People of Change, Интерактивни приказни

Блажо Сапунџиев: Од дијализа до скеле, тивок херој што гради нов живот

Блажо Сапунџиев на неговото работно место

На скеле, со алат во рака, Блажо Сапунџиев изгледа како секој мајстор, но зад него стои приказна за терапија со хормон за раст, две трансплантации, дијализа и одлука никогаш да не се предаде. Од детство исполнето со неизвесност, до втор живот, неговиот пат е доказ дека издржливоста не е избор, туку е карактер. Ова е приказна за враќање, за достоинство и за храброст повторно да се почне и  да се биде инспирација за другите

На високо скеле, со валјак во рака и поглед вперен кон фасадата, Блажо Сапунџиев не личи на човек што поминал низ две трансплантации на бубрег, безброј дијализи и бил помеѓу првите кои поради проблеми со растот, примил хормон за раст.

Кај Блажо нема драматичност во неговите движења, ниту страв во чекорот, работата и животот. Тој е како и секој друг мајстор. Но зад таа „обична“ слика стои необична приказна  за издржливост, втора шанса, избор секогаш да продолжи со својата приказна да инспирира други.

Детство со предизвици и прва трансплантација

Приказната за овој млад човек од Кавадарци ни дава светол поглед на живот кој одбива да застане. Борбата на Блажо започнува уште во детството, кога, како што самиот вели, бил премногу мал за да разбере што точно му се случува.

– Пред првата трансплантација бев дете, имав 5-6 години. Искрено, не се сеќавам многу. Тоа се повеќе сеќавања од приказните на моите родители. Но знам дека по операцијата животот ми се нормализира. Растев, се школував, играв со другарите. Не се чувствував различно од другите – вели тој.

Првиот трансплантиран бубрег му бил дониран од неговата мајка и му овозможил речиси две децении нормален живот. Осумнаесет години живеел без ограничувања, без чувство дека нешто му недостасува.

– Ништо не ми пречеше. Завршив училиште, запишав факултет, живеев нормално. Дури и заборавав дека сум имал трансплантација. Тоа беше период во кој навистина почувствував што значи втор шанса – раскажува Блажо.

Но животот, како и кај многумина, не оди по права линија. Во 2020 година, сè се менува:

– Тогаш ми откажа бубрегот што го добив од мајка ми. Тоа беше тежок удар. Одеднаш се враќаш назад. Почнуваш од нула. Следеше дијализа, година и четири месеци. Тоа е нешто што не може да се објасни ако не го поминеш.

Поддршката од семејството како двигател

Дијализата, објаснува Блажо, не е само медицинска процедура. Живеел многу ограничен живот, со часови на машини и со голема исцрпеност.

– Телото се троши. Ослабев 15 килограми. Немаш енергија, немаш сила. Секој ден ти е борба. Психички е исто толку тешко колку и физички. Се чувствуваш како да не живееш, туку само да преживуваш.

Но токму во тие моменти се раѓа одлуката да не се откаже.

– Мораш да најдеш причина да издржиш. Кај мене тоа беше семејството. Поддршката што ја имав беше огромна. Без нив, не знам дали ќе издржев.

Во 2021 година доаѓа повикот што му го менува животот повторно.

– Ме повикаа во Скопје и ми кажаа дека има бубрег од починат донор, жена која починала во сообраќајна несреќа. Тоа е момент што не се заборава. Знаеш дека нечија трагедија ти дава шанса за живот. Имав среќа јас да бидам тој што ќе добие еден од органите.

Следува нова операција. Нов почеток, но и нов предизвик – да се застане на нозе повторно и да се продолжи со живот.

– Шест месеци ми требаше да застанам на нозе. Во тој период не работев. Само се фокусирав на здравјето. Секој ден беше чекор напред, но и потсетник дека ништо не доаѓа лесно.

И токму кога многумина би избрале помирен живот, Блажо решава да се врати и тоа не било како било.

– Кога се почувствував подобро, се консултирав со докторите. Ми рекоа да почнам со нешто полесно. Затоа прво работев како келнер. Околу година и три месеци. Тоа беше мојот начин постепено да се вратам на работа.

Но неговата вистинска страст го чекала таму каде што секогаш припаѓал, а тоа е на градилиштето.

– Имаме семејна фирма за фасади. Тоа е работа што ја знам, што ја сакам. По некое време, се вратив. Денес повторно работам фасади, молерај, гипс-картон… Сè. И не чувствувам дека сум ограничен.

Денес, Блажо функционира речиси целосно нормално. Но со една разлика, тој е свесен за сето она низ кое поминал и горд поради фактот што не се откажал од животот и работата која ја сака.

– Можам да кажам дека функционирам 80 проценти без пречка. Треба да се внимава на исхрана, на терапија, на контроли… Но тоа не е пречка да работиш, да живееш, да имаш планови.

Рушење на стереотипите за трансплантирани пациенти

Дека ова не е изолиран случај, потврдува и Даниела Младеновска, психологинка на Универзитетската Клиника за Нефрологија во Скопје. Трансплантацијата, објаснува таа, не е само медицинска интервенција, туку враќање на животот.

– Трансплантацијата, пред сè ја подобрува физичката состојба кај пациентите, но овозможува и повисок квалитет на живот, самостојност во функционирањето и ја враќа работоспособноста. Наместо зависност од апарати и болници, тие добиваат можност за едно нормално секојдневие – вели Младеновска.

Таа додава дека најголем дел од трансплантираните пациенти се враќаат на своите работни активности, а активноста и продуктивноста им носат поголемо чувство на сигурност и психичка стабилност.

Блажо денес е доказ дека еден човек може да направи промена со тоа што нема да се откаже. Терапјата со хормон за раст, трансплантациите, дијализите… и покрај сè, желбата за квалитетен исполнет живот е поголема.

На скелето, со шпатула во рака, тој го гради секој нов ден онака како што ги гради ѕидовите, слој по слој, без брзање, но без запирање.

Порака до сите: Не се откажувај

– На сите што се соочуваат со тешки моменти им порачувам да не се откажуваат. Знам дека е тешко. Знам дека има моменти кога мислиш дека нема излез. Но мора да има нешто што ќе те држи. Фамилија, пријатели, љубов… било што. Сè додека имаш причина, ќе издржиш.

Во време кога многумина бараат изговори да застанат, Блажо е потсетник дека човек може да продолжи и тогаш кога има најмногу причини да се откаже. Неговата приказна не е само приказна за болест и закрепнување. Таа е приказна за избор. Избор да не застанеш и да продолжиш. Избор да живееш нов живот.

Видео-прилогот е достапен и за гледачите на јавните сервиси во нашата земја, како и во Војводина и Босна и Херцеговина: Македонска радио-телевизија, Радио-телевизија на Војводина и Радио-телевизија на Босна и Херцеговина.

На овој линк може да ги најдете сите приказни од овој серијал. Погледнете ги и останатите видео-приказни од овој пристапен серијал, за Роза, Валентин и за Иштван, на линковите подолу.

Новинарка: Адријана Георгиев
Камера и фотографии: Димитар Атанасоски
Монтажа: Ратомир Цениќ
Анимација: Андријана Весовска
Илустрации и графички дизајн: Ружица Мандичевска
Уредничка поддршка: Славица Ќурчинска, Маја Раванска, Климентина Илијевски
Мултимедијална пристапност: Асоцијација за пристапност и инклузија – АПИ: Кристијан Лазарев  и Ванеса Лазарева.
Аудионарација: „Самоглас“: Христијан Попсимонов, Ангела Стојановска
Музика на шпица: „Тело за на ТВ“, „Дупер“; Автори: Борис Какуринов („Дупер“), Илчо Нечовски („Дупер“), Мартина Баракоска – тапани, перкусии, пратечки вокали.
Продукција: Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – Скопје, за потребите на проектот „People of Change – transformation, resilience, progress“.

„Innovation. Media. Minds: ЕУ поддршка на новинарството во јавните сервиси на Западен Балкан“, е проект финансиран од Европската унија што се спроведува од страна на „Goethe-Institut“,  во име на Европската комисија и во соработка со партнерот за спроведување „DW Akademie“. За оваа содржина исклучиво е одговорно Здружението „Паблик“ и не мора да го одразува мислењето на Европската унија.

Дисклејмер со логоа од проектот People of Change