Доза вести

Кога зборовите стануваат предизвик: Јуни е месец на поддршка за луѓето со афазија

Јуни е месец на подигнување на свеста за афазија

Замислете, да знаете што сакате да кажете, но зборовите едноставно да не излегуваат. Да ги препознавате лицата околу себе, да ги разбирате разговорите, но да не можете лесно да одговорите. За многу луѓе кои преживеале мозочен удар, ова не е замислена ситуација, туку секојдневна реалност.

Афазијата е состојба што влијае врз способноста за говор, разбирање, читање и пишување. Иако најчесто се јавува по мозочен удар, таа и понатаму останува недоволно препознаена во јавноста. Освен што го отежнува комуницирањето, афазијата често води кон изолација, губење на самодовербата и дополнителен товар за семејствата кои се обидуваат да обезбедат поддршка и рехабилитација.

Надежта е нашиот најсилен збор: Јуни посветен на афазијата и на борбата за поголема поддршка

Токму затоа, овој месец, јуни, е посветен на подигнување на свеста за афазијата. Под мотото „Надежта е нашиот најсилен збор“, ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација – Скопје и Здружението за помош и поддршка на лица со афазија ХОУП, организираат настан насочен кон информирање на јавноста, поддршка на пациентите и отворање поширока дебата за потребите на луѓето што живеат со оваа состојба.

Овој петок, на 5-ти јуни во просториите на Центарот ќе се одржи јавна расправа посветена на предизвиците со кои се соочуваат лицата со афазија, нивните семејства и стручните лица кои работат во оваа област. Ден подоцна, на 6 јуни, во Градскиот парк во Скопје, пред Школка, граѓаните ќе можат да разговараат со логопеди и други стручни лица, како и да добијат информативни материјали за препознавање и третман на афазијата.

Од подигање свест кон конкретни решенија

Одбележувањето на месецот на афазијата годинава е поврзано и со иницијатива која има за цел да обезбеди долгорочна поддршка за лицата што живеат со оваа состојба.

На 4 јуни, во рамки на Донаторскиот кружок кој традиционално го организира „Конект“, ќе се собираат средства за отворање на првиот специјализиран Центар за лица со афазија. Иницијативата ја водат здружението ХОУП и Клиниката за неврологија.

Проектот предвидува реновирање и адаптација на простор во рамки на Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација, со цел да се создадат подобри услови за рехабилитација, советување и поддршка на лицата со афазија и нивните семејства.

Донаторскиот кружок ќе се одржи на 4 јуни во 19 часот во Македонски Телеком во Скопје и ќе поддржи вкупно три граѓански иницијативи од областа на здравството, инклузијата и правдата.

За организаторите, пораката е едноставна: афазијата не смее да остане невидлива. Поддршката, информациите и достапната рехабилитација можат значително да го подобрат квалитетот на живот на луѓето кои секојдневно се борат повторно да ги пронајдат своите зборови.

Прочитајте го нашето интервју за борбата со афазија:

Афазија, живот по мозочен удар – приказната на адвокатката Мирјана Марковска што ја отвора темата за која владее молк

Илустрација: https://www.magnific.com/