Дина Дума ја освои престижната награда „Нора Ефрон“ на Трајбека за „Скејтбордингот не е за девојчиња“
Македонската режисерка Дина Дума ја освои престижната награда „Нора Ефрон“ на еден од најзначајните американски филмски фестивали „Трајбека“ кој се одржува во Њујорк. Наградата е за нејзиниот нов долгометражен филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“.
Особената тежина на наградата е во тоа што за неа конкурираат филмови од целокупната фестивалска програма, што признанието за Дина Дума го прави уште позначајно и за македонската кинематографија.
Станува збор за едно од најважните специјални признанија на фестивалот, кое се доделува на режисерка чија работа го отелотворува духот, визијата и храброста на легендарната американска авторка Нора Ефрон, сценаристка, режисерка, драматург и новинарка, позната по филмовите „Кога Хари ја сретна Сали“, „Бессони во Сиетл“ и други.
Во образложението, жирито истакна дека филмот отвора важно прашање за положбата на жените во патријархалните средини и преку исклучително емотивен и автентичен пристап им дава глас на оние чии приказни ретко стигнуваат до големото платно.
Дума ја прими наградата во Њујорк заедно со актерката Симонида Селимовиќ, која во филмот ја толкува улогата на мајката на главниот лик.
„Драго ни е што жирито ја препозна неодложноста на оваа приказна. Благодарност до Трајбека, место каде што може да се зборува отворено во време кога на светот му недостига сочувство. Филмот е лекот. Треба да се разбудиме, да проговориме и да бидеме заедно“, изјави Дума при примањето на наградата.
Филмот ја следи приказната на 13-годишната Адела, девојче од ромската заедница кое преку скејтбординг се спротивставува на традиционалните очекувања и се обидува да го пронајде сопствениот пат. Преку три генерации жени, филмот отвора прашања за слободата, изборот, семејството и судирот меѓу традицијата и современоста.
Во главните улоги настапуваат Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула, а голем дел од актерската екипа ја сочинуваат натуршчици. Сценариото го потпишуваат Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е копродукција на Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, реализирана во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со продуцентка Лабина Митевска.
Освојувањето на наградата „Нора Ефрон“ претставува едно од најзначајните меѓународни признанија за македонски филм во последните години и уште една потврда дека домашните автори успешно се позиционираат на најрелевантните светски фестивалски сцени.
- Што ги движи протестите и зошто општествените движења не се само левичарски каузи?
- Патувачкото кино на „МакеДокс“ повторно тргнува низ Македонија: Бесплатни проекции во шест места
- Историски успех: „Приказната за Силјан“ е првиот македонски филм номиниран за наградите „Еми“
- „Зрно“ 2026 ги претставува избраните автори од меѓународниот отворен повик
- Книгите не можеме да ги вратиме, но можеме да помогнеме „Антолог“ да создава нови