Дигиталните комуникациски технологии драматично го променија нашиот однос кон содржината, изворот и пренесувањето на информациите. Преку социјалните мрежи, ние, како граѓани, станавме медиуми, креатори и споделувачи на содржини. 
Бројните медиумски содржини и онлајн живеење, не нè направија отпорни и способни за препознавање на лажните вести и говорот на омраза. Младите, oсобено младите со попречености се ранливи на препознавање на овие феномени, но и се мета на лажни вести и говор на омраза.

Со цел да се подобри сликата во овој сегмент од живеењето, уличното списание за одржлив развој „Лице  в лице“ го организира креативниот круг „Верувам, ама проверувам“  кој ќе се одржи онлајн на 28.07.2021 година, од 10 до 12 часот, преку платформата „Зум“ (линк за  вклучување на настанот).
Креативниот круг е од отворен карактер,  со цел сечие присуство и учество да придонесе отворено да им пристапиме на предизвиците кои ги има нашето општество, а кои се на полето на медиумската писменост - лажни вести, говор на омраза, дезинформации.

„Преку овој настан, ќе зборуваме за примери на добра пракса, контра-наративи на овие појави. Ќе бидеме љубопитни да се споделат со нас добри приказни кои се спротивставуваат на трендот на ширењето говор на омраза и дезинформации. Со тоа, ќе придонесеме кон градење нов, мулти-стејкодерски пристап во креирањето на медиумска содржина, како и од потребата од партнерства за решавање на локални предизвици и борба против говор на омраза“, велат од „Лице в лице“. 

Настанот е во рамките на проектот „Лице в лице со дезинформациите и со говорот на омраза“, кој го спроведуваат Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“ од Скопје и „Порака Нова“ од Струга. Главна цел е зајакнување на капацитетите на локалните граѓански организации, локални медиуми, медиумски работници и граѓаните  во општина Струга, за медиумската писменост и критичко размислување како клучни во оваа нерегулирана информациска и дигитална ера.

Пријавете се за учество на следниов линк.