Доза вести

Три иницијативи за здравје, инклузија и правда ќе бараат поддршка на Донаторскиот кружок на „Конект“

Донаторски кружок КОНЕКТ

Граѓаните и компаниите на 4 јуни ќе можат директно да поддржат отворање центар за лица со афазија, подобрување на условите за живот на лица со попреченост и иницијативи за правично судење.

Како изгледа донација што остава трајна промена? Одговорот годинава ќе го понудат три граѓански иницијативи кои на 4 јуни ќе бидат претставени на традиционалниот Донаторски кружок на Конект во Скопје. Настанот, кој ќе се одржи во просториите на Македонски Телеком, ги повикува граѓаните, компаниите и поддржувачите да се вклучат во колективно донирање за проекти што адресираат конкретни општествени потреби, од здравствена поддршка, преку инклузија, до пристап до правда.

Годинава учесниците ќе имаат можност да донираат за три иницијативи кои нудат директни решенија за ранливи категории граѓани.

Прв специјализиран центар за лица со афазија

Првата иницијатива доаѓа од ХОУП – Здружение за помош и поддршка на лица со афазија, во соработка со Клиниката за неврологија. Средствата ќе бидат наменети за отворање на првиот специјализиран центар за лица со афазија преку реновирање и адаптација на простор во рамки на ЈЗУ Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација.

Центарот треба да обезбеди подобри услови за рехабилитација и поддршка на лица кои по мозочен удар или други невролошки состојби имаат потешкотии со говорот и комуникацијата, како и поддршка за нивните семејства.

Подостоинствени услови за живот на лица со попреченост

Втората иницијатива е на Центарот за младински активизам КРИК и е насочена кон подобрување на условите за живеење на лица со попреченост. Проектот предвидува реновирање и опремување на четири групни домови за поддржано живеење, во кои живеат 20 лица со попреченост. Покрај подобрувањето на условите за живот, иницијативата вклучува и поддршка за развој на вештини и креативно изразување преку Креативниот центар „Крикни“. Целта е корисниците да добијат поголема самостојност, подобар квалитет на живот и повеќе можности за активно вклучување во заедницата.

Поддршка за правично судење и заштита на граѓанските права

Третата иницијатива ја предводи Коалицијата „Сите за правично судење“. Со средствата собрани на Донаторскиот кружок ќе се поддржи работата на независни набљудувачи кои следат судски постапки и придонесуваат за поголема транспарентност и отчетност во правосудниот систем. Организацијата планира да обезбеди набљудување на најмалку 100 судски рочишта, особено во случаи што ги засегаат жртвите на семејно насилство, лицата со попреченост и работниците кои бараат заштита на своите права.

Донирањето како заедничка одговорност

Донаторскиот кружок на „Конект“ е модел на заедничко донирање преку кој граѓаните и компаниите директно ги поддржуваат иницијативите што носат мерливи промени во заедницата. Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани да се приклучат и да станат дел од заедница која инвестира во солидарност, инклузија и општествена одговорност. Заинтересираните можат да го потврдат присуството на овој линк.