Првиот Скопски поетски фестивал, кој претставува синергија на уметностите, поврзани на иновативен и забавен начин, ќе се одржи од утре, 1-ви до 3-ти септември во Младинскиот културен центар во Скопје.
Станува збор за новооснован интернационален фестивал, чија цел е, преку поезијата, ќе ги поврзе не само поетите, туку и музичарите, ликовните уметници, фотографите, актерите, дизајнерите, филмаџиите, книжевните критичари, професорите, студентите, учениците, издавачите
„СПФ ќе биде нашиот заштитен фактор против сето она што нѐ гори, притиска и пече, зашто добро знаеме дека тишината нема сама да го рече“, велат организаторите, во поетски манир.
Фото: Томе Љушев

Јулијана Величковска, поетеса и дел од од тимот на фестивалот, појаснува зошто на Скопје му недостасуваше ваков фестивал.
- Скопје е по многу нешта чуден град во кој има толку многу одвишни нешта, додека, во исто време, има недостиг од некои други нужни и суштински работи, како чист воздух, како саглам јавен превоз, како повеќе зеленило, па и поетски фестивал. Недостигот го чувствувавме веќе подолго време, а сега, конечно, се осмеливме и покрај сите сопки, и покрај немањето поддршка од Министерството за култура, и покрај светската пандемија поради која ни беа откажани гостувањата на повеќето автори од странство и ред други проблеми, да го организираме ова прво издание со помошта и поддршката од нам сличните ‒ луѓето со големи срца, ентузијастите, работливите и креативците – изјавува Величковска за „Лице в лице“.
Таа додава дека Скопје, како главен град, има богата книжевна сцена.
-Ако се земе предвид дека половината од граѓаните од земјава живеат или работат овде, сосема природно е градот да има и свој поетски фестивал. Но ова нема да е исклучиво поетски фестивал, ниту исклучиво скопски фестивал, ова е фестивал што има за цел да обединува, да поврзува, да нуди простор за комуникација на културите и на уметностите, да поттикнува и да нѐ предизвикува секое наредно издание да нудиме што поквалитетни содржини и што поквалитетна програма. Време е нашата генерација да му даде нешто на овој град и да оставиме нешто за генерациите по нас.

Кога љубовта, наместо со прегратка се искажува со држење дистанца, ваквите настани нѐ крепат, ни даваат сила

Величковска објаснува дека поезијата и уметноста, општо, се некакво чудесно огледало што нуди некаков одраз на случувањата и притоа поставува прашања, од оние најтешките, на пример: Зошто?
- Живееме во земја во која тие „скудни времиња“ никако да минат, само си ја менуваат кожата, како некоја змија. Ние постојано сме во некаква криза, политичка, економска... Ретко кој овде видел раат, а и ако било така, мора да биле тоа куси мигови. Едни од тие мигови на спокој, на раат и на радост, се и ваквите настани на кои, наместо да се измачуваме со актуелната реалност, уживаме во начинот на кој некој од уметниците тоа креативно го подражава. Си ја гледаме судбината отстрана и раат сме дека не сме сами, дека и некој друг страда или се радува исто како нас. Ние сме социјални суштества, а во конкретнава ситуација, кога љубовта наместо со прегратка се искажува со држење дистанца, ваквите настани нѐ крепат, ни даваат сила.

Поезија, музика, филмови, изложби

Отворањето е во 19 часот, со изложба на дела кои се инспирирани или комуницираат со песни на учесниците на првото издание на фестивалот.  Публиката ќе има можност да види дела на: Зоран Кардула, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Андреј Павлов, Воскресија Андреевска, Тони Попов, Марио Каев, Диме Данов, Александар Иванов, Наталија Лукомска, Ива Јованова, Владимир Лукаш, Емилија Мишева, Владимир Илиевски, Филип Мартиновски и Калин Маловски.



Истата вечер, ќе се одвива и тематското поетско читање „Стихофренија“, кое опфаќа поезија поезија комбинирана со народна поезија и фолклор со музичка придружба на ВИС „Тркалезна маса“. Ќе читаат: Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Лира Бојку, Марија Дејановиќ, Сергеј Тимофеев, Ива Дамјановски, Павлина Атанасова, Диме Данов, Ана Голејшка Џикова, Биљана Стојановска, Снежана Стојчевска, Ѓоко Здравески и Јулијана Величковска.

Освен домашни уметници, фестивалот ќе биде домаќин и на поети од Србија, Хрватска, Латвија, Грција, Фарски острови. Вториот ден е резервиран за интернационалната поетска вечер, на која ќе учествуваат: Марија Дејановиќ (Хрватска), Сергеј Тимофеев (Латвија), Танос Гогос (Грција), Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг (Фарски Острови) и нашата поетеса Лидија Димковска. Истата вечер, публиката ќе види филмски проекции на поетски филмови од Валентина Бактијаревиќ од Србија, инспирирани од песна на секој од поетите учесници на интернационалното читање како и куси поетски филмови во соработка со „Киноскоп“, фестивал на аналогни и експериментални филмови од Белград, Србија.
Третиот и последен ден пак, ќе се одржи работилница за креативно пишување со поетот и професор од Универзитетот во Амстердам, Ким Симонсен, која ќе се одржи во соработка со Филолошкиот факулет „Блаже Конески“ ‒ Скопје и Институтот за македонска литература.

Целосната програма е на овој линк

Купете уникатен беџ од рециклирана хартија и поддржете го фестивалот

Сите оние кои сакаат да дадат поддршка на фестивалот, освен посетувајќи го, ќе можат да го сторат тоа, и со купување на беџ – рачна изработка на уметникот Глигор Кузмановски.
„Ова се нашите први изронети камчиња. Од нив ќе создадеме нов мозаик за нас. За градот. Нашиот убав камен е всушност смеса од рециклирана хартија и тајни состојки. Со купувањето беџ (300 ден.) го поддржувате фестивалот, а со тоа и домашните автори“, велат организаторите.


*Фотографиите се  преземени  од официјалната страна на СПФ.