Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга”, вчеравечер заврши 60-то издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

Годинава наградата „Браќа Миладиновци“ ја доби поетесата Лидија Димковска за збирката „Гранична состојба“, додека наградата „Мостови на Струга“ му беше врачена на српскиот поет Владан Кречковиќ за збирката „Париз-Тексас“. Лауреатката, добитничка на „Златниот венец“, британската поетеса Керол Ен Дафи, поради пандемијата не присуствуваше на годинешното издание на фестивалот, меѓутоа го најави своето присуство за следната година.
[Гостите на фестивалот го посетија Вевчани и Вевчанските извори]

- Зад нас уште едно издание на „Струшките вечери на поезија“ во вондредни, пандемски околности. Се надевам дека ова е последен пат да се реализира во вакви околности. Со оглед на целата ситуација можеме да бидеме задоволни од изданието затоа што, за разлика од лани, успеавме да донесеме петнаесетина странски поети, кои имаа настап,  помал дел од нив се претставија преку видеочитања, а домашните поети беа претставени во живо. Освен препознатливите програмски содржини имавме меморијално чествување на доајените на македонската поезија Богомил Ѓузел и Анте Поповски, а во рамки на програмата на СВП беше промовирано и специјалното, монографско издание со избор од поезијата и кратката проза на Блаже Конески - рече директорот Тодорче Тасевски.

Фестивалот традиционално ќе заврши со поетско читање во Скопје, кое ќе се одржи вечерва, во Музејот на современа уметност со почеток во 21:30 часот.