Зелена република

Децата најдобро учат од природата

Време на читање: 7 минути
- банер -

Седејќи тивко,
правејќи ништо,
пролетта доаѓа
и тревата расте сама од себе.
– Башо

Растењето блиску до природа имаше огромно влијание на мене и на мојата (сега средовечна) генерација, која со воздишки се сеќава на едно безгрижно детство пред години, без надзор и многу насоки. Игри на улица до вечера. Возење велосипед низ маало. Измислување игри. Берење камилица покрај река. Барање светулки по зајдисонце. Детски караници и смирувања. Гребаници од капинки, правење свирчиња од жито и џебови полни со камчиња, џамлии… и спомени.Мене, тие бесценети моменти, неосетно ми ја обликуваа свесноста за себеси и за светот во кој живеам. Тоа што го имам осознаено тогаш, преку директното искуствено учење од природата, ми остана длабоко врежано како вредност што и сега ми се проткајува низ животот. Таа љубов кон природата што тлее ме насочи кон повеќедецениско истражување и промовирање на начините на живот во хармонија со неа и со сите живи битија.
Сега кога јас сум родител, одговорноста ми е поголема. Светот е сега поинаков и потешко е да се постигне слободата на детството и едноставноста на живеењето. Чекорите треба да бидат похрабри и визијата поширока.

Детско живеење во согласност со природата

Едноставност на живеењето. Не дека не ја вреднуваме, напротив – до болка ни недостига. Како искусни и посветени мазохисти, одново и одново згазнуваме врз неа со секоја нова пластична играчка, со секоја детска активност испланирана до минута, со секоја пропуштена шумска авантура, со секое вето на нивните истражувања на своите граници и можности зашто „така треба“. Зашто не смее да се трча бос низ калта. Зашто љубопитноста е напорна, а сонувањето со отворени очи е губење време. Често си помислувам колку би било лесно да ги оставиме децата да се почувствуваат како дел од природата и да се осознаат себеси во целост додека растат, само ако го ослободиме тој грч што ни ги задушува дејствата, и тој страв што владее со нашите чувства. На нас, на родителите, воспитувачите, педагозите, целата заедница на возрасни околу нив, оптоварени со грижа дали доволно им овозможуваат.

А ништо не треба да се додаде, само да се одземе вишокот.
Тежнеењето по едноставно детско живеење во согласност со природата се манифестирало на многу различни начини, насекаде низ светот. Концептот на шумските градинки што започнале во Скандинавија во 50-тите години од минатиот векбрзо се проширил насекаде во Европа, особено во Германија, а потоа и во Америка. Постулатите се дека секое дете најдобро учи директно од природата, преку сите негови сетила. За децата да развијат здрав однос кон природата, да напредуваат академски и социјално, важно е да се поттикнат да се вљубат во неа и да ја интегрираат како дел од себе почнувајќи од рана возраст. Постојат многубројни истражувања, особено во Германија, кои покажуваат дека децата излезени од германските шумски градинки имаат јасна предност во однос на своите врсници од редовните детски градинки и покажуваат подобри резултати во развојот на когнитивните и на физичките способности, како и во креативноста и во социјализирањето.
Но, што да се направи таму каде што не е толку едноставно природата и учењето на отворено да се вклопат во формалниот образовен систем? Освен преку него, учењето во природа се остварува и на други неформални начини, за време на слободната игра на децата или со откривање на природата во дворовите, во близина на домот, во зелените училишни дворови, во парковите, во едукативните центри за деца на планина или покрај езеро / море. Карактеристика на пристапот на искуствено учење е фокусот на здобивање знаења, вештини, вредности, ставови и однесувања преку целосна изложеност на природата и нејзино прифаќање како основен темел на детскиот развој.
Примерите на неформалното учење во природа во урбани и во приградски средини се особено инспиративни затоа што децата се приспособуваат на околината во која се наоѓаат и, како некој вид „герила самостојно учење“ ја постигнуваат до максимум поставената цел – да израснат во здрави, љубопитни и способни деца преку програми што поттикнуваат ризик, експериментирање и слобода преку самостојна игра. Една таква програма е и „Тинкергартен“, со активности дизајнирани да им помогнат на децата низ игри на отворено да развијат низа основни физички, когнитивни и социјално-емоционални вештини. Со нив децата подобро учат, напредуваат и стануваат отпорни и подготвени на сè. Активностите на „Тинкергартен“, од кои многу се достапни за преземање на нивниот сајт https://tinkergarten.com, имаат цел да инспирираат чудa, да ги активираат сетилата и умот, да се осврнат на вековната мудрост на природата и да го поттикнат талентот на нивната посветена мрежа воспитувачи, родители и негуватели.
Многу можеме да научиме и од примерот на „play: groundNYC“ (www.play-ground.nyc), несекојдневно игралиште за авантура и за неструктурирана игра во Њујорк во кое е забранет пристап за возрасни, а децата имаат на располагање вистински ресурси, материјали и алати да истражуваат, создаваат и да пресоздаваат свои сопствени светови, притоа (самостојно) учејќи како да ракуваат со алатите, како да соработуваат и како да се соочуваат со ризиците. Таа навидум хаотична средина овозможува развој на длабока самосвест и перцепција за сопствените желби, потенцијали, одлуки, како вистинска подготовка за животот и за заедништвото низ креативна игра.

Некои групи родители самите се организираат и користат ресурси на мрежи, како на пример „Децата и природата“ (www.childrenandnature.org) за почнување клубови во природа за семејства – старо-нова форма на социјално, природно вмрежување, која има потенцијал да донесе значајни културни и општествени промени. Семејството има важен придонес во постојната ситуација на „затворено детство“, каде што децата се исклучени од природниот свет. Ако ние возрасните можеме некако да го промениме тоа, вреди барем да се обидеме. Ако веќе се стремиме да направиме радикална промена во воспитувањето и во образованието, што би било порадикално од тоа да го поедноставиме начинот на кој децата го впиваат светот околу себе.

- банер -

Искуствено учење и директно спознавање на светот на отворено

Моето семејство таа едноставност на живеењето ја пронајде на југот од Португалија, во една мала градинка-училиште, среде неколку питоми ритчиња и по некое раскошно дабово дрво. Хармонично вклопено во околниот предел, училиштето зрачи со скромност – неколку мали објекти, лединка за играње фудбал и брканици подрасната со трева, пермакултурна градина, рачно изделкана куќичка на дрво. Трамбулина и обична лулашка од јаже. Голема маса за оброци за сите деца заедно, поставена под еден прекрасен даб. Дрвена ограда. И толку. Нема пластика, нема нападни бои, нема бетонирана патека, нема вишок елементи. Едноставност на просторот.

Повеќето од активностите се надвор, во природа, со тим на посветени едукатори за настава во природа, обучени и за давање прва помош. Се следи методологијата на „искуствено учење“ и директно спознавање на светот преку сетилата, најдлабоко и најтемелно овозможено со неструктурирана игра. Длабоките доживувања на отворено, без разлика на сезоната и на временските услови, имаат огромна корист за децата и ги инспирираат да ја сакаат природата и да се грижат за неа. Децата што се поврзани со неа имаат подобро здравје, поголемо задоволство од животот и повнимателно се однесуваат кон околината.

Предавањето на наставниот материјал е спонтано и интегрирано во дневните активности. Училиштето е двојазично бидејќи повеќето од децата се од најразлични страни од светот. Читање, пишување, сметање, природа и општество – основните академски вештини се обработуваат секојдневно, без да им се наметне на децата потреба од напрегање за постигнување, туку низ игра, предизвик, како доживување. Секако, според индивидуалните интереси и личната мотивација. Има 30-ина деца од две до 10 години, во групи што се флуидни и се прелеваат, во зависност од спецификите на развојот на секое дете поединечно. Има различни активности за секоја возрасна група, но секое дете може да се вклучи ако нешто го интересира. Преку игра и со разговор за време на утринскиот „кружок“, тие самостојно си избираат што сакаат да прават тој ден.

Може да се прави многу – колиба од гранки во која се раскажуваат приказни, музички часови со слушање на звуците во природата со затворени очи, играње со вода и правење каналчиња и мостови, прошетки низ шумата со своерачно изработени фенери. Поголемите ископуваат вистинска глина, моделираат и печат керамички садови, помалите го следат „патот на волната“, од тукушто истрижани меки облачиња волна, преку рачно предење со вретено и фурка, до изработка на волнена играчка или предмет. Дел од наставниот процес е и градинарство – посебна е таа магија на спознавањето на живиот свет преку комуникација со семчињата, билките и корењата. Во сето тоа е вклучена и заедницата – во соседството има пчеларник, кој поголемите деца можат да го посетат и да ги запознаат пчелите, медот и поврзаноста на целиот екосистем. До градината има мал ринг за јавање – еднаш неделно децата комуницираат со неколку згрижени коњи, со кои работат две терапевтки. Во дружбата со нив децата ги здобиваат основите на емоционална емпатија со животни.

Целосно живеење на моментот

Уметноста се проткајува низ сите активности и искажувањето на чувствата преку боја е побитно од дамките на облеката. Децата се во удобна облека во слоеви и во гумени чизмички кога врне, а кога ќе ги надраснат, родителите ги оставаат во посебнo ковчеже за помалите деца. Истото се случува и со надраснатите играчки и книги – лесно си наоѓаат нов сопственик, а енергијата кружи. Еднаш годишно, тие деца што се чувствуваат подготвени за тоа, имаат ноќна прошетка со ѕвездите и преспивање во училиштето. Авантурата е сеприсутна, но без немир. Напротив, тој топол шум на дабовата долина меко ги успокојува и најпалавите деца. Се практикува целосното живеење во моментот. Нема телевизори, нема технологија, нема видео и фотографирање. Едноставност на доживувањето.

Освен наставниците, училиштето има и домаќин, еден дрводелец што го облагородува просторот и се грижи за него, а неретко и децата се вклучуваат во тој процес. При прошетката по земјените патеки низ долината, може да се налета на хотел за инсекти, дрвена количка, или лизгалка од кал (за специјални пригоди). Има и мала кујна, која обезбедува здрави и хранливи вегански закуски за децата – ручек и две ужини. Децата некогаш помагаат да се подготват оброците, а по јадењето имаат обврска да го стават остатокот во кошницата за компост и да си ги измијат својата чинија и приборот за јадење. Поголемите деца имаат неделни обврски што ги ротираат и кои вклучуваат и грижа и помагање на помалите. Едноставност на споделувањето.

Не знам дали и како кај моето дете ќе се манифестира благодатот од неговото сегашно опкружување. Тоа што гледам е дека во светкавите очи му ја препознавам онаа возбуда на доживувањето на природата на која се сеќавам од моето детство, радоста на мигот и леснотијата на сплотувањето со поголемата целина. Тоа ме бодри зашто наѕирам дека тој веќе има солидна основа за соочување со сите идни еколошки перипетии и планетарни неволји бидејќи ја познава и чувствува природата како дел од себеси.

Ја насетувам и критичната маса родители и едукатори со похрабар чекор и поширока визија, кои почнуваат да ѝ се препуштаат на природата да ја направи својата магична трансформација кон ослободување на детството и кон едноставноста на живеењето. Токму навреме, зашто без вљубеници и чувари, нема да ја имаме уште долго.

„Колку побавно дрвјата растат на почетокот, толку се поздрави во срцевината и мислам дека тоа важи и за човечките суштества“.
– Торо

(Авторката е обучувачка, пермакултурна дизајнерка, младинска работничка и дел од тимот на Transition Network www.transitionnetwork.org)

Напишете коментар