Филмот „Колку брусници има во светот?“ на режисерката Лена Копел, ќе биде прикажан вечерва во 20 часот во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката (Карпош 3) во Скопје.
Станува збор за драма комедија од шведска продукција кој силно се бори против предрасудите што ги имаме кон луѓето со попречености. Филмот е снимен по сценарио на Лена Копел, Трине Пил и Пер Јохансон.

Филмот „Колку брусници има во светот?“ („The importance of tying your own shoes“) имаше премиера во 2011 година и уште во првиот  викенд во киносалите бил најгледаниот филм во Шведска.

Филмот е за 27-годишниот Алекс, кој во многу работи во животот не успеал. Почнува да работи со луѓе со попречености во општината Худиксвал. Кога открива дека тие знаат да пеат убаво, одлучува да им покаже на своите другари дека тие се подеднакво важни и вредни.

Сижето се базира на личните искуства на режисерот Пер Јохансон кога работел со луѓе со попречености и сакал да ги развие нивните способности, наместо да ги форсира да учат работи што им беа тешки. Тогаш го започнал театарот „Глада Худик“ и голем дел од ансамблот е во филмот. Но, ова не е документарен филм. Филмот е базиран на одредени настани и ситуации што му се случиле на Јохансон.

„Глада Худик“ е основан во 1996 година и во него членуваат актери кои се лица со интелектуална попреченост. Целта на театарот е лицата со посебни потреби да ги направи повидливи во општеството, а нив да ги мотивира да ги развиваат своите таленти.

Пред проекцијата на филмот, ќе бидат прикажани две видеа изработени како дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, во кој се претставени приказните на две инспиративни личности со попреченост од Скопје.

Проекцијата е дел од соработката на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ заедно со театарот Глада Худик од Худиксвал, Шведска.

Овој театар, заедно со Шведскиот институт во изминатата година во Македонија го реализира проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, во кој со повеќе активности се работи на едукација на децата и младите за развој на свесноста за луѓето со попречености. Активностите ги спроведе здружението на граѓани за поддршка на лица со посебни потреби „Солем“ од Скопје.