Продадени 1100 списанија, вклучени осум ракометни клуба од машката супер лига, тројца твитерџии кои продаваа „Лице в лице“ како поддршка на продавачите и еден куп читатели на „Лице в лице“, е епилогот од одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, која се случуваше изминативе осум денови во Скопје, Струга, Битола, Охрид и во Прилеп.



Акцијата се одвиваше под слоганот „Биди фит-вежбај го умот“, а читателите на „Лице в лице“ имаа можност да го купат списанието, да се фотографираат со ракометарите и да добијат нивен автограм.
- Многу ми е интересно што ракометарите нè дружат! Многу сакам да видам како тренираат и да научам некоја финта на терен од нив –  вели продавачката на „Лице в лице“ Рамајана Реџепи, по дружбата со ракометарите на „Пролет“.
Дел од продавачите за прв пат добиваат поддршка од популарни лица, а дел од нив со оваа акција се заинтересираа за ракометот како спорт.
- Никогаш не сум имал искуство како ова, да продавам списанија со автограм и да им нудам на купувачите да се сликаат со нас. Убаво ми беше да се дружам со ѕвезда како Дисингер – сподели  Тунан Садик.




Ракометарите пак, споделуваа дека навистина не е едноставно да се продава улично списание, особено во услови на пандемија. Тие ги повикаа продавачите на „Лице в лице“, кога ќе се обезбедат услови, да бидат на трибините и да ги поддржат спортистите, навивајќи за нив.
Поддршката од твитер заедницата пак, дојде од @ashe_wdc @Vlatko_Werder и @jburgundi, кои им го разубавија денот на Валентин, Самир и на Мехмед, нудејќи го заедно со нив „Лице в лице“ во Градскиот парк во Скопје.
- Саботата во парк беше преубав ден! Не само што продававме и се дружевме со супер луѓе, туку и се возевме на тротинети – изјавија тројцата продавачи кои се дружеа со твитерџиите.
Настаните беа одржани во Скопје, Прилеп и Струга, Битола и во Охрид, со вклучување на продавачите од Дневен центар за деца на улица од Скопје, „Порака Нова“ од Струга и МКЦ од Битола.



Ракометарите кои беа дел од акцијата се: Кристијан Дисингер („Вардар“), Ненад Костески, Дејан Кукуловски и Матео Мараш („Еурофарм Пелистер“), Мартин Серафимов, Златко Хорват и Момир Рниќ („Металург“), Михајло Младеновиќ и Никола Даниловски („Охрид“), Горан Печенковски, Бојан Спасовски и Јовица Младеновски („Бутел“ Скопје), Дејан Пецаковски и Михаил Аларов („Пролет“), Никола Цветановски, Петар Марковски и Вук Лакичевиќ („Струга“), Хари Павлов, Христи Биковски и Хазеин Рустамов („Прилеп“).
Поддршка добивме и од инстаграм –инфлуенсерките Сања Ристиќ и Миа Костова, како и од граѓаните кои купуваа списанија и со тоа ја поддржаа заложбата на продавачите да работат.



За прв пат оваа година, заради пандемијата, Меѓународната недела на продавачи на уличен печат нема официјален глобален предзнак, туку се одбележува по иницијатива на уличните списанија, членки на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) со седиште во Глазгов. Нашата земја, овој настан, кој ја слави работата на продавачите, ќе го одбележи по 9-ти пат, при тоа, почитувајќи ги сите протоколи на заштита.
Граѓаните кои ги пропуштија овие дружења, може да си обезбедат списание на овој линк, станувајќи дел од „Лице в лице“ заедницата.

Албумот со галерија фотографии е достапен на овој линк