Од денеска, до 18-ти јуни, Културно социјалниот простор „Центар- Јадро“ организира онлајн изложба.
Проектот покани седум уметници кои ја делат состојбата на прекаријатска неизвесност, кои преку претставените дела ги адресираат скриените и не толку скриени нееднаквости во општеството и причините кои ги предизвикуваат, преку истражувања на емотивните состојби во време на криза, ограничувањето од општествените конструкти во однос на  личната слобода, социјалното домување, грижата за околината и јавниот простор, експлоатација на трудот и мигрантската криза, неизвесноста од иднината, со финална цел да укажат од неопходноста од заедничко здружување и решавање на заедничките проблеми во прекаријатскиот даден контекст.
Учествуваат уметниците Иван Ивановски, Симона Манчева, Дарко Алексовски, Доротеј Нешовски, Елена Чемерска, Зорица Зафировска и Никола Узуновски, кураторка е Јованка Попова, а координатор на проектоте е Ѓорѓе Јовановиќ.
- Состојбaта на криза, со сите политички и економски промени кои ги носи, го зголемува јазот и уште повеќе ги истакнува разликите меѓу различни групи и поларизирани заедници. Во време на оваа ново настаната ситуација неизвесноста во секојдневието на прекаријатните културни работници станува далеку поизразена. Честопати сме разочарани од немањето дослух за нашите политички барања, а надежта треба да ја најдеме единствено во фактот што се имаме едни со други. Она што не можеме да го добиеме од државата, работодавецот, синдикатот, го бараме еден кај друг. И го наоѓаме – велат од „Центар –Јадро“.
Дури и во „нормални“ услови, објаснуваат тие, Хито Стејерл вели дека освен „домашната и работата на негувателите - уметноста е индустрија со најмногу неплатена работна сила околу себе. Таа се заснова на времето и енергијата на неплатените практиканти. Бесплатната работна сила и неконтролираната експлоатација се невидливата темна материја што го овозможува функционирањето на секторот за култура“.
Уметниците посочуваат дека нашите пријателства го сменија „пејзажот“ и „мигрираа“ на интернет мрежата.
- Сепак, пријателството е многу повеќе од релација на социјалните медиуми. Оттука, во потрага сме по нови начини и простори кои го комбинираат институционалното и социјалното, здрави работни заедници кои се подршка во насока на соживот за решавање на реални проблеми и заемна помош.
Намерата на проектот е истовремено да апелира за конечен прекин на практиката на бесплатно искористување на уметничкиот труд и да укаже од неопходноста од платена уметничка работа. Делата се претставени виртуелно, но заемната грижа е реална. Со ова, тие повторно го откриваат значењето на солидарноста, колективна грижа и делување во заедништво.