Проектот RISE започнува со вториот отворен повик за апликации за млади претприемачи од нашата земја и од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија за развој на идеи за социјални претпријатија. Преку серија работилници, предавања, средби, програми за мобилност и финансиска поддршка, младите луѓе ќе имаат шанса да учат, да растат, да го оформуваат својот бизнис и во исто време да помогнат во решавањето на проблемите на нивните локални заедници. АРНО, на одржаната онлајн инфо-сесија,  ги повика младите од нашата земја да аплицираат до 26-ти септември, преку формирање на тим и пополнување на формуларот кој е достапен на овој линк.

Шесте локални инкубатори во земјите од Западен Балкан се во потрага по млади луѓе од 18 до 35 години од регионот, млади, кои во група од минимум две лица, се мотивирани да научат за социјално претприемништво и да бидат вклучени во регионална програма. Апликантите треба да бидат амбициозни и посветени да развијат конкретна идеја со општествен импакт, а воедно и да бидат подготвени да учат од другите млади во регионот. Со учеството во програмата RISE младите луѓе развиваат и вештини кои придонесуваат за нивната вработливост.

Заинтересираните апликанти треба да имаат идентификувано општествено или еколошко прашање со кое сакаат да се справат и/или да работат на  идеја, без да имаат отпочнато со вистинска деловна активност.

„Сите сме свесни дека живееме во тешки, непредвидливи времиња и во земја со свој контекст и степен на развој, но ние во АРНО ги замолуваме бар младите да престанат со наративот „нема шанси тоа кај нас“ , „како да не, ништо нема да успее“. RISE е програма која дава шанси не само да се иновира, да се сонува, туку и да се проба нешто да се смени, да се научи нешто, па на крајот од денот да се види и дали некој проблем е тешко решлив и да се адресира на друго ниво и место. Ја слушнавме на инфо-сесијата Марија Арсоска, минатогодишна победничка од програмата, која е на еден чекор од отворање на (за почеток онлајн) нула-отпад продавничка. Најискрено им се обраќаме на младите да аплицираат и да покажат оптимизам, креативност, па, ете, и да докажат дека можат да се случат убави промени и да се отворат социјални претпријатија кај нас“, изјави Ирина Јаневска од АРНО.

RISE (Регионален инкубатор за социјални претприемачи) има за цел да го збогати екосистемот за социјално претприемништво на Западен Балкан и да им овозможи на младите луѓе да развијат иновативни општествени решенија кои ќе придонесат за помирување и соработка во регионот. Позитивна промена на Западен Балкан е можна, додека стабилноста и просперитетот може да се постигнат само со поттикнување на помирување и соработка во регионот. Проектот RISE промовира дијалог и соработка помеѓу актерите и државите преку мобилноста на своите учесници, организирање на регионални обуки, размена, работилници и настани како и создавање вистинска мрежа на млади претприемачи.

RISE е тригодишен проект кој започна на 1 октомври 2019 година и се спроведува низ шесте држави во Западен Балкан. Дознајте повеќе за можностите на следниот сајт: www.risewb.org.

Позадина на проектот

Проектот RISE е развиен и мониториран од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), ГРУПА СОС Пулс, Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), Францускиот институт и Француско-германската канцеларија за млади (ОФАЈ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО, Balkan Green Foundation, Nesto vise, Smart Kolektiv, IEC Tehnopolis и Yunus Social Business. Проектот RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој (АФД) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).

Општата цел на RISE е да поттикне помирување на Западен Балкан преку промоција и зајакнување на социјалното претприемништво во регионот. Проектот отвора нови простори за помирување за младите од Западен Балкан, преку регионална програма за поддршка на социјалното претприемништво.

Овој проект е кофинансиран од Француската агенција за развој (AFD) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).

За социјално претприемништво:

Социјалното претпријатие има главна цел да оствари општествено влијание, а не само да оствари профит за сопствениците, основачите или акционерите. Социјалното претпријатие нуди производи и услуги на пазарот на претприемачки и иновативен начин, и го употребува стекнатиот профит, пред сè, за да го постигне општественото влијание. Менаџирањето на социјалното претпријатие е на одговорен и отчететен начин, преку вклучување на вработените, потрошувачите и сите страни кои се засегнати од неговите комерцијални активности.