Актив арт, Доза вести

„Археологија на сегашноста“ што ќе откријат идните генерации за нас?

Археологија на сегашноста постер за изложба од отпад

Што ќе најдат идните генерации кога ќе почнат да ги истражуваат трагите од нашето време? Одговорот на ова прашање го бара уметничко-еколошкиот проект „Археологија на сегашноста“, на авторката Ана Тодоровска, кој ќе се одржи на 4-ти мај во Културно социјалниот простор „Центар Јадро“ во Скопје.
Станува збор за самостојна изложба на Тодоровска, која отпадот го претвора во визуелни „артефакти“ што ја документираат нашата денешница. Секое дело ја раскажува приказната за локацијата од која потекнува, откривајќи ги нејзините еколошки, социјални и историски слоеви.

– Секој „артефакт на сегашноста“ бара од вас да размислите: Што кажува ова за нас? Какво наследство оставаме зад себе? Преку делата, имате можност да ја дознаете приказната за местото на кое се собрани материјалите (од антички населби до национални паркови и речни крајбрежјa), како и нивното влијание врз животната средина. Оваа двослојна наративна структура ве поканува во подлабоко искуство: да го разгледате уникатното патување на секој артефакт, но и да размислите за улогата што секој од нас ја игра во обликувањето на културната меморија и наследство – се вели во најавата за настанот.

Изложбата не завршува со гледање, туку со учество.

-Ќе биде затворена со работилница за уметност од отпад, каде сите заинтересирани ќе имаат можност и самите да создаваат артефакти на сегашноста, продолжувајќи ја приказната.

Работилницата ќе се одржи на 9-ми мај, а сите информации и линкот за пријава се овде.

На отворањето на изложбата ќе присуствува специјална гостинка, Катерина Илијовска од „Јес фор лес“, првата македонска платформа за одржливо живеење. Ќе бидат изложени и фотографии од документирање на процесот на создавање од објективот на Нина Величковска.