Доза вести

Документарецот на Милчо Манчевски за трагедијата во Кочани ќе ја има светската премиера на Сараевскиот филмски фестивал

Документарецот „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски, за трагедијата во Кочани ќе ја има светската премиера на Сараевскиот филмски фестивал

Документарниот филм „Добри луѓе“ на режисерот Милчо Манчевски ќе ја има својата светска премиера на 16 август, во рамки на Официјалната натпреварувачка програма на Сараевскиот филмски фестивал, најголемата и најзначајна филмска манифестација во Југоисточна Европа, кој пак ќе се одржи од 14 до 21 август 2026.

Филмот се осврнува на трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани од 16 март 2025 година, во кој загинаа 63 млади луѓе. Наместо реконструкција на настаните, „Добри луѓе“ се темели на сведоштвата на преживеаните и на луѓето кои биле директно погодени од трагедијата, ставајќи го во фокус нивното искуство, болката и солидарноста.

– Мојата прва мисла беше за жртвите, преживеаните и хероите, за тоа како никој од нас не може целосно да ја почувствува големината на оваа болка. Сакав да ги слушнеме најзасегнатите, да им дадам глас на добрите луѓе. Почнавме да ги снимаме уште веднаш, само еден месец по трагедијата. Тоа беше најмалку што можевме да понудиме како знак на огромна почит и солидарност – вели Манчевски.

Авторот посочува дека филмот користи минималистички пристап, без драматизација и без дополнителни интервенции, оставајќи просторот да го исполнат сведоштвата на луѓето кои ја преживеале трагедијата.

– Овој филм е нивен. Ние бевме таму само за да дадеме поддршка, да ги пренесеме нивните зборови, мисли, искуства и емоции. Како филмаџии, ние сме школувани да работиме со материјалот, да го водиме, да го вајаме, но јас решив дека нашата работа во овој филм ќе биде да се повлечеме во втор план. Дискретно ја обликувавме приказната за таа трагична ноќ, без какви било одвишни синеастички интервенции. Оваа спартанска, минималистичка техника е нешто што го доближува гледачот до доживеаното искуство. Овој филм е како книга – зборовите се многу важни. Една од пораките е да бидеме подобри едни кон други, да го препознаеме доброто во луѓето со кои живееме. Им должиме голема благодарност и на „Сапорт Кочани“, кои ѝ помагаат на заедницата и многу ни помогнаа во реализацијата на овој филм – рече режисерот.

Монтажер на филмот е Мишко Чунихин, директор на фотографија Иван Ивановски, а музиката ја компонираше Игор Василев – Новоградска. Извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани.

Од продукцијата информираат дека филмот е реализиран со приватни средства преку „Банана филм“, во соработка со иницијативата „Сапорт Кочани“, без финансиско учество на државата. Дополнително, продуцентите, дистрибутерите и авторскиот тим се откажуваат од добивката, а приходите од филмот ќе бидат наменети за поддршка на жртвите од трагедијата во Кочани.

Светската премиера се одржува на Сараевски филм фестивал, којшто важи за најзначајниот фестивал во Југоисточна Европа и кој секоја година привлекува повеќе од 100.000 посетители. Минатата година, Сараевскиот фестивал од Американската академија за филмски уметности и науки го доби статусот „квалификациски филмски фестивал за Оскар“. Тоа значи дека добитникот на наградата „Срцето на Сараево“ за најдобар долгометражен документарен филм автоматски се квалификува за влез во трката за номинација за наградата „Оскар“. Дел од фестивалот се и регионалниот копродукциски пазар CineLink, програмите Talents Sarajevo и Documentary Rough Cut Boutique.