Само во 2017 година во Северна Македонија се изгубени 574 години на живот помеѓу жените, поради предвремена смртност од рак на грлото на матката, покажуваат резултатите од анализата на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ).

– Поради ненавременото дијагностицирање на ова заболување, Фондот за здравствено осигурување годишно троши најмалку 29 милиони денари за лекување на жените каде што карциномот е откриен во напредна фаза. Жените кај кои ова заболување е откриено во напредна фаза годишно трошат најмалку 11 милиони денари, за трошоци кои се поврзани со заболувањето, се вели во соопштението од ЕСЕ.

Од Здружението велат дека годишните трошоци на државата и жените со рак на грлото на матка, се проценуваат на минимум 39 милиони денари. Со цел да се намали смртноста на ракот на грло на матка и да се намалат трошоците, ЕСЕ апелира дека е потребно државата да обезбеди опфат со скрининг за рак на грлото на матката на 80 проценти од жените на возраст од 24 до 60 години.

– За да се постигне бараниот опфат, бараме државата за тригодишен период да одвои 168.728.100 денари или во просек 56.242.700 денари годишно за оваа намена. Со овие средства и со доследно спроведување на скринингот ќе се спречи предвремената смртност и ќе се унапреди квалитетот на животот помеѓу жените. Воедно ќе се избегнат трошоците на товар на државата и жените, што се резултат на ненавремено откривање на ова заболување, додаваат од ЕСЕ.

Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените велат дека целта на оваа анализа е да се утврди влијанието на карциномот на грлото на матката откриен во понапредна фаза врз животот на жените и врз трошоците поврзани со дијагностиката, лекувањето и палијативното згрижување во врска со ова заболување, од страна на државата и од страна на жените.

Анализата, насловена „Која е цената на тоа што немаме организиран скрининг на рак на грлото на матката?”, покажува дека со зголемување на финансиските средства наменети за оваа програма ќе се спасат животи на жените, ќе се продолжи животот на жените и ќе се унапреди квалитетот на животот, а воедно државата и жените ќе заштедат финансиски средства.