Доза вести, Лице в лице

Боро Рудиќ со изложбата „Левитација“ ги отвора прашањата: кои сме, што сме и каде одиме?

Фотографија од изложбата „Левитција“ на фотогрфот Боро Рудиќ

Преку три визуелни целини, Рудиќ ги отвора прашањата „Кои сме, што сме, каде одиме?“ и ја истражува човечката потреба за промена и непрекината еволуција.

Што носиме со себе од нашето потекло, каде се наоѓаме во сегашноста и каква иднина можеме да замислиме? Авторот Боро Рудиќ ги отвора овие прашања, во својата нова изложба на фотографии насловена „Левитација“ која ќе биде отворена на 1 октомври ќе биде отворена во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

– Левитацијата на оваа изложба не претставува физичка, туку метафизичка состојба. Таа не зборува за материјалниот свет, светот на тежина и отпор; таа е приказна за нашиот духовен свет, за нашето патување од плaветнилата на длабочините кон хоризонтите на поинаква, почовечна иднина. Левитацијата е непрекината еволуција, насочена кон промена и постојано издигнување на човечкото битие кон тие нови хоризонти – вели авторот, информирајќи за изложбата.

Во првиот дел, „Кои сме?“, фотографиите се свртени кон потеклото и колективното сеќавање. Водата се појавува како симбол на прапочетокот и просторот од кој започнува човечкото патување.

Вториот дел, „Што сме?“, се префрла во материјалната сегашност. Користените тонови се темелат на боите земјата и прашината, а урбаниот простор, празните улици и архитектонските сенки стануваат визуелна парабола за минливоста и постојаната промена.

Третиот дел, „Каде одиме?“, е претставен преку една фотографија. Во неа нема вода, но нема ниту материјален свет — останува хоризонтот и чувството дека патувањето не завршува. Наместо конечен одговор, фотографијата остава простор за надеж, промена и можности.

Во концептот на изложбата, токму тоа непрекинато движење ја одредува левитацијата: еволуција без крај, насочена кон постојано издигнување на човекот кон нови хоризонти.

Изложбата ќе може да се посети до 13 октомври.