People of Change

Дороти Пачкова: Од самохрана мајка до глас на жените и двигателка на општествени промени

Дороти Пачкова Од самохрана мајка до глас на жените и двигателка на општествени промени

Преку „Една може“ и „ЈунајтедФем“, Дороти Пачкова создава мрежа на поддршка за самохрани мајки и ранливи жени, покажувајќи дека личната борба може да стане двигател на општествени промени.

Кога ќе се спомене името Дороти Пачкова, првата асоцијација е организацијата „Една може“. Нејзиното животно искуство како самохрана мајка се претвора во мисија за поддршка на жените кои се соочуваат со осуда, несигурност и институционални предизвици. Од лична борба до создавање на „Една може“ и „ЈунајтедФем“, таа денес е препознатлива како една од најгласните поддржувачки на родовата еднаквост и женската солидарност во Македонија.

Одлуката самостојно да роди и да одгледува дете во средина што не секогаш прифаќа различност, ја соочува со осуда од околината што претходно не ѝ била позната. Но наместо да се повлече, таа одбира да оди спротивно на општествените очекувања.

– Во периодот кога почнав јавно да излегувам и да зборувам, го правев тоа чисто интуитивно. Од несопирливата потреба да се зборува за неправдите кои ние на Балканот имаме обичај да ги буткаме под тепих- се потсетува Дороти.

Она што ја води низ тие моменти не е само личната сила, туку и длабока верба во животот, во постоењето и во луѓето. Дури и кога контекстот околу неа ѝ буди гнев, таа се потсетува на нешто суштинско: човекољубието.

Животното искуство во служба на другите 

– Пред да биде формално експертско здружение за родова еднаквост и права на ранливи жени, „Една може“, беше движење на жени кои решија да не молчат, токму во мигови кога сите им зборуваат дека треба да бидат тивки, мирни и да молчат, дури и да се срамат од себеси и своите животни избори – истакнува Дороти.

Преку најразлични повици за донации, помош околу станбените или правни прашања, насоки за постапки кон институциите и слично, со „Една може“ им има помогнато на многумина жени кои биле во слична животна ситуација. Една од нив е и Шуркије Пини. 

– Пред точно шест години останав сама, без ничија помош, ни од родители, ни од роднини. Побарав помош  преку социјалните мрежи, ѝ пишав, и таа (Дороти) веднаш ми одговори. Се собраа доволно донации, доволно бебешка козметика, облека, реквизити… Тоа беше како еден знак дека јас треба и можам да продолжам сама понатаму – споделува Шукрије за искуството со поддршката од Дороти.

Со текот на времето, оваа иницијатива се развива во организација што работи на родова еднаквост и поддршка на ранливи жени. Денес, Дороти стои и зад мрежата „ЈунајтедФем“, поврзувајќи различни организации во заедничка мисија – зајакнување на жените.

– Моментот кога ќе можам својата глава да ја спуштам на рамото на некоја од моите соборки и моментот кога ќе знам дека конекцијата помеѓу луѓето, колку и да сме силни во момените кога сме слаби, е тука, присутна, искрена и реална – вели Дороти, и додава дека најголемата сила доаѓа од луѓето и од поврзаноста што се создава меѓу жените кои делат слични искуства.

Женски мрежи што менуваат животи 

Цветанка Бурзевска, која е лиценцирана психологинка, арт и гешталт психотерапевтка, појаснува дека поддршката што се создава меѓу овие жени не е само практична. Таа има и длабоко психолошко значење.

– Кога ќе споделиме мака со некој којшто поминува исто или слично искуство, ние всушност, го намалуваме чувството на таа вина, анксиозност, стрес којшто го чувствуваме и нниз којшто поминуваме. Сфаќаме дека не сме неуспешни поради тоа што ние не разбираме доволно или не можеме да се снајдаме, туку едноставно се наоѓаме во таков систем, којшто е претежок за менаџирање – вели Бурзевска.

Од друга страна, пак, појаснува таа, кога жените се поврзуваат меѓусебно или споделуваат искуства, имаат чувство на припадност:

– „Јас припаѓам во одредена група, припаѓам на одредено место, имам свое место, прифатена сум“. И, најважно од сè, ја добиваат емоционалната подршка од некој којшто веќе поминал низ такво нешто -појаснува Бурзевска.

Токму тоа вмрежување, додава таа, отвора нови можности, од правни совети до секојдневна помош. Но најважно, создава основа за стабилност и личен раст.

И покрај сите животни предизвици, Дороти останува доследна на својата цел – жените да не се откажуваат. Да продолжат напред во животот, да се поддржуваат и да веруваат дека промената е возможна. За неа, борбата не е ограничена на поединец. Таа се одвива и на пошироко ниво, во општеството.

– Никогаш нема да се откажеме од нашите заложби да исцелуваме и на микро-ниво, како поединци, и на макро-ниво,  како општество. Да продолжиме да веруваме во трансформација на еден човек, на еден свет- заклучува Дороти. 

Кликнете на фотографиите за поголема верзија.

Пристапната видео приказна за Дороти, Шукрије и самохраните мајки, погледнете ја во видеото.

Новинарка: Бјанка Станковиќ
Видео и монтажа: Горан Бошковски
Фотографии: Ирина Крстевска
Анимација: Андријана Весовска
Илустрации и графички дизајн: Ружица Мандичевска
Уредничка поддршка: Славица Ќурчинска, Маја Раванска, Климентина Илијевски
Мултимедијална пристапност: Асоцијација за пристапност и инклузија – АПИ: Кристијан Лазарев  и Ванеса Лазарева.
Аудионарација: „Самоглас“: Христијан Попсимонов, Ангела Стојановска
Музика на шпица: „Тело за на ТВ“, „Дупер“; Автори: Борис Какуринов („Дупер“), Илчо Нечовски („Дупер“), Мартина Баракоска – тапани, перкусии, пратечки вокали.
Продукција: Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – Скопје, за потребите на проектот „People of Change – transformation, resilience, progress“.

„Innovation. Media. Minds: ЕУ поддршка на новинарството во јавните сервиси на Западен Балкан“, е проект финансиран од Европската унија што се спроведува од страна на „Goethe-Institut“,  во име на Европската комисија и во соработка со партнерот за спроведување „DW Akademie“. За оваа содржина исклучиво е одговорно Здружението „Паблик“ и не мора да го одразува мислењето на Европската унија.

Дисклејмер со логоа од проектот People of Change

На овој линк може да ги најдете и сите приказни од овој серијал. Подолу погледнете ги и видео-приказните:

Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“