Доза вести

Блокчејн Скопје ја заокружува програмата со Самит и награди за млади иноватори

Блокчејн Самит Скопје

На завршниот Самит во Скопје ќе се соберат Web3 ентузијасти, програмери и млади иноватори од регионот, по тридневен хакатон на кој 70 учесници развиваа дигитални решенија за општествени предизвици.

Тридневната програма на Блокчејн Скопје ќе биде заокружена утре (17.05.2026) со почеток во 15 часот, во Холидеј ин со Самит на кој што ќе учествуваат Web 3 ентузијасти од регионот. На хакатонот кој што му претходеше на Самитот, 70 млади лица развиваа системи за решавање конкретни општествени проблеми, а наградите во вредност од 1 000 долари ќе бидат доделени на завршниот настан во Холидеј ин.  

– Сакавме да создадеме простор каде луѓето не само слушаат за блокчејн, туку го градат, го пробуваат и се среќаваат со оние кои веќе работат во него. Тоа е единствениот начин да расте екосистемот – споделуваат организаторите.

Младите иноватори од организацијата потенцираат дека целта им била тродневниот настан да понуди двоен формат – искуство преку натпреварувачките хакатони и стручност преку искусни практичари од регионот кои ќе споделат реални увиди – искуства стекнати во работата со блокчејн технологии.  Настанот е насочен кон програмери, девелопери, трејдери и дигитални маркетери кои сакаат да се вмрежат, учат и да се докажат во Web3 просторот.

Во просториите на Base 42, тимови од програмери имаа можност да градат реални проекти, но и ќе имаат можност да се поврзат со компании и партнери. Преку поддршката на партнери од регионот и пошироко, вклучувајќи ја и мрежата на Солана, учесниците добиваат пристап до можности кои ги надминуваат рамките на еден хакатон.

Еден од коосновачите на настанот, Филип Стефановски, во разговор за „Лице в лице“ рече дека главната цел не им е само да направат настан, туку да изградат екосистем.

– Сакаме да создадеме место каде што луѓето во Македонија нема да учат за блокчејн од страна, туку ќе почнат да градат на него. Тоа значи поврзување на студенти, девелопери и компании и давање реални можности преку проекти, работа и финансирање. На долг рок, целта е Скопје да не биде само корисник на технологија, туку да стане место каде што се создава – рече Стефановски, коосновач и одговорен за дизајнот на настанот.

Го прашавме и Тадеј Илијевски, кој е исто така коосновач на настанот и кој е одговорен за медиуми и стратегија, дали гледаат дека младите во земјава и во регионот имаат доволно амбиција и знаења, но немаат платформи, Илијевски објаснува дека амбицијата и знаењето не се проблемот, тоа го имаме.

–  Проблемот е што сме израснати во систем што нè учи да следиме однапред дефиниран пат: заврши факултет, па после ќе видиме. Поради тоа, многу млади луѓе растат со некој вид „невидлив плафон“, не затоа што немаат капацитет, туку затоа што немаат каде да го покажат. Затоа и голем дел од талентот завршува надвор. Ние се обидуваме да создадеме платформа каде што тие луѓе можат да се поврзат, да градат и да бидат забележани. И ова е само почеток – вели Илијевски.

Повеќе за настанот, овде.
На следниот линк, прочитајте повеќе за целата иницијатива зад овој настан:

Панкерски пристап кон технологијата: четворица млади прават блокчејн самит и хакатон во Скопје

Фотографии: Блокчен Скопје