Време е за одговорен туризам. Патување кое подразбира оптимално користење на природните ресурси, кои се, всушност, клучен елемент во туристичкиот развој: почитување на социолошко–културната автентичност на заедниците домаќини, зачувување на нивното културно наследство и вредности, обезбедување социо–економски бенефити за сите засегнати страни што се фер распределени, стабилни можности за вработување и за остварување приход, постоење социјални сервиси насочени кон заедниците домаќини и придонес кон борба против сиромаштијата.
Ова е главниот фокус на 46. издание на „Лице в лице“ посветено на важноста од создавање одржлив и одговорен туризам, чијшто натамошен развој треба да биде во согласност со глобалните Цели за одржлив развој (Sustainable Development Goals – SDG), но и број посветен на природните убавини и потенцијали што ги има нашата земја, при тоа нудејќи незаборавно активно и авантуристичко искуство.
Проекциите се дека одговорниот туризам ќе може да ги намалува на минимум негативните социјални, економски и еколошки влијанија, и во исто време, да создава поголема економска корист за локалните заедници, да ги подобрува работните услови и да ги вклучува локалните луѓе во донесувањето одлуки што влијаат врз нивниот живот и можности во животот. При тоа, позитивно ќе придонесува за зачувување на природното и на културното наследство, а почитувајќи го диверзитетот, ќе обезбедува и поголемо уживање за туристите преку подлабоки конекции со локалната заедница, како и поголемо разбирање на локалните културни, социјални и еколошки теми. И исклучително важно, ќе обезбедува пристап за луѓе со попреченост.
- Топката е кај нас, патниците. Искуствата ни ги прават автентичните луѓе, тие што успеале да го зачуваат шмекот, миризбата и духот на географијата во која живеат со генерации, тие што успеваат од локалното да направат глобално искуство за посетителот.

Тоа е искуството што патникот ќе си го земе назад во својата земја и ќе зборува за Македонија низ очите на Нада од Глобочица што стрпливо реди кора по кора под сачот за да направи ѓомлезе, и низ торбата на Богдан од Брчево од која ѕиркаат чаевите од највисоките делови на Јабланица, вргањ и полжави собрани по последниот дожд.

Информацијата дека нашиот оброк направен на овој начин и понуден во дворот на куќата во која домаќините, всушност, живеат, исплатува цел синџир тешка работа, но донесена со ќеф и со знаење. И тоа само го зголемува чувството дека, конечно, стануваме одговорни патници, тие што правејќи си ќеф со нови искуства и доживувања, ја крепат основната клетка на економијата, онаа локалната – пишува главната уредничка на „Лице в лице“, Климентина Илијевски, во воведниот збор за новиот број.

Катерина Василеска од платформата „Genuine Experiences“ изјавува дека одржлив пристап во туризмот значи користење на постојните ресурси штедливо и на начин што истовремено ќе ги задоволи нашите потреби, без притоа да се загрози опстанокот на следните генерации.
- На пример, ако денеска имаме потреба од повеќе хотели за да сместиме повеќе туристи и да имаме поголем приход, може да изградиме уште 100 нови хотели во Охрид што ќе ни овозможат да го оствариме тоа што го сакаме, ама ќе им го загрозат животот и секојдневието на идните генерации - вели Василеска.
Таа смета дека масовниот туризам, кој е доминантен во моментов во Македонија, е сосема неодржлив и дека, освен профитот за мал број луѓе, нема никакви други придобивки.

Александар Донев од „Mustseedonia“, организација за промоција и за развој на одржливи патувачки искуства и одговорни активности на отворено, вели дека сме сведоци на сериозни промени на трендовите што ја обликуваат големата туристичка индустрија, која вработува еден од десет луѓе на светско ниво.
- Вообичаениот туризам има пораст од пет проценти на годишно ниво, додека автентичниот - авантуристичкиот туризам расте со повеќе од 65 проценти во последните седум години. Во новата нормална состојба овие бројки се уште поголеми и сите анализи и предвидувања се во корист на авантуристичкиот туризам и покажуваат дека повеќе од кога било туристите даваат приоритет на одржливата и одговорна практика и на престојот во природа, во мали групи и сакаат нивното искуство да има што помал импакт на животната средина, да биде автентично и да ѝ помогне на локалната заедница што ја посетуваат – вели Донев и додава дека за развој на одржливиот туризам во земјава, пред сѐ, e потребна национална стратегија, која и вистински ќе се спроведува.
Ова издание на „Лице в лице“ ги открива и сите автентични македонски предели кои се препорачуваат како задолжителна станица за сите што сакаат да комбинираат активен и културен туризам, и при тоа, повикува на истражување на места кои носат незаборавни искуства, како летање со параглајдер, искачување карпи и планини, возење велосипед, нуркање...

Новиот број на списанието за одржлив развој носи важни теми и во останатите рубрики, пред сѐ, врзани за инклузијата, активизмот во културата, одржливата исхрана, климатската правда, и многу други.

На последната страница, пак, е 19 годишниот Валентин Ракип, продавач на уличното списание, кој долго време, заедно со уште 700 лица „фантоми“ во нашата земја, бие бирократско-лавиринтска битка за лични документи.

Фото: Сашо Доковски



                                                                          ****
„Лице в лице“ е улично списание кое излегува од септември 2012 година и го промовира моделот на социјално претприемаштво.
Продавачи се ранливи сограѓани, кои се обучуваат за продажба од страна на тим на платформата „Лице в лице“. Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е директна заработка за продавачот (доколку го купите списанието директно од продавач или
преку негов код), или се вложува во фондот за социјално менторство – поддршка на продавачите за градење вештини и за нивно вклучување на отворен пазар на труд. Останатата половина се вложува во создавање нови содржини, печатење на списанието, развој на платформата за одржлив развој.
Списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите сограѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – одржлив развој, социјална вклученост, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на списанието.



Насловна страница: © giz / Александар Донев
Последна страница фотографија на Сашо Доковски