Актив арт, Генерација Z, Доза вести

„Алембик“ го промовира албумот „Без никого да удриш“, музички повик против насилството

Дуото „Алембик“

По настапите низ Европа и концертот во Даблин, дуото Алембик на 11 јуни во МКЦ ќе го промовира својот втор студиски албум „Без никого да удриш“, посветен на борбата против насилството, а публиката ќе има можност да го проследи и документарниот филм за неговото создавање.

По серија настапи низ европските сцени и неодамнешниот концерт во Даблин, македонското дуо Алембик“ се враќа во Скопје со премиерна концертна изведба на својот втор студиски албум „Без никого да удриш“. Концертот ќе се одржи на 11-ти јуни во Денсинг салата на Младинскиот културен центар, со почеток во 20 часот.

„Алембик“, составен од Ива Дамјановски на клавијатури, теремин и вокал и Виктор Танасковски на гитара и вокал, во последните години се издвојува како едно од поавтентичните имиња на домашната независна музичка сцена. Нивниот прв, истоимен албум од 2022 година ги истражуваше односите помеѓу природата и технологијата, додека новото издание се насочува кон една од најактуелните општествени теми: насилството и потребата од негово надминување.

Албумот „Без никого да удриш“ е создаден во соработка со Андреа Мирческа на бас, Драган Теодосиев на тапани и Филип Ефински како гостин на дел од композициите. Темата на отпорот кон насилството се провлекува низ сите песни, претворајќи го албумот во заокружен музички и концептуален проект.

Покрај концертната промоција, посетителите ќе имаат можност премиерно да го погледнат и документарниот филм што го следи процесот на создавање на албумот. Авторка на филмот е Теона Христовска, која низ камерата го документира патот од првичната идеја до финалното музичко издание.

Вечерта ќе биде значајна и за колекционерите и љубителите на физички музички изданија, бидејќи за првпат ќе биде достапно винилно издание на „Алембик“, реализирано во продукција на „Мртов коњ“ и „Ракамакафон“.

Како најава за концертот, бендот деновиве го објави и видеоспотот за песната „Милосрдие“, едно од изданијата што го најавуваат новиот албум и неговата тематска насока.

Со концертот во МКЦ, „Алембик“ претставува авторски проект што преку музиката отвора простор за разговор за емпатијата, ненасилството и личната одговорност во современото општество.

Билетите за концертот може да се најдат на овој линк.
Плакат: Марко Печеновиќ
Фотографија: „Алембик“.