Доза вести

Повеќе од 160 необјавени книги ќе добијат дигитален живот: започнува нова македонска е-издавачка иницијатива

Клик - нова иницијатива за е-издаваштво на Паноптикум

Новата е-продукција „Клик“ на македонската платформа „Паноптикум“, најавува дигитално објавување на ракописи што никогаш не стигнале до читателите, отворајќи прашање за зачувувањето и достапноста на книжевното наследство.

Повеќе од 160 досега необјавени книги ќе бидат дигитализирани и постепено објавувани преку новата е-издавачка продукција „Клик“, што ја започнува „Паноптикум“. Иницијативата има за цел да отвори простор за авторски ракописи кои со години останале недостапни за читателите и да придонесе кон нивно зачувување во дигитална форма.

Првото издание во рамките на програмата е книгата Во заумност сосе стварност“, на авторот Љупчо Димитровски, со која официјално започнува работата на новата дигитална издавачка платформа.

Од „Паноптикум“ велат дека „Клик“ не е замислен само како место за објавување електронски книги, туку како долгорочна програма за професионална подготовка, уредување и промоција на дигитални изданија.

– Дигиталниот формат не треба да ја замени печатената книга, туку да овозможи литературата полесно да стигне до читателите, без просторни и временски ограничувања. Книгата може да биде со нас дома, на патување, на телефон, таблет или компјутер. Може да се отвори во мигот кога ќе посакаме да ѝ се вратиме на одредена мисла, стих или страница. Токму на тој спој меѓу книжевноста и современата технологија го создадовме „Клик“ – вели Горан Димитровски, основач на „Паноптикум“.

Тој појаснува дека е-продукцијата нема да биде само место за техничко објавување дигитални документи.

– Секое издание ќе биде третирано како посебен авторски и уреднички проект, со внимателна подготовка, корица, промотивен идентитет и сопствен простор во е-библиотеката Паноптикум, со придружна комуникација со публиката и јавноста. Следниов период ќе бидат обработувани и објавувани 160 необјавени ракописи, со што еден обемен авторски архив за првпат ќе стане достапен за јавноста.

Иницијативата отвора и пошироко прашање: колку значајни книжевни дела остануваат во архиви, без да стигнат до читателите? Во време кога голем дел од културното наследство се дигитализира, ваквите проекти можат да придонесат за зачувување на авторските дела, но и за нивна поголема достапност за новите генерации.

Од „Паноптикум“ посочуваат и дека почетокот на „Клик“ е поврзан со творештвото на Љупчо Димитровски, писател, поет, новинар, радиоводител и уредник чија професионална и авторска работа повеќе од пет децении е поврзана со зборот, радиото, културата и македонскиот јазик.

– Паралелно со стартот на „Клик“, ја развиваме и е-библиотеката, која е дигитален простор за книги, идеи, архиви и културна меморија. Создадена е за читателите што сакаат на едно место да пронајдат внимателно избрани изданија и да имаат практичен пристап до нив преку различни уреди – објаснува Димитровски.

Повеќе детали за оваа иницијатива, има на овој линк.

Фотографија: Magnific.com