И меѓу учениците и меѓу нивните родители важи за нетипичен наставник, кој преку своите  креативни и неконвенционални чекори прави позитивни влијанија кај младите, чиешто внимание не е едноставно да се придобие ако само слепо се следат програмските образовни шеми - без индивидуален печат.
Ивица Трајковски е наставник што предизвикува внимание со својот начин на работа и пристап кон учениците, особено во време кога суштинските системски реформи во образованието тешко го наоѓаат својот пат.
Предава историја и граѓанско општество во основните училишта „Димитар Миладинов“ и „11 Октомври“ и силно верува дека мора да сме мотивирани секој ден зашто децата учат од нас, и тоа не само лекцијата, туку учат и од нашите постапки и однесување.

„Лице в лице“ го има за свој соговорник затоа што сме на страната на образование што носи предзнак современо, креативно, иновативно, граѓанско...


Вие сте единствениот наставник кај нас што, со своите ученици, активно се вклучи во глобалната иницијатива Fridays For Future.
Колку е важно наставникот / едукаторот да биде отворен за иновативен пристап, за отворање актуелни, глобални теми со учениците (како што се климатските промени, рециклирањето, штедењето електрична енергија) и за учење - преку теми за кои децата покажуваат и интерес, но и имаат афинитети?





Наставникот треба да си ја сака работата, тоа е основното. Во моментот кога ќе сфати дека ја има најважната работа во светот, прво што треба да направи е да преземе и да инсталира нов софтвер за работа. Стариот многу „запира и сечка“, односно е нефункционален. Децата се многу понапредни од времето кога ние бевме ученици, сакаат предизвици, навикнати се на технологија и преферираат нешто што е поопипливо, нешто од новово време. Дефинитивно, мразат препишување книга во тетратка и учење на памет. Сакаат разговори, дискусија и обожаваат дебата, ние само треба да ги насочиме кон вистинскиот извор. Кога наставникот ќе каже дека доаѓа нов предизвик за човекот, а во игра е и неговото истребување од планетата Земја, а мобилизацијата треба да биде на повисоко ниво од тоа во Втората светска војна (тема интересна за секој ученик), веќе имаме насочена дискусија со многу поважен исказ. Веќе не се работи за добри и за лоши луѓе, туку за животот на сите луѓе на оваа планета. Веќе имаме тензично внимание и почнува сервирањето на најактуелната тема што, секако, ќе ги интересира, климатските промени. Може да истражуваат на интернет, има многу видеа на „Јутуб“, има познати актери и музичари што прават дела и дискутираат токму за ова. Потоа почнуваме ненападно со работи како што се штедење енергија во училиштето и во домот, рециклирање пластика, чист и зелен училиштен двор и слично. Јас почнав вака. Верувам секој наставник може да оддели време (ако сака) за мал осврт на тоа што ќе дишеме наредната зима, особено во Скопје.




Колку може наставникот сам да се избори за слобода во креативното осмислување и на часот, но и, генерално, на зададената образовна програма? Или, пак, тоа треба да биде (по)добро поставено од страна на самиот образовен систем? Каков е вашиот став?  






Образованието трпи критики низ целиот свет, какво било, какво е и какво треба да биде. Тоа не значи дека наставникот треба да биде пасивен и да чека некој друг да направи промена, а тој само да ја спроведе. Мислам дека сѐ тргнува од него. Тој е главниот лик во приказната на неговиот час. Колку и да е добро „сервирана“ програмата од МОН, наставникот е тој што треба да биде интересен во пристапот. Во спротивно, какви и активности да им дадам на учениците, ако претходно не сум соодветно „поврзан“, сè е џабе. Според мене, приодот е најважен, па потоа програмата за предметот и наставната единица. На „досадниот“ наставник дајте му го најинтересниот предмет со најинтересната лекција, часот нема да биде таков како што треба да биде. Учениците ги подготвуваме за животот, не само за свидетелство преполно со петки.


Колку (дигиталната) технологијата, или добро подготвениот училиштен амбиент, кој го носи духот на новото време, може да влијае на зголемување на мотивацијата, заинтригираноста кај учениците? Имаме ли, всушност, кај нас соодветна современа настава? Како вие ги вметнувате дигиталните алатки, особено ако знаеме дека имаме генерации што „се растени“ пред таблет, лаптоп и сл?






Денешните ученици уште од најмала возраст добро се запознаени со современата технологија носејќи ја во сопствениот џеб. Таквиот факт мораме да го прифатиме и, според мене, подобро да го искористиме нејзиниот позитивен ефект, отколку да се обидеме комплетно да ја спречиме. Имаме реномирани канали на „Јутуб“, кои вешто и интересно ги објаснуваат историските настани (било како документарен или анимиран филм). „Македокс“ ни подготви прекрасни документарни филмови што ги користиме по многу предмети. Мотивациски видеа и приказни на успешно живеен живот се повеќе од добредојдени кога енергијата во одделението е на ниско ниво. Некогаш слушаме музика и така се охрабруваме во „дождливите“ денови. Имаме примери кога учениците даваат предлог-видео за наредниот час. Комуницираме преку е-пошта и социјалните мрежи и ги користиме како алатка за прашања и за одговори поврзани со учењето. Јас имам „пластичен“ предмет, па можам, буквално, на секој час да ја спроведам фамозната ИКТ-техника (Информатичко-комуникациски технологии) што, дефинитивно, е најинтересна за учениците. Но, тоа не е изговор за другите часови да бидат монотони. Познавам колега по математика, кој како предмет е прилично со помал простор за маневрирање на самиот час (освен мал број наставни единици, другото е решавање задачи), кој прво е пријател со своите ученици, и колку и да е лекцијата што треба да се изучува специфична, енергијата на часот е позитивна, а тоа учениците јавно го споделуваат. Сѐ додека наставникот има контрола врз часот, со мала заемна доверба и почит, многу лесно часот може  да биде интересен - со вметнување на нивните омилени дигитални алатки и апликации. Се разбира, на крајот да извадиме заклучок и среќни да појдеме на следниот час.