Мартин Серафимов, Момир Рниќ и Златко Хорват од ракометниот клуб (РК) „Металург“,  Хари Павлов, Христи Бикоски, Хазеин Рустамов од РК „Прилеп“, Дејан Пецаковски и Михаил Аларов од РК „Пролет“ и Кристијан Дисингер од РК „Вардар“. Ова е главната ракометарска постава, која од утре, па сѐ до 7 февруари, ќе биде главен соиграч и поддршка во работата на продавачите  на „Лице в лице“, единственото улично списание во земјава - во знак на одбележување на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, што ќе трае од 1-ви до 7-ми февруари.

Сите тие заедно, тимски, и во спортски дух, под слоганот „Биди фит – вежбај го умот“, низ секојдневни средби со граѓаните, ќе ѝ се обратат на јавноста во три града во земјава, Скопје, Струга и Прилеп, со цел да укажат на вредностите кои се неопходни за успех во нивната работа: јасна цел, упорност, постојана работа на себе, но, и поддршка од публиката, од трибините или од читателите.
Предизвиците со Ковид - 19 и неизбежната изолација резултира со негативен одраз врз целокупното живеење, посебно врз економската и социјална интеграција на ранливите сограѓани. Изминатата година нѐ научи дека грижата за менталното и физичкото здравје, но, и солидарноста и заемната поддршка, се клучот за пребродување на кризните периоди.
Токму затоа, целонеделниот настан за славење на работата на продавачите на уличен печат предвидува бројни средби со граѓаните, кои ќе имаат можност да се дружат со продавачите, да се сретнат со содржините на актуелното издание на „Лице в лице“, но, и да  се фотографираат со познатите ракометари, од кои, овојпат, пристигнува главната поддршка.

Распоредот на неделните дружења и средби меѓу продавачите, ракометарите и граѓаните, е следен:

Вторник, 2 февруари:

Градски парк, (кај Фонтаната)
12 часот: Мартин Серафимов и Момир Рниќ - РК „Металург“

Среда, 3 февруари:

Плоштад „Македонија“, (кај книжарницата „Култура“)
15.30 часот: Мартин Серафимов и Златко Хорват – РК „Металург“
Центар на Прилеп
, 11.30 - 13.30 часот: Хари Павлов, Христи Бикоски, Хазеин Рустамов - РК „Прилеп“

Четврток, 4 февруари:

Скопје, плоштад „Македонија“
, (кај книжарницата „Култура“) 13 часот: Дејан Пецаковски и Михаил Аларов - РК „Пролет“
Струга, (Женска плажа)
, 14.30 часот:  Никола Цветановски, Вук Лакичевиќ и Петар Марковски - РК „Струга“
Битола, (х.„Епинал“/Широк сокак)
, 13 часот: Матео Мараш, Дејан Кукулоски и Ненад Костески - РК „Еурофарм Пелистер“ 

Петок, 5 февруари:

Плоштад „Македонија“, (кај книжарницата „Култура“)
12 ч: Кристијан Дисингер – РК „Вардар“

Понеделник, 8 февруари,
Скопје, 12 часот:  Горан Печенковски, Бојан Спасовски  - РК Бутел Скопје

Охрид, 13 часот: Никола Даниловски, Михајло Младеновиќ - РК „Охрид“

Термините со други спортски клубови кои ќе се приклучат - ќе бидат дополнително прецизирани.

На спортистите ќе им се приклучат и други јавни личности и инфуленсери од земјава, а сите новости врзани за нивното учество, и воопшто за Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, ќе бидат споделувани и на социјалните мрежи на „Лице в лице“ на: Инстаграм (@licevlice) и на фб страната.
Продавачите може да се поддржат и онлајн, преку претплата на дигиталното издание, на следниов линк.

Инаку, за прв пат оваа година, заради пандемијата, Меѓународната недела на продавачи на уличен печат нема официјален глобален предзнак, туку се одбележува по иницијатива на уличните списанија, членки на Меѓународната мрежа со седиште во Глазгов. Нашата земја, овој настан, кој ја слави работата на продавачите, ќе го одбележи  по 9-ти пат, при тоа, почитувајќи ги сите протоколи на заштита.
Тимот на „Лице в лице“ верува дека пандемиската криза, која укажува на многу наши системски пропусти и во редовни услови, ќе даде појасни насоки за иднината во пристапот кон решавањето на предизвиците со кои се соочуваат социјално ранливите сограѓани, во случајов – продавачите на „Лице в лице“.
Во земјава се регистрирани 35 улични продавачи на „Лице в лице“ во 6 градови, односно во Скопје, Битола, Струга, Неготино, Тетово и во Куманово.

- „Лице в лице е многу повеќе  од списание. Претставува важна и моќна алатка за интеграција на ранливите групи, и тоа на повеќе нивоа. Но, она што е клучно во мисијата е оспособување на ранливите  сограѓани за непречен пристап до пазарот на труд. Тоа значи поминување низ процес на социјално менторство, кое, во широки рамки, меѓу другото, ќе се погрижи да се подобрат дигиталните вештини на продавачите, да се развијат нивните потенцијали, да се спроведуваат активности на описменување, курсеви за различни професии и занаети, поддршка во надминување на потешкотиите кои ќе произлезат од микро и макро средината, како и константно насочување кон активности за професионално усовршување – вели главната уредничка на списанието, Климентина Илијевски, која е и извршна директорка на Асоцијацијата за истражување комуникации и развој „Паблик“, издавач на „Лице в лице“.

На глобално ниво, продавачи на уличен печат има во над 100 улични списанија

и весници на 24 јазици, во 35 земји. Над 20.500 продавачи секоја година се вклучени

во продажба на уличен печат, заработувајќи вкупно 27.4 милиони евра годишно.

„Лице в лице“ е достапно онлајн


Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ направи чекор поблизу до своите читатели, повикувајќи ги своите поддржувачи да ги читаат содржините на списанието и дигитално, станувајќи дел од дигиталната „Лице в лице“ заедница и заедно да се движат кон промените.
„Лице в лице“, преку веб платформата ja активира заедницата одговорни граѓани, институции, компании, кои станувајќи членови, придонесуваат во инвестицијата за подобро општество: социјална инклузија, социјална економија, независно и „solution“ новинарство, кое има за цел да посочи на успешни решенија и алтернативи кои значат унапредување на целокупната општествена клима.



-------------------
„Лице в лице“ е улично списание кое излегува од септември 2012 година и го промовира моделот на социјално претприемаштво. Продавачи се ранливи сограѓани, кои се обучуваат за продажба од страна на тим на платформата „Лице в лице“. Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е директна заработка за продавачот
(доколку го купите списанието директно од продавач или
преку негов код), или се вложува во фондот за социјално менторство – поддршка на продавачите за градење вештини и за нивно вклучување на отворен пазар на труд. Останатата половина се вложува во создавање нови содржини, развој и надградба на дигиталната платформа и за печатење на печатеното издание.
С
писанието врши двојна улога – ги засилува ранливите сограѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – одржлив развој, социјална вклученост,  демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на списанието.