„Некои градови имаат фестивал. Овој фестивал има град“ – 25 години Битола отворен град
Од 24 до 27 јуни фестивалот ќе понуди бесплатна програма на повеќе локации низ градот, продолжувајќи ја традицијата на современа музика, уметност, младински активизам и отворена култура.
Фестивалот Битола Отворен Град годинава одбележува значаен јубилеј, 25 години постоење и континуирано присуство на македонската културна сцена. Од 24 до 27 јуни, Битола ќе биде домаќин на една од најпрепознатливите платформи за современа музика, уметност, младинска култура и граѓански активизам во земјава.
Во текот на изминатите две и пол децении, фестивалот израсна од локална иницијатива во значаен културен настан што обединува различни генерации музичари, уметници, активисти, волонтери и посетители. Неговото влијание одамна ги надмина рамките на класичен фестивал и стана дел од современиот културен идентитет на Битола.
– Некои градови имаат фестивал. Овој фестивал има град. Град како сцена. Улици како културна институција. Музика како причина луѓето да се сретнат. А 25 години фестивалска историја како приказна што ги поврзува различните генерации битолчани – порачуваат организаторите, организацијата Младинскиот културен центар Битола (МКЦ Битола).
Организаторите велат дека фестивалот отсекогаш бил повеќе од серија настани, простор каде што улиците стануваат сцена, а културата дел од секојдневието. Токму затоа и годинава програмата ќе се одвива на повеќе локации низ градот, следејќи го концептот културните содржини да бидат достапни за сите граѓани.
Според најавите, целосната програма на јубилејното издание ќе биде претставена на официјална прес-конференција во пресрет на фестивалот. Сите настани ќе бидат бесплатни и отворени за јавноста.
- Што ги движи протестите и зошто општествените движења не се само левичарски каузи?
- Патувачкото кино на „МакеДокс“ повторно тргнува низ Македонија: Бесплатни проекции во шест места
- Историски успех: „Приказната за Силјан“ е првиот македонски филм номиниран за наградите „Еми“
- „Зрно“ 2026 ги претставува избраните автори од меѓународниот отворен повик
- Книгите не можеме да ги вратиме, но можеме да помогнеме „Антолог“ да создава нови