореноста кон концепти што одговараат на различен тип публика. Поточно, тоа што одредени техники можат да се работат и во домашни услови, и не треба некој голем почетен влог, а придобивките се релаксирачко хоби, кое може да прерасне во идна креативна професија или да придонесе за дополнителна финансиска независност.
- Дури и имавме неколку такви позитивни примери, кога наши посетители при
добивките од техниките за шаблони ги користат во комерцијални цели, поради што сме екстремно среќни - велат тие. Инаку, нивните уникатни колекции од керамика редовно се достапни и во нивната продавничка на интернет, а се изложуваат и на селектирани базари, изложби и настани. - Постојано учиме и се надградуваме во ателјето и надвор од него, на обуки, саеми, предавања од областа. Во моментов студиото функционира со закажување индивидуални или групни работилници, кој било ден од неделата, но, отворени сме и за соработка на други локации за поголеми групи – појаснува Тања.
Таа нагласува дека главните придобивки од работилниците за керамика, во ова време на брз технолошки развој, се забавување на интензивниот начин на живот и добивање можност за вистинско опипливо искусување на процесот, кој сам по себе отвора различни начини на гледање и на доживување на



работите.
- Самиот процес бара посветување, а тоа значи и оттргнување од секојдневните мисли со кои се преокупираме, не сфаќајќи дека тие ни го обликуваат моментот, секојдневието, животот... Убавината е во тоа што кога се оттргнуваме од „проблемите“ - тогаш доаѓаат решенијата, и пообјективно гледаме на работите. Од дистанца. Додека креираш, мора да си присутен во тоа што го правиш, инаку глината ќе те потсети да се вратиш во „моментот“ со тоа што „нешто ќе тргне наопаку“. Мора постојано да соработувате – вели Тања. Како на некој што одамна не направил нешто креативно со глина (од број на чевли 25), Боки и Тања ми објаснуваат дека процесот на изработка на предмет од керамика трае околу еден месец и вклучува: изработка, сушење три недели, прво печење три дена на 1.000 степени, глазирање и второ печење со исто траење. Се согласувам со нив дека изработката и растењето на нешто од прав во предмет по мерак за око и за душа е магично чувство. - Керамиката овозможува речиси сѐ што ќе си замислиме - да направиме. Мора да бидеме подготвени да чекаме, ама вреди! Значи, нема брзање, ако сакате нешто да изработите за еден месец, ќе си ги видите плодовите од трудот. Се случува некогаш и да не излезат како што сме ги замислувале, или при печењето предметот да пукне, глазурата да се измени... но, сето тоа се мали лекции што се тука за да можеме да напредуваме – вели Боки. Најчесто, додава тој, резултатите се многу подобри од очекуваното и тогаш „возбудата е како да дошол Дедо Мраз, или како да сме ја виделе љубовта на нашиот живот“.

Керамички производи против консумеризам


Користењето на керамичките производи си има многубројни предности, покрај тоа што траат навистина долго и можеме да ги оставиме и во наследство на своите блиски. Но, тоа што е посебно важно за нив е употребата на еколошките материјали, кои се нетоксични и безбедни за во исхраната. - Значајни се за зачувување на нашата средина и не го поттикнуваат консумеризмот, зашто покриваат наша потреба, поради која, ако отидеме да пазаруваме, ќе се вратиме, можеби, со куп непотребни нешта. Се трудиме да подариме искуство, место луѓето да купат само готов производ. Исто, настојуваме пакувањата да ни бидат разградливи, 



или, уште подобро - веќе рециклирани. Сознанието дека нема да прават отпад - нѐ прави среќни. Друга, огромна придобивка е и можноста за персонализирање на керамиката што ја користиме секојдневно и на која сме навикнати. Сите ние се разликуваме и имаме различни потреби, ставови и нешта што нѐ прават среќни. Место да користиме производи од калап, кои едвај ги забележуваме, можеме да користиме работи што нѐ поттикнуваат да почнеме да се менуваме однатре, носат одредена порака или нѐ потсетуваат да останеме свои, уникатни! – ми појаснува Тања, прашана за бенефитите зошто е важно да користиме керамика.
И двајцата, за керамиката зборуваат со многу страст, љубов и силна енергија. - Веруваме дека со вложувањето во работите додека ги правиме, добиваме многу. Со самото тоа што влегуваме во посебен свет, каде што
се чувствуваме убаво, производот што ќе произлезе од тој творечки процес впива и носи одредена енергија, која се чувствува и пренесува. Тоа се “работи со душа” – велат тие.
Не кријат дека дел од нивните идни планови е „Керакамика“, каде што константа се насмеани и задоволни лица што уживаат во играта, да се вклучува и во потфати со социјален карактер. - Досега собиравме искуства за во иднина да имаме појасна слика како да се организираме. Многу ни е битно е да пренесуваме знаење, да се поврзуваме и здружуваме и заедно да помагаме да се придвижуваат работите, паралелно за сите, во нагорна линија, но, истовремено да продолжиме да го негуваме и изразуваме индивидуалното што го носиме во себе. Сѐ додека ни трепери душата кога размислуваме за тоа што го работиме, сметаме дека сме на правиот пат! – велат Тања и Боки.

Фото: Драган Гајиќ