Лажните вести и говорот на омраза, во време на брзо продуцирање и патување на информацијата, но, не и на вистината, станаа, за жал, секојдневие. Се задомија во секоја сфера од живеење, и затоа, неопходна е осмилена акција за градење отпорност кај граѓаните, посебно кај младите, кон овој тип вести.

Ваква иницијатива на одговор, од која дел е и списанието за одржлив развој „Лице в лице“, нуди проектот „Лице в лице со дезинформациите и со говорот на омраза“, чија главна цел е соодветен одговор кон дезинформациите преку поттикнување на контра-наративи кои ќе го намалат влијанието на лажните вести и говорот на омраза врз публиката.

Во партнерство со „Порака Нова“ од Струга, „Паблик“ со овој проект има интенција да ги зајакне капацитетите на локалните граѓански организации, локални медиуми и медиумски работници, и општо, граѓаните во општина Струга - за медиумската писменост и критичко размислување, како клучни во оваа нерегулирана информациска и дигитална ера. Ќе бидат вклучени средношколци од струшките училишта, граѓански организации, пред сè оние кои работат со млади и  со лица со попреченост, но, и медиумски работници, и воопшто,  популацијата во општина Струга на кои ќе им се промовира платформа која ги еманципира нив, како активни актерите за активизам. Во овој процес, ќе биде истакната и соработката со медиумските работиници, медиуми и познати личности од овој регион. 

Проектот ќе придонесе кон намалено влијание на лажните вести и говорот на омраза врз публиката, но, и ќе отвори простор за дебата, за разновидностите во општеството. За таа цел ќе биде организран Креативен круг за кокреирање содржина, што ќе овозможи мулти-стејкодерски пристап во креирањето на содржини за социјални мрежи и за медиуми, а ќе укаже и на потребата од партнерства за решавање на локалните предизвици и борбата против говор на омраза.
Продуцираните вести, интервјуа, стории, фотографии, ќе бидат проследени во печатено и дигитално издание на „Лице в лице“, како и на социјалните мрежи на списанието и на партнерската органзиација „Порака Нова“ од Струга.  Со тоа ќе се овозможи поширок опфат на граѓани изложени на критичко опсервирање на темите на лажни вести и говор на омраза.

Проектот е поддржан преку регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција", што се спроведува со поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПМ, Македонски институт за медиуми, Албански медиумски институт, Медиацентар, Косово 2.0, Црногорски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.

Времетраењето на проектот е до март, 2022 година.