Културниот простор „Буква“ во Скопје прославува четири години од своето отворање, претворајќи се во значајно место за уметност, култура и дружење во главниот град. Лоцирана зад Собранието, под трите брези, „Буква“ веќе четири години служи како центар за комуникација и споделување на делата на уметници, музичари, поети, писатели и режисери од Македонија и светот.
Со својот топол и уникатен амбиент, просторот е препознатлив како втор дом за многумина, место каде што се организираат свирки, изложби, промоции и проекции, но и катче за тивко уживање или спонтано дружење.
Им благодариме на сите наши пријатели и поддржувачи кои ја прават ‘Буква’ посебна – на оние што ја гледаат како продолжение на својата дневна соба и место за нови спомени, велат од тимот на „Буква“.
Програма за роденденската прослава
Петок, 31 јануари Колективот Гола планина ќе приреди специјална џем сесија и музичка селекција по повод роденденот.
Сабота, 1 февруари Концерт на Хот џез оркестар – трио кое изведува свинг минијатури со медитерански шмек. Со композиции од 20-тите до 40-тите години на минатиот век, нивната музика е мост меѓу раните денови на џезот и современата ритмичка експресија.