Институтот за комуникациски студии започна со кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сé“, која ќе трае во текот на 2021 година. Кампањата се фокусира на два специфични проблема: (1) управувањето со водните ресурси (како да се користи и заштити водата) и (2) инспекцискиот надзор против прекумерното искористување на природните ресурси (минерални суровини, шуми, почва и вода). Кампањата „Разбистри сé“ има за цел да се подигне свесноста на граѓаните за овие проблеми и да се зголеми влијанието за носење или промени на јавните политики.

Кон кампањата се придружи и Алијансата за застапување и лобирање, која ја сочинуваат 42 граѓански организации, факултети и медиуми, а со чија поддршка и заеднички активности ќе се реализира „Разбистри се“.

Кампањата „Разбистри се“ се реализира како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје и ќе трае во текот на целата година и ќе се заснова на податоците и конкретните решенија понудени во двата документа за јавни политики од Институтот за комуникациски студии.

Платформата за одржлив развој, „Лице в лице“, се приклучува кон заложбите на кампањата.

„Бистро значи чисто и јасно. Бистро се користи за некој кој разбира лесно и брзо – бистро дете, бистра жена, бистар маж. Но и за некој кој гледа јасно – бистар ум, бистро око, бистар поглед. Се приклучувам кон кампањата #РазбистриСѐ за заедно да влијаеме врз одржливо користење и заштита на водата и за ефикасен надзор врз искористувањето на природните ресурси“.