Овде пола Гугл не работи, ни велат пријателите од „Сенки и облаци“, кои ги „начекавме“  на гостување во Москва, Русија, со чет предлог за интервју за нивните нови активности. Ноември е вообичаен период кога тие се „главни“ со нивниот „Сонот на облачето“, на кој низ годиниве, публиката особено му се радуваше. Пандемијата има негативно влијание и врз културните настани, особено на малите иницијативи. Дури е на пат кон Москва, и на враќање од таму, разговараме со Александра Стојановска од театарот „Сенки и облаци“, за отпорноста во кризни времиња, за тоа како „сенкашите“ растурија со магијата на сенките во Москва, за театарските приказни кои ги нижат и за новитетите при раскажување приказни во нови медиуми. Го најавуваме и премиерното прикажување на видео записот работен според расказот „Детето без златна коса" на Калина Малеска.


1. Ве очекува видео изведба на расказ од Калина Малеска. Каков облик доби оваа приказна и што за вас значи вклучување во ваква иницијатива?

- „Детето без златна коса" е еден прекрасен расказ од Калина Малеска кој на англиски јазик е дел од збирката „Awake not Sleeping: Reimagining fairy tales for a new generation", иницијатива на UN Women (ECA). Овие дваесетина раскази од Европа и Азија ќе доживеат своја промоција на хибриден настан на 18 ноември кој ќе може да го проследиме на овој линк. Слоевите на расказот на Малеска нè нурнаа длабоко во еден креативен истражувачки процес, со поинаков резултат за нас од вообичаеното - петминутно видео кое премиерно ќе биде емитувано онлајн на промоцијата. На премрежјето помеѓу новата генерација која во случајов е онлајн публика (и има „краток фитил" кога станува збор за внимание) и театарот на сенки како медиум, се појави една хибридна форма, микс од театар, филм и анимација. Најпрво погледнете го видеото а потоа задолжително прочитајте ја „бајката"!



Инаку, ноември е среќен месец за нас. Традиционално во ноември веќе 9 години се случува „Сонот на облачето" интернационалниот детски фестивал за театар на сенки, најстариот театарски детски фестивал кај нас и единствениот од овој тип во југоисточна Европа. Сепак, годинава фестивалот останува „во фиока" и ќе почека до пролет за да можеме спокојно да уживаме во претставите на отворено. Но и овој ноември не остана покус! Ова интервју (чии прашања ни ги згреаја срцата) го правиме од Москва каде сме повторно со сенкашки повод.


Фото: Виктор Поповски


2. Какво е чувството да настапите во државен театар на сенки, во руската престолнина, и тоа, во време на пандемија? Раскажете ни како поминавте во Москва и како дојдовте до тоа гостување.

- Претставите поминаа одлично и пред полна сала публика од деца и возрасни. Дефинитивно чувствуваме еден микс од трема, возбуда и радост, но и одговорност пред руската ерудирана публика добро да се претставиме, како и верба дека ова гостување ќе го одведе нашиот театар на некое ново скалило. Покрај Европа, во Бразил и Кина веќе сме гостувале, еве сега и во Русија. Можеби некаде во Африка е нашата следна дестинација. 
Посетата на Москва беше кратка но слатка, исполнета со многу претстави со сенки, нови остварени контакти, малку снег и многу фотографии од знаменитостите во градот. Руските уметнички вредности уште еднаш се потврдија со фактот дека пандемијата не ги спречува театрите да нудат полни репертоари за својата публика. Инаку, гостувањето во Москва е плод на неколкугодишен труд и работа. Во далечното 3-то издание, „Сонот на облачето" беше препознаен како фестивал од големо значење од страна на продуцентите на Детски Театар Тенеи и тогаш го остваривме првиот контакт. Бидејќи има само стотина театри на сенки во светот, често се случува, една претстава да гостува на повеќе фестивали во годината. Тоа и беше планот за нашата „Алиса и чудата" но за жал, пандемијата го одложи нашето гостување за една година подоцна, а истото е поддржано од Министерството за Култура на РСМ.
Московский Детский Театр Теней е државен театар за сенки кој постои дури 80 години а фестивалот на кој гостувавме го има своето трето издание. Видете колку, речиси деценискиот наш и ваш „Сонот на облачето" ја вивнува македонската уметност во светски рамки. На нивниот репертоар активно се изведуваат десетина претстави со сенки. Нивниот колектив брои 28 актери, продуценти, режисери и куклари. Руската театарска критика веќе се огласи по повод фестивалот и погодете која претстава е посочувана - нашата „Алиса и чудата".





3. Нови претстави, гостувања на меѓународна сцена, вложување и поттикнување на креативноста и будноста кај децата и младите, но, и кај сите оние кои се чувствуваат младо. Што уште сработе „Сенки и облаци“ овој период?

- Одговорот кој можеби требаше да биде најдолг ќе го направиме најкраток за да ве заскокотка и да нѝ дојдете во публика. „Заробениот ветер" е кратка и ефективна претстава со сенки која се изведува во интимната атмосфера на една кутија за само 4 лица во публиката. Овој иновативен концепт е всушност мобилен театарски формат кој допрва ќе земе замав во нашите изведби. Си поигравме со темата за заштита на животната средина низ призмата на една птица, а во кутијата може да ѕирнат децата и возрасните. Претставата е плод на истражувачкиот процес со „ARTPOLIS“ од Косово, а во рамките на проектот „CULTURE BOX“, кој e дел од иницијативата READ (Regional Network for Cultural Diversity) во локална имплементација на GOETHE-INSTITUTE SKOPJE и LOJA.

Во рамки на истиов проект, „Лице в лице“, заедно со српското улично списание Лицеулице, ги објавува преписките на писателките Румена Бужаровска и Лана Басташиќ.
Прочитајте ја нивната преписка која ја објавуваме во актуелниот број на „Лице в лице“
на овој линк.

Издвојуваме и уште еден драг проект „Читаме лектири и играме со сенки", каде во неколкумесечни работилници со деца во нашиот театар, разработивме лектирни дела, „Пинокио" и „Малиот принц", a потоа самите учесници создадоа претстави со сенки кои ги изведоа пред своите соученици и другарчиња од истото одделение. Сакавме да помогнеме во справувањето со училишните обврски, кои за време на пандемијата и учењето онлајн добија нови димензии, а љубовта и почитта кон книгата никогаш не смеат да замрат.



4. Пандемијата влијае врз сите нас, па како „Сенки и облаци“ ја гради својата отпорност и истрајност во овој контекст?

Ох...
„Отпор" на македонски е тежок збор, повеќе нѐ бендисува на англиски „resilient" веројатно, бидејќи во пандемијава често ни се налага да го користиме во проектни апликации. И уметниците имаат кирија на крајот на месецот, нели?
Нашето театарче во Дебар маало (деминутивна форма бидејќи имаме мала сцена и гледалиште за 30-тина лица во публика) за жал остана празно за време на пандемијата и без мноштво на јавни настани. Љубопитните минувачи, најчесто деца, знаат да чукнат на врата и да прашаат кога повторно ќе играме претстава, а посветени родители нè контактираат по пораки на социјалните медиуми. Но, одговорот засега останува ист. Не е времето за масовна публика во мал затворен простор. Арно ама, како што вели една од нашите омилени изреки „Дефектот да го претвориме во ефект", новото „нормално" нѐ инспирираше за нови подвизи и експерименти. Интимни претстави за публика од само четворица, изведби и работилници на отворено, но и онлајн активности се бисерите на ова време.
Како колектив си поставивме нови приоритети, зајакнување на нашите капацитети е еден од нив. Анализиравме што ни недостига и движиме во насока на стекнување на тие нови знаења и искуства. Поаѓајќи од изместената самоодржливост на театарот, a во отсуство на репертоарни изведби, го адаптиравме моделот на постоењето на организацијата со елементи на социјално претприемништво за што повеќе детали ќе објавиме наскоро. Тлееме, но никако не згаснуваме. Со колективот делиме еден сон кој веќе 16 години си наоѓа свое место во културното живеење кај нас, и ветуваме бројни изненадувања и во иднина.

5. Што да очекуваме зимава од вас? Белким нема да сте во „зимски сон“? 

- Покрај подготвките за 10-тото издание на „Сонот на облачето" ни претстојат и неколку новитети кои веќе се крчкаат на тивко. „Сенки и облаци“ е дел од конзорциум на европски партнери со организации од Германија, Холандија и Унгарија и претстојните 2 години ќе ја реализира „ArtCoWorkers“, европска иницијатива во рамките на Erasmus+ програмата за зајакнување на работните капацитети кај лица со попречености преку уметноста како алатка. Во моментов работиме на изготвување на методологија, а она што е интересно за домашната јавност се инклузивните претстави со сенки.
Најавуваме и реализација на еден наш голем сон, кој ќе го доближи театарот на сенки до секое дете. Но, повеќе детали следуваат наскоро.