Освестувањето дека лицата со попреченост ги имаат истите права како и обичните луѓе мора да почне од училишните клупи. Само така општеството ќе ги прифати како свои, а заедницата ќе ги смести под капата на зборот „ние“.
Со овој пристап, изминатава училишна година, во четири основни училишта се спроведуваше проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ во соработка на театарот „Глада Худик“ од Шведска (во превод „Весел Худик“) и Здружението за поддршка на лица со интелектуална попреченост, „Солем“. Проектот ги таргетираше учениците, родителите и просветните работници со цел да го подигне нивото на свест дека и лицата со посебни потреби треба да бидат активни учесници во општеството и во образовниот процес. Истовремено, меѓу активностите, во кои беа вклучени основци и нивните наставници, се работеше на тоа да се намалат предрасудите и стереотипите кон различните.

-Кога прв пат го видов Дамјан на училиште ми беше чуден, не сакав да седам до него. Кога подобро го запознавме речиси сите од класот се зближивме со него. Тој е многу весело дете, сака да се дружи - рече ученичката Надја на завршната конференција која ги обедини искуствата и размислувањата за проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“.

Дамјан е момче со аутизам и неговите соученици го опишуваат како весел, грижлив и друштвен. Како Надја, така и соученичката Бисера била резервирана кон Дамјан кога прв пат го запознала, но, после некое време почувствувала потреба да го заштити.

-Не дозволуваме Дамјан да се почувствува дискриминирано, се трудиме да не се почувствува отфрлено. Никој не сака да биде исмеван. Дамјан ме научи многу работи, пред сѐ ме научи дека сите треба да се сакаме, да не правиме разлики меѓу нас - рече Бисера на средбата преку зум каналот која се одржа на 27 мај.



Во време на вжештената дебата за дигиталните учебници, Јамболка Димитровска, мајката на Марио, момче со Даунов синдром, инаку шампион во пливање со освоени медали за Македонија, од Абу Даби и Лос Анџелес, прашува „како е можно учениците со интелектуална попреченост се уште да учат од исти книги како и учениците без пречки?“
Низ иста призма ни го носи и прашањето – Дали медалите за Македонија освоени од овие спортисти имаат иста тежина како и другите, и зошто не?

На конференцијата збор зедоа и лицата со попречености.
И тие ги споделија своите искуства за растењето во држава каква што е Северна Македонија.

Игор Шајновски, момче со Даунов синдром, рече дека низ годините најмногу му пречело што не бил во комуникација со други луѓе, и дека тоа најмногу му треба. Поради тоа тој се заблагодари на платформата „Лице в лице“ за ангажманот кој го има како продавач на списанието и рече дека тој ангажман најмногу му помогнал да напредува.

Театарот „Глада Худик“ е основан во 1996 година и во него членуваат актери кои се лица со интелектуална попреченост, но и лица со „нормални“ пречки. Цел на театарот е лицата со посебни потреби да ги направи повидливи во општеството, а нивв да ги мотивира да ги развиваат своите таленти. Основач е Пар Јохансон кој вели дека кога се формирала театарската трупа овие лица во Шведска биле насекаде и на најразлични начини дискриминирани, а во рестораноте воопшто не ги примале. Тој сакал да го предизвика општеството во Шведска, како што сега го предизвикува општеството во Северна Македонија, а истовремено и во Грузија и во Латвија каде паралелно се одвива проектот.

-Ние (Шведска) го поминавме тој пат. Се трудевме да ги надминеме тие проблеми и да им ги отвориме вратите на овие луѓе. Низ годините сфативме дека е многу важно овие лица да бидат присутни во општеството, да бидат видливи, а не да се формираат само невладини здруженија кои функционираат затворено. Исто така, важно е овие луѓе да не се сожалуваат, туку да се прифатат како нешто нормално - порачува Јохансон.

Благодарение на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ освестувањето почнува од училишните клупи. И од здружението „Солем“ велат дека учениците биле изненадени бидејќи претходно не верувале дека лицата со посебни потреби можат да имаат нормален живот и   да се занимаваат со глума на пример.

-Учениците набрзо сфатија дека лицата со посебни потреби не треба да ги третираме различно, туку треба да им дадеме шанса да ги развијат своите таленти - вели Наташа Илоска Димитровска од „Солем“.

Но, и покрај желбата на поединци да направат промени, институциите за жал не го следат нивниот чекор. Наставниот кадар во училиштата вели дека нема услови да се спроведе вистинска инклузија на лицата со интелектуалн попреченост и во многу случаи таа постои само на хартија. Во училиштата нема просторни услови, нема изолациони соби, нема доволно дефектолози, а како најголем проблем лицата кои треба да бидат образовни асистенти не се стручни и не се доволно обучени за тоа. Поради ова целиот товар паѓа на грбот на наставниците. Но, тие велат дека сами не можат многу да направат.

-Најчесто родителите сами си ги плаќаат образовните асистенти, државата треба да обрне повеќе внимание на тоа. Ние една година имавме непријатно искуство кога од општината ни беше доделен образовен асистент кој по професија беше трговец декоратер - вели Весна Додевска, наставничка по македонски јазик и мајка на момче со аутизам.

Освен тоа, додава таа, во училиштата сериозно недостасуваат активности кои ќе го поттикнат дружењето и социјализацијата на лицата со посебни потреби, нешто што најмногу им треба.

Oд Министерството за образование, велат дека се прават конкретни чекори за промена на овие состојби.
-Врз основа на донесената Концепција за инклузивно образование, се пристапи кон создавање цела мрежа за поддршка на учениците, училиштата и семејствата. Во таа смисла, конкретни форми се интегрирани во новата Концепција за основно образование, каде што посебен акцент е ставен на инклузијата и различностите. Образовните асистенти стануваат реалност, наставните содржини во формат и содржина, исто така, добиваат таква природа. Промените се имплементираат со динамика на одредување реални законски процедури коишто ги движат состојбите во позитивна насока. И годинава, исто така, МОН предвиде и стипендии за учениците со попреченост, како поддршка на нивниот ученички стандард, вели Тамара Ќупева, претставник на МОН.

Таа најавува дека со новите реформи, промените во оваа област несомнено ќе се случат.

- Потребно е само време, за да се видат првите форми и резултати од овие напори. Најважно е секако дека инклузивноста е базичниот принцип на сите одлуки и процеси кои го реформираат образовниот систем во неговите темели. Тоа е задача на сите, додава Ќупева.




Низ активностите на пилот проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ изминатава година поминаа околу 380 ученици, кои денеска имаат поинаква перцепција за вредноста на животот. Активностите вклучуваа работилници, дискусии, проекција на филмови и средби со лица со попреченост. Предвидено е проектот да продолжи да се реализира и следната учебна година, а во план е овој пат да бидат опфатени 15 училишта.