Осмооделенецот Матеј Цветковски од Радовиш е добитник на прва награда за изработка на концепт за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“ во рамки на проектот „Видео игротека“ во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии – УМПАКИ Скопје.

Од Унијата соопштија дека неговиот концепт за игра насловена „Valley of Sprouts“ беше избран за најдобар од повеќе пријавени на повикот што беше распишан кон крајот на септември и траеше до 18 октомври.

Тричленото жири составено од Гораст Цветковски, Саша Станишиќ и Петар Котевски, одлучи да додели и втора награда – гејмпад на шестоодделенецот Матеј Цветковски и осмоодделенецот Максим Ѓоргиев за нивниот заеднички концепт за играта Haunted House.

Победничките проекти беа промовирани во последната епизода на познатиот подкаст за видео игри GG (gg.mk ).

Според пропозициите на повикот, право на учество имаа тимови и индивидуалци до 18-годишна возраст. Натпреварувачите требаше да смислат концепт за игра, да приложат минимум пет слики и нацрти (цртежи, фотографии, дигитални дизајни и слично) за играта и кус опис од неколку реченици.

Целта на проектот е да се промовира етички однос кон природата и ќе го потенцира овој проблем како многу битен и клучен за развој нa здраво општество и земја. Видео игрите кои се дел од активностите од проектот треба да послужат како алатки за подигање на општествената свест кај младите. Идејата е и младите да се запознааат со креативните можности кои ги нуди еден од најбрзо растечките нови медиуми, а тоа се видео игрите.

Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ – Скопје, како единствена организација од овој вид во државата (која вклучува различни асоцијации од областа на креативните индустрии) посветена на унапредување и развој на сите сегменти на креативните индустрии. Проектот „Видео игротека“ е поддржан од Министерството за култура, стои во соопштението