Сара Ферро од екипата на патувачкото кино на Македокс изјави дека е одлично чувството по првите два викенда. Проекциите биле полни, публиката задоволна. На проекцијата во Штип присуствувала филмска екипа од прикажаниот документарец „Сите ќе умреме“ – режисерот Сашко Потер Мицевски, продуцентот Илија Тирицовски, монтажерката Сандра Ѓоргиева и главниот лик на филмот, Зоран Сичев.

 „Се создаде одлична атмосферa и уште еднаш ни се потврди важноста на дисперзирањето на културата низ целата држава. Се надеваме дека овој викенд во Кочани и последниот во септември во Виница ќе поминат исто толку добро колку и првите два“, истакна Ферро.

Авторот, документарист и режисер, Сашко Потер Мицевски, првпат присуствуваше на вечерна филмска сесија под отворено небо со „МакеДокс“ во Штип.

„Документарниот филм „Сите ќе умреме“ е снимен во Штип, со урбан штипски лик и беше многу возбудливо да биде презентиран пред штипската јавност, која со многу возбуда го пречека тимот на „МакеДокс“. Зоки, главниот протагонист на филмот, и дел од авторската екипа беа присутни на проекцијата, каде што публиката имаше можност да чуе збор-два за филмот. Најтешко е кога дело се презентира пред свои луѓе, тие се најголем репер за твојот личен успех и најголем мотив за пробивање на границите. Штип мене лично ми беше инспирација за два документарни филмови и ќе остане долго присутен во моите идни дела. Тој нуди магични ликови, надреални приказни и уникатен хумор, што и тоа како му недостига на македонскиот филм“ вели Мицевски.

Видеохрониките од Кратово и Шлегово, како и од Штип, се достапни на јутјуб-каналот на Македокс.

Патувачкото кино на Македокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм, Центарот за развој на Источен плански регион и од општините каде што гостува (Кратово, Кочани,  Штип и Виница).