Децата не се раѓаат со предрасуди, тоа е клучно во односот кон луѓето со посебни потреби. Еднаквоста и еднаквите можности за сите се клучни вредности и приоритети за мојата земја, Шведска. Во нашата работа тука во Северна Македонија, оваа перспектива на демократски права, човечки права, работнички, права на децата и што уште не. Денеска ние во амбасдата сме среќни што го поддржуваме проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ на театарот „Глада Худик“, поддржан од Шведскиот институт – рече Кристин Форсгрен Бенгсон, амбасадорката на Кралството Шведска во нашата земја, синоќа на отворањето на „И јас сум тука“ – изложба на 20 фотопортрети на лица со интелектуална попреченост, во Кинотека во Скопје.

Таа истакна дека е многу важно да се работи во училиштата и преку вакви настани да се бориме против предрасудите.

-Сакаме да ги охрабриме сите да станат и да застанат зад нивните права. Од фотографиите забележав, заедничко за сите се насмевките, тоа ме стоплува. Се надевам дека филмот „Модна ревија: Од Глада Худик до Њуорк“ нема да ве остави рамнодушни и ќе ги запамтите зборовите на една од актерките: „Ние сме единствени и имaмe право да блеснеме“ – рече амабасадорката.

Автор на фотографиите е Тоше Огњанов, а на приказните – Сребра Ѓорѓијевска. Дел од учесниците во изложбата беа гости на отворање, а публиката со одушевување ја поздрави иницијативата за изложбата.


Модератор на настанот беше Александра Јуруковска, која истакна дека тимот на „Литера“ е горд што театарот „Глада Худик“ во Фестивалот за литетура и илустрација за деца го препозна вистинскиот партнер за да ја рапири својата мисија во Македонија. 

-Почнуваме во Скопје и не завршуваме тука. Посакуваме мисијата на „И јас сум тука“ да продолжува и понатаму – истакна таа.

Авторот на фотографиите, Тоше Огњанов посочи дека долго време работи на раскажување приказни преку фотографија.

-На почетокот имав трема, првото фотографирање со Христијан, не знаев како да му пристапам, што да направам. Како да постапам, пристапам, што ќе ни биде оваа фотосесија. Се сретнавме, тој самиот почна да позира, да ги покажува медалите. Веднаш се поврзавме, па со Ива, па Александар, па Никола... Секое фотографирање беше посебно искуство, посебна приказна. Го опишуваме како патување, поминавме низ цела земја, но постои и ендо фигуративно патување, до нов како личности. Тоа што како фотограф успеав да го увидам дека сите тие сакаат внимание. Ретко кога имам забележано поискрена насмевка - рече Огњанов.



Сребра Ѓорѓијевска, еден од борците го носеше овој проект буквално и метафорички на рамена, уште повеќе на срце, како што ја најави Јуруковска, со растрепен глас раскажа како се раѓаа приказните.

- Се радувам на сите средби со овие 20 луѓе со попреченост, пред сè со новните семејства, со поддршката што ни ја дадоа отворајќи ги нивните срца и домови. Се радувам што сум дел од проект кој им дава можност на сте да зборуваат, да бидат слушнати, поздравени. Со Тоше Огњанов поминавме два месеци со приказните на овие луѓе, заедно се смеевме, се гушкавме, заедно плачевме. И научивме многу работи, пред сè, дека секој заслужува место под сонцето и на сите нас ни треба многу малку – една прегратка, една насмевка – рече Ѓорѓијевска.

Вечерва во 19 часот во Кинотеката ќе биде книгата со приказни и фотографии на 20 лица со интелектуална попреченост – „И јас сум тука“. Исто така ќе следува и промоција на македонскиот превод на книгата со цитати од актерите на „Глада Худик“ – „Никогаш не престанувајте да се гушкате“. Делата ќе ги промовира Александра Јуруковска, ќе зборуваат авторите, а гостинка на промоцијата е и Ануки Стуруа, проект менаџер на „Децата не се раѓаат со предрасуди“.

По промоцијата ќе следува проекција на филмот „Модна ревија: Глада Худик до Њујорк“ на режисерот Јохан Ског, во кој играат актерите од театарот „Глада Худик“.