Со отворен ден за деца и семејства, дневниот центар „Гнездо“ одбележува една година работа
Дневниот центар „Гнездо“, кој функционира во рамки на Здружението „Новинари за човекови права“, на 16 мај 2026 година ќе го одбележи својот прв роденден со Отворен ден што ќе се одржи во дворот на центарот во Скопје, во периодот од 12 до 14.30 часот.
Центарот претставува безбеден и поддржувачки простор за деца и семејства во социјален ризик, каде се обезбедува образовна, психосоцијална и практична поддршка со цел унапредување на нивната вклученост, развој и благосостојба во заедницата.
По повод одбележувањето, настанот ќе биде од отворен карактер и ќе понуди низа интерактивни активности за деца од различни возрасти и нивните семејства. Програмата ќе се реализира во соработка со партнерски организации и ќе вклучува креативни работилници за цртање и боење, едукативни активности како садење цвеќе, физички игри, како и активности за развој на концентрација и внимание.
Од организацијата посочуваат дека првиот роденден на „Гнездо“ не е само симболична прослава, туку и можност да се истакне значењето на заедничката грижа, поддршка и вклучување на децата и семејствата кои се соочуваат со социјални предизвици.
Настанот е отворен за јавноста, а учеството е бесплатно.
- Отворен повик за 5 млади амбасадорки за дигитална безбедност: зајакнување на жените во сајбер просторот
- Дејан Дуковски: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ има многу важна улога за мене како автор
- Скопје домаќин на национална конференција за социјално претприемништво: фокус на политики, партнерства и локален развој
- Ден посветен на Дејан Дуковски на „Војдан Чернодрински“: Изложба, промоција на драми и разговор со авторот
- Отворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот живее додека има сцена, публика и приказни