14 години „Лице в лице“: од едно списание до заедница што движи промени
Овој 15-ти септември, „Лице в лице“ прославува 14 години од првото издание на уличното списание за одржлив развој. Што се промени? Луѓе добија можност, верба, работа, приходи, нови вештини и знаења, самостојност. Други добија место каде што припаѓаат. Се создаде заедница што денес повеќе гледа, слуша, прашува и делува.
Пред 14 години, вклучивме луѓе кои не знаеја колку вреди една банкнота од 100 денари. Луѓе кои не знаеја каде е центарот на Скопје, иако живееја на само неколку километри од таму. Луѓе кои не веруваа дека можат да напишат буква, а не цели писма. Луѓе кои ни самите тие, а ниту пак нивните блиски, мислеа дека се способни да работат и да си го подобрат животот.
Денес, тие луѓе имаат работа. Изградија домови но и вештини. Имаат семејства на кои им пишуваат пораки, имаат пријатели каде и да отидат. Самите заработуваат и си го менуваат животот на подобро.
Пред 14 години, заедно со колегите од Србија, „Лицеулице“, се водевме од мотото: „Купувајќи „Лице в лице“, помагаш на многумина. Читајќи „Лице в лице“, си помагаш себе си.“ Денес, ова мото сè уште звучи моќно и освестувачко.
Го паметите Игорче? Денес има работа што ја сака и ново поглавје во животот
Веќе знаеме дека промената не се случува само преку големи зборови за инклузија, за солидарност и одржливост, туку, многу повеќе во начинот на кој купуваме, што читаме, слушаме, како работиме, и пред дали и како се гледаме едни со други.
Веќе 14 години, ја градиме заедницата во која сакаме да живееме.
„Лице в лице“ не е само списание, ниту пак единствено е приказна за луѓето кои го продаваат. Зад него стои една зедница што растеше со секоја средба на улица, со секое отворање на страниците на списанието, на настани, во разговори, преку приказни, прашања, споделување нови идеи и планови за нивна реализација.
Од „невидлив“ до готвач: приказната на Валентин кој 20 години не постоеше за системот
Менуваме животи, лице в лице
Кога купуваме „Лице в лице“, не правиме само добро дело. Директно поддржуваме одлука за работа. Освен тоа што половина од продажната цена на нашите производи им припаѓа на продавачите, тие добиваат и можност за поголема самостојност, достоинство и учество во заедницата.
Од животна крстосница до поддршка за други: Приказната на Марија која ја претвори болката во сила
Кога читаме „Лице в лице“, влегуваме во другата страна на мисијата, онаа што отвора прашања, ги поместува границите на јавниот разговор и носи во фокус теми за кои сè уште нема доволно простор.
Затоа, ни требаат и двете. И токму во тоа е суштината на нашата мисија. Оваа нејзина дуалност е важна бидејќи, од една страна, создаваме можност за зајакнување на луѓе кои се соочуваат со различни социјални и економски бариери. Тоа што сме купиле производ од нив не е милостина, туку поддршка на труд, на работа! Преку „Лице в лице“, нашите продавачи учат вештини, се социјализираат, но и имаат можност за поголема самостојност, прават чекори кон поголема економска и социјална вклученост.
Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
Од друга страна, преку сите наши содржини, отвораме теми за кои често нема доволно простор во јавноста. Зборуваме за нееднаквостите, за дискриминацијата, за човековите права, дискриминацијата, животната средина, менталното здравје, пристапноста, солидарноста, оджрливоста, за луѓето кои секојдневно создаваат промена околу себе.
Оваа промена не почнува со големи политики и системски решенија. Да, тие се исклучително важни, но, без свесноста на граѓаните, нема да функционираат. Затоа, „Лице в лице“ се залага дека промената почнува со тоа, кого ќе го видиме, кого ќе го слушнеме и со кого ќе застанеме во разговор.
Умин Дол: Како една жена го претвори малото село во рурална туристичка приказна што привлекува гости?
14 години градиме поинклузивна заедница
Низ овие 14 години, многу нешта се променија. Денес, многу повеќе и поквалитетно зборуваме за одржливост, за социјална економија, за инклузија, за еднакви можности, за одговорно производство, потрошувачка, одговорни бизниси, граѓан(к)и… Многу повеќе зборуваме и знаеме за тоа во какво општество сакаме да живеме, и какво општество сакаме да оставиме зад себе.
За „Лице в лице“ овие теми не се нови трендови „увезени“ од тој, „развиениот Запад“. Ние 14 години ги живееме, преку оваа заедница на луѓе од овде, од дома. Од Шуто Оризари, од Волково, од Битола, од Куманово, од Неготино, од Струга…
Како?
Преку продавачите кои со својата работа ја градат сопствената самостојност. Преку читателите кои избираат да платат за содржина што отвора важни прашања, наместо само да го следат она што е најгласно.
Преку авторите на содржини – новинар(к)и, фотограф(к)и, илустратор(к)и, координатор(к)и на продавачите, соработниците и партнерите кои веруваат дека медиумите можат да бидат простор за разбирање и освестување, а не само за (дез)информирање.
Преку сите вас, кои во овие 14 години застанавте, купивте списание, картичка, честитка, букмаркер, нотес… прочитавте текст, споделивте приказна, одговоривте на прашалник, пријавивте тема, започнавте разговор или, едноставно, погледнавте посуштински на човекот пред себе, но и во себе.
„Тоа што сум била вчера не можам да бидам денес“ – приказната на Ивона за промената, силата и движењето
Така изградивме заедница, со секој/а од вас. Од едно списание, се создаде заедница која не е совршена, но не е ниту заокружена, затворена. Тоа е активна заедница што расте, посвесна, посолидарна, поинклузивна, поодговорна и сè поспремна да верува дека промената не е туѓа работа. Токму оваа заедница (ќе) создава повеќе можности за луѓето и повеќе свест во општеството.
Речиси декада и половина подоцна, продолжуваме да веруваме дека промената има лице. И дека најголемата сила за неа ја има заедницата.
Фала што 14 години ја градите со нас.
Годишна поддршка на „Лице в лице“
- Наташа Гелева – Лени: Дваесет години архива на oтпорот кон наметнатите рамки
- Yes for Less Викенд во Скопје: два дена за одржливи избори и локални еко-бизниси
- „Не знам каде ќе бев денес…“ Валентин со ново знаење и сертификат за готвење
- Вештините што на возрасните им требаат на работа, на децата им требаат на игралиште
- Џез што не стои во место: Скопскиот џез фестивал носи изведувачи од 13 земји