Почитуваниот и омилен професор по философија, Стефан Сидовски-Сидо, доби дигитална архива за неговото животно дело, резултат на посветеноста на негови роднини, пријатели, соработници и ученици.

Во оваа архива собрани се речиси сите аматерски филмови, како и неговиот единствен професионален филм „Образ“. Достапни за читање се и интервјуа и излагања што ги имал, како и туѓи сведошта и спомени за неговиот живот.

Меѓу нив се и осврти за него објавени во „Лице в лице“, во рубриката „Актив арт“.

„При подготовките за снимањето на последниот филм разговаравме за вештачката интелегенција, можностите за машинско учење и за роботиката. Неговиот интерес беше насочен кон иднината на човештвото. Последниот наш филм Последното кафе го снимивме на 15 март годинава, со постар фотоапарат, кој имаше можност за снимање HD видео со 20 фрема во секунда, мал статив и користење амбиентална светлина без никакви интервенции. Сидо глумеше, јас го снимав додека околу нас се одвиваа вообичаените активности на вработените во кафулето. Кога ја виде првата измонтирана верзија, ми кажа: „Восхитен сум, треба да го дадеме филмот на фестивалот ’Браќа Манаки‘“. Кога се сретнавме за последен пат, на поминување од возилото му го предадов филмот на професорот, а тој кратко ми кажа дека има во план посериозен проект за кој би требало да разговараме. Додека заминував низ ретровизорот го погледнав за последен пат. Со дивидијата в раце ми заличи на дете што зрачи од среќа и се радува на посакуваната играчка. Тогаш помислив: колкава животна енергија, колкава радост… Следната негова слика што ја видов беше фрем од филмот „Последното кафе“ и написот „Почина култниот професор по филозофија Стефан Сидовски“, пишува Ратомир Цениќ, дипломиран електроинженер и магистер по филмска и ТВ-режија. Поранешен ученик на Сидо, тој е и негов чест соработник, јавувајќи се како камерман, монтажер и постпродуцент на многу од неговите аматерски филмови. И самиот е режисер на неколку, вклучително и еден документарен филм за Драгомир Шојиќ.

Покрај Цениќ, во „Лице в лице“ објавен е и осврт за ликот и делото на професорот од страна на неговиот поранешен ученик, Никола Стиков, насловен, „За Сидо, со ’c‘ co cè“.

„ ... Наредната година заминав на студии во Америка. Тетратките со белешките од Сидо ги зедов со себе. Се запишав на интензивен курс по философија. Му побарав адреса и решив да му пишам писмо. Колкава беше само радоста кога добив одговор - читко напишано писмо во кое ми бара да му пратам повеќе детали за програмата по философија на „Стенфорд“. Одеднаш имав нешто што Сидо го посакуваше! Станав кул во сопствените очи“, пишува Стиков.

Сидовски 36 години беше професор во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, а предаваше и како вонреден професор по историја на филм и теорија на филм во ЕСРА.

„Сидо беше достоинствена и пристапна личност со интегритет и постојан интерес за самоподобрување. Напорно се трудеше да биде доследен во своите истражувања и животни експерименти – одлика необично туѓа на најголем дел од философите, не само зашто повеќето од нив ја потценуваат комплексноста и долготрајноста на меѓучовечките односи. Сидо никогаш не веруваше дека истите се сведливи на парадигма; последично, жртвата кај него најчесто не беа ставовите и меѓучовечките односи, туку текстот и философскиот систем. Затоа и беше така еклектичен мислител; но, затоа и беше почитуван и сакан од многумина. Се чини дури и богохулно да се посвети поголемо внимание на неговите записи отколку на неговиот живот: иронично, хагиографија за Сидо веројатно ќе даде подобар увид во неговиот светоглед отколку неговите лични записи. Човекот што се наоѓа во ракописите споделени на оваа страница не е Сидо; оној што ѕирка зад спомените и сведоштвата на неговите ученици и познаници е. Сидо беше редок вид: философ во пракса, не на хартија“, стои на  веб страницата за почитуваниот професор по филозофија. 

Сидовски почина во својот дом во 2019 година.