Што не се гледа пред камерата: Александар Видиновски раскажува што значи да се биде на местото на настанот
„На местото на настанот“ е првата книга на новинарот Александар Видиновски, кој преку лични сведоштва раскажува за престрелките во Диво Насеље, воениот удар во Турција, кризи и други настани што ги следел непосредно од теренот. Промоцијата е вечерва во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
Што се случува зад телевизиските прилози и директните вклучувања, во моментите кога новинарот се наоѓа во средиштето на настаните за кои известува? На ова прашање се навраќа новинарот Александар Видиновски во својата прва книга „На местото на настанот“, која вечерва, на 5 ноември, ќе биде промовирана во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје, со почеток во 19 часот.
Книгата, во издание на „Арс Либрис“, ги пренесува искуствата на Видиновски од настани што ги следел од непосредна близина – од престрелките во Диво Насеље и драматичната ноќ на воениот удар во Турција, до воени зони, несреќи, кризи и предизвици од македонското секојдневие. Во фокусот се само луѓето што ги сретнал на теренот, како и ситуациите во кои новинарот морал брзо да реагира и да донесува одлуки.
„На местото на настанот“ е и лична приказна за адреналинот, ризикот, стравот и професионалната одговорност. Преку сопствените искуства, авторот го прикажува и созревањето на еден репортер, како и предизвиците на професијата во моменти кога камерата може да забележи само дел од она што навистина се случува.
За книгата на промоцијата ќе зборува Борислав Тноковски, а специјални гости ќе бидат музичарите Дуке Бојаџиев и Зарина Првасевда.
Александар Видиновски е новинар, уредник и телевизиски водител со речиси две децении искуство на македонската медиумска сцена. Активен е и во иницијативи за заштита на животната средина и подигање на јавната свест за одговорноста кон заедничкиот простор. Преку свои репортажи и јавни активности ги отвора прашањата за одговорноста, загадувањето, отпадот. Во 2025 година доби признание од „Генералка викенд“ за серија репортажи посветени на Скопје и хигиената во градот, а во 2026 година и признанието „Македонствуваме“ на „ЕХО – Фестивалот на планински филм“, за придонесот во подигањето на јавната свест за грижата за природата и нејзините богатства.
- „Ниту една повеќе!“ повикува на протест против фемицидите и институционалното насилство
- Александар Видиновски: „На местото на настанот“ потсетува дека најтешките битки не се водат на фронтовите, туку во време на мир
- Македонскиот паметен систем Динг.мк освои регионална награда на натпревар за зелени бизниси
- Од раскази до црно-бели светови: „Обичи и необични“ приказни патуваат во Кина
- „Робиња сам твоја“: Кога контролата ја нарекуваме љубов, а жени што пријавуваат, не добиваат заштита од насилство