Доза вести

„Букстар“ 2026 прашува „Чуму слободата?“: три дена книжевни средби, дебати и европски автори во Скопје

Букстар Постер за овогодишното издание

Од 28 до 30 септември, 12. Фестивал на европската литература носи средби со Јап Робен, Елој Морено, Гузел Јахина и други автори, а во фокусот се слободата, меморијата, историјата и влијанието на технологијата врз современиот свет.

В понеделник, 28 септември, почнува 12. Фестивал на европската литература „Букстар“ кој ќе трае до 30 септември во Скопје, под мотото „Чуму слободата?“ / „FREE AT LeAST?“. Ова издание носи три фестивалски денови исполнети со средби со европски и македонски автори, разговори, книжевни читања, поткасти, дебати и неформални фестивалски настани.


Годинашното издание ги отвора прашањата за слободата, личната и колективната меморија, книжевноста и историјата, но и за светот што забрзано се менува под влијание на технологијата и вештачката интелигенција.

Фестивалот официјално ќе биде отворен во 19.30 часот во „Лабораториум“, а програмата започнува уште во 13 часот со средба на шпанскиот автор Елој Морено со ученици од средни училишта во Театар „Комедија“. Местата за оваа средба се веќе потполнети.

– „Букстар“ продолжува да го физиономира Скопје како место за средба на европската и македонската литература. Во фокусот се различните начини на кои книжевноста ја преиспитува слободата – од личното искуство и меморијата, преку историјата и општеството, до технологијата и иднината – велат организаторите, издавачкиот центар „Антолог“.


Странските автори кои годинава доаѓаат во Скопје се ексклузивни имиња на европската литература: Јап Робен (Холандија), Елој Морено (Шпанија), Лилјана Коробка (Молдавија/Романија), Мартина Видаиќ (Хрватска), Гузел Јахина (Казахстан), Саша Бронвасер (Холандија). Претходно во Скопје гостуваше и Леа Ипи (Албанија/Велика Британија), како добитничка на наградата „Букстар“ 2026. Во програмата се вклучени и над 30 македонски учесници, меѓу кои Влада Урошевиќ, Снежана Стојчевска, Александар Русјаков, Лилјана Пандева, Оливера Ќорвезироска, Петар Андоновски, Иван Шопов, Фросина Пармаковска и многу други.

„Колку лајкови се потребни за среќа?“

Првиот фестивалски ден започнува со разговорот „Колку лајкови се потребни за среќа?“, на кој најчитаниот шпански автор во моментов, Елој Морено, ќе разговара со средношколци за современиот свет, врсничкото насилство, социјалните мрежи и потрагата по среќа.

Во 18 часот во „Лабораториум“ ќе се одржи отворањето на 12. Саем на европската литература „Букстар“ и презентација на европскиот книжевен проект „Еурека“. Во 18.30 часот следува разговорот „Од робот до четбот: дискусија за ерата што доаѓа“, со Ненад Јолдески, Валентин Нешовски, Соња Станковска, Александар Русјаков и Влада Урошевиќ, кој ќе го модерира писателката Фросина Пармаковска.

Официјалното отворање е закажано за 19.30 часот кога авторката Оливера Ќорвезироска  (добитничка на наградите „Рациново признание“, Роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“, „Стале Попов“ и автор на годината на МАИ) ќе се обрати на публиката и ќе го прогласи фестивалот за отворен.

Во 20 часот Елој Морено ќе биде гостин на разговорот „Малиот принц на шпанската литература“, со Весна Мојсова-Чепишевска, со превод на Ненад Велковски и обезбеден превод на знаковен јазик. По тој повод се објавува и книгата „Новото патување на Малиот принц“, продолжение на „Малиот принц“ на Антоан де Сент-Егзипери, создадена во соработка со наследниците на францускиот автор.

Вториот фестивалски ден – автори, историја, меморија и тишина

Вториот фестивалски ден започнува со неформалната книжевна тура „Кога писател шета писатели“ со Васко Марковски, а напладне во Паркот на поезијата при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи големото книжевно читање „Чуму слободата?“. На читањето ќе настапат Елој Морено (Шпанија), Јап Робен (Холандија), Мартина Видаиќ (Хрватска), Лилјана Коробка (Молдавија/Романија) и Саша Бронвасер (Холандија), заедно со македонските автори Соња Станковска, Лилјана Пандева, Томислав Османли, Ивана Трајаноска и Иван Шопов.

Во вечерната програма во Лабораториум следуваат две изданија на поткастот „Антологџии“, со Лилјана Коробка и Мартина Видаиќ, модерирани од Душко Крстевски, а потоа разговорот „Како (да) се раскажува историјата? Лична меморија, историска траума и книжевност“, со Саша Бронвасер и Лилјана Коробка. Модератор е Александар Маџаровски. Оваа фестивалска вечер продолжува со „Мапа на тишината: загубата, сеќавањето и невидливите животи“, разговор меѓу Мартина Видаиќ и Јап Робен. Модератор е Владимир Јанковски.

30 септември -Сатрапи, Јахина и дебата за бестселерот

Последниот фестивалски ден започнува во „Јуроп хаус“ во Скопје со книжевниот настан „Марџан Сатрапи со адреса во Скопје: Обид за мал омаж“, во кој ќе учествуваат Никола Гелевски, Владимир Битољану, Катерина Шекутковска и Жарко Кујунџиски, со модерација на Ивица Дукоски.

Во 19 часот во „Лабораториум“ следува средбата со светски познатата писателка Гузел Јахина, авторка на романите кои го освоија книжевниот свет – „Зулејха ги отвора очите“, „Децата на Волга“ и „Возот до Самарканд“, во разговор со Емил Ниами.

Фестивалската програма ќе заврши со дебатниот Fight Club: „Бестселерот (не) може да биде голема литература“, во кој во два, навидум спротивставени, тима ќе дебатираат: Зоран Спасов-Ѕоф, Јован Илиески и Сузана Камберова, од една, и Петар Андоновски, Дијана Петрова и Снежана Стојчевска, од друга страна. Модераторка е Александра Јуруковска.

Како и претходните денови, денот завршува со послепрограмата „До фајронт“. Влезот на сите настани е бесплатен.

Дизајнот на визуелниот идентитет е дело на Бранко Прља.