Tри кабини, погледи и прашањето: кој кого набљудува?
Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ преку звук, слика, движење и три интерактивни кабини ја истражуваат циркулацијата на информациите, меморијата и моќта. Изложбата се отвора на 20 октомври во Галеријата „Драгутин Аврамовски Гуте“.
Што се менува во едно уметничко дело кога посетителот не е само набљудувач, туку станува дел од него? Ова е едно од прашањата што ги отвора изложбата „Циркулации“ на уметниците Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ, која ќе биде отворена на 20 октомври 2026 година, во 20 часот, во Галеријата „Драгутин Аврамовски Гуте“ при Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во „Сули ан“.
Кураторка на изложбата е д-р Ана Франговска. Проектот го истражува принципот на циркулација, од движењето на течностите и создавањето вортекси до протокот на слики, звуци, информации, меморија и моќ.
Во центарот на изложбата се три кабини, замислени како простори за непосредно искуство, а не како објекти што се набљудуваат од дистанца. Во нив посетителите се соочуваат со сопствената слика и погледот на другиот, со повеќе информации што се случуваат истовремено, како и со прашањата за личната позиција во однос на колективот и границата меѓу внатрешното и надворешното.
Според кураторката Франговска, „Циркулации“ не нуди безбедна позиција надвор од системот од која тој може да се набљудува. Наместо тоа, го внесува посетителот во самиот систем и ја отвора критичката димензија на односите меѓу моќта, знаењето, информациите и перцепцијата.
Делото се менува со секој посетител
Во „Циркулации“, учеството на публиката е суштински дел од уметничкото дело. Движењето станува сигнал, сигналот се претвора во звук и говор, а присуството на другите остава трага во просторот. Телото на посетителот станува дел од механизмот што ја активира инсталацијата.
Секое ново присуство создава различна комбинација од слика, звук, движење и сензации. Затоа, како што е наведено во описот на проектот, изложбата се оформува со секој посетител, за веднаш потоа повторно да стане недовршена.
Изложбата ќе биде отворена до 5 ноември 2026 година.
- „Ниту една повеќе!“ повикува на протест против фемицидите и институционалното насилство
- Александар Видиновски: „На местото на настанот“ потсетува дека најтешките битки не се водат на фронтовите, туку во време на мир
- Македонскиот паметен систем Динг.мк освои регионална награда на натпревар за зелени бизниси
- Од раскази до црно-бели светови: „Обичи и необични“ приказни патуваат во Кина
- „Робиња сам твоја“: Кога контролата ја нарекуваме љубов, а жени што пријавуваат, не добиваат заштита од насилство