Лице в лице интервју

Буквите не се само знаци, тие се чувство, припадност и културна меморија

уметницата Маја Танева пред нејзината изложба Македонска златна азбука

Со изложбата „Македонска златна азбука“, што се отвора вечерва во 19 часот во Мобилна монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје, уметницата Маја Танева ја претвора македонската азбука во личен и колективен симбол, простор каде се среќаваат јазикот, идентитетот и визуелната уметност.

Македонската азбука како уметничка форма, како семејна приказна и како симбол на припадност. Од оваа идеја започнува новата изложба на ликовната уметница Маја Танева, „Македонска златна азбука“, која од денеска ќе биде поставена во Мобилната монтажна галерија во Скопје. Позната пред сè по својата скулпторска работа, Танева, овојпат преку слики и цртежи истражува како буквите можат да носат емоција, културна меморија и чувство на дом. Во нашето ново „Лице в лице“ интервју, таа зборува за инспирацијата зад проектот, за потребата од простор и поддршка за младите уметници, но и за улогата на уметноста во време на брза дигитална потрошувачка.

Што беше почетната инспирација за Вашата нова изложба? Зошто македонска азбука за изложба, па уште и златна?

– Кога се преселив во мојот нов дом пред некоја година, размислувајќи каква уметност сакам да имам во просторот, започнав од влезот, при самото отворање на влезната врата се сретнува буквата „Т“. Таа не е декорација, таа е порака: тука живее фамилијата Таневи. Оттука и потребата, идејата и играта на создавање да се „напише“ цела азбука во моја уметничка интерпретација. Буквата како знак на припадност, како чувар на домот, како визуелно име и како мој симбол на гордост. Со текот на времето сфатив дека таа буква ми претставува гордост, како и презимето, спомените што ги делиме со целата фамилија. Од таа лична точка започнува проектот „Македонска златна азбука“.

Буквата Т во домот на Танева - Македонска златна азбука

Азбуката е едно од ретките нешта што тивко нè следат низ целиот наш живот. Преку неа првпат го пишуваме сопственото име, првпат читаме, првпат се препознаваме себеси во јазикот. Македонската азбука не е само систем на букви, туку простор во кој живее нашата културна меморија, нашиот глас и чувството на припадност.

А зошто златна? Затоа што златото во оваа изложба не симболизира богатство, туку вредност која што не бледее. Како јазикот, или како  наследство, како нешто што може да се менува низ времето, а сепак да остане суштински дел од тоа кои сме. „Македонска златна азбука“ е обид буквите повторно да ги погледнеме не само со очите, туку и со чувство. Не како нешто секојдневно и обично, туку како нешто што има тежина, убавина и трајност.

Колку буквата, писмото и визуелниот знак можат да бидат простор за уметничко и културно истражување?

– Буквата, писмото и визуелниот знак отсекогаш биле многу повеќе од средство за комуникација.  Сметам дека тие се траги на одредено време, на еден народ и на начинот на кој човекот се обидува да остави свое присуство. Во нив постои форма, ритам, симболика и емоција. Токму затоа тие претставуваат огромен простор за уметничко и културно истражување. Кога буквата ќе се ослободи од својата практична функција, таа почнува да се доживува како визуелен објект. Линијата, тежината, движењето и композицијата стануваат јазик сами по себе. Тогаш писмото не се чита само со поглед, туку и со чувство. Во „Македонска златна азбука“, буквата станува простор за истражување токму поради таа двојна природа – истовремено е форма и значење а е и лична и колективна.

Скулптура - буквата К - азбука Маја Танева

Имав можност пред некоев време да изработам и мал формат скулптури со букви, сосема друго искуство, формата на секоја буква и моќта на движењето на формата која го нуди е посебна индивудуална убавина. Би било одлично како скулптор со поголемо финансирање да ја имам можноста да ја изработам цела азбука во скулптурна форма

Во време на брзи содржини и кратко внимание, каква улога, за вас, има уметноста денес? Успева ли да отвори важни прашања?

– Да, токму и на ова прашање се темели и овој проект, во време на забрзана дигитализација и глобализирана визуелна култура, локалните идентитети сè почесто се губат или се сведуваат на површни елементи. Јазикот и писмото, како темели на културната самобитност, ретко се третираат како современ визуелен ресурс, особено во контекст на креативните индустрии и културниот туризам. Токму од таа потреба произлегува проектот „Македонска златна азбука“. Оваа изложба е проект кој е финасиски поддржан од Министерство за култура и туризам на РСМ, од програмата за развој на Креативни индустрии во 2026.

Со ова прво претставување преку изложба е само почетокот на оваа цела идеја, проектот е замислен изложувањето да е само почеток, предвидено е да продолжи преку принтови кои во помал формат  ке бидат локално дистрибурани и можност на пдф преземање на целата азбука онлајн.

Често работите со млади луѓе и млади уметници. Што најмногу им недостасува денес – простор, поддршка, охрабрување, време за вистинско создавање или нешто сосема поинакво?
– Би рекла простор, потребен е креативен простор, кадешто ќе можат да се изразуваат во сите полиња на уметноста, не само визуелната. Пред некоја година работевме тим на истажување колку локалните општини одвојуваат буџет за оваа цел. Податокот до кој стигнавме за општина Аеродром, каде што и живеам, во општина каде што има најмногу млади семејства и најголем број ученици во училиштата ,нема ниту еден културен центар, културен простор каде што може да се насочи младината. Оттука сме и сведоци на полн простор позади трговскиот центар „Бисер“, каде што постојано се оди во негативни искуства за таа возраст. Поразително. Ако немаме институционална, општинска поткрепа и поддршка, ние самите многу малку можеме да направиме. Кога се има простор и ако се даде слобода на вистински луѓе кои го сакаат образовниот модел и пренесување знаење, може да се создаде навистина одлична заедница на млади со огромни  напредување.

Како да се поттикне кај младите не само техничка вештина, туку и автентичен уметнички глас?

– Само со правилна поддршка, време и конзистентност. Како растат децата така ги совладуваат техниките на творење. Со тоа ги надминуваат и целите што си ги поставуваат. Откако ќе ги надминат, започнуваат со дополнување на својот глас. Генерално, речиси со сите младинци со кои работам, гледам дека имаат неверојатно развиен креативен инстинкт. Моја работа е да им го негувам, да ги потсетувам дека го поседуваат и да го развивам.

Колку е важно уметниците денес да бидат и едукатори и комуникатори и активисти со заедницата, а не само автори?

– Ова е премногу индивидуално. Не секој може и сака да биде едукатор, или да го споделува свето мајсторсто и знаење. И тоа е сосема во ред. Не секој креативец сака да биде активен во заедницата. Овие теми, според мене се индивидуалини, секој е со своите каректерни црти и желба.

Што сакате посетителите да почувствуваат или понесат со себе по изложбата „Македонска златна азбука“?
– На културно и општествено ниво, проектот има за цел да создаде емоционално влијание врз публиката  чувство на гордост, препознавање и повторно поврзување со македонската азбука. Посетителите не се очекува само да ја „видат“ изложбата, туку да се препознаат во неа, да ја доживеат буквата како личен и колективен симбол.
Посакувам секој да понесе чувство на поврзаност со сопствениот јазик и идентитет, но и нов поглед кон буквата како уметнички симбол. Златото во изложбата не ја претставува материјалната вредност, туку духовната и културната тежина што ја носи македонската азбука низ времето. Би сакала посетителите барем за миг повторно да ја почувствуваат магијата на пишаниот знак  она чувство кога една буква може да биде и корен, и глас, и лична приказна.

Што ве инспирира во последно време: што читате, гледате, слушате, што би им го препорачале и на другите?

– Последните 6 месеци слободното време го поминувам ексклузивно со книга. Социјалните медиуми, филмови и сериии се сведени на 0 и тоа чувство ми е прекрасно. Во моментов во фокус ми се најновиот ром -ком од Меган Квин, трилер од Крис Картер  #2 од серијалот Роберт Хантер и Морган Хаусел „Психологија на парите“.


Пишува: Маја Раванска
Фотографии на Маја Танева