Под мотото „Теll the clouds“ вчера, (сабота), почна јубилејното 40. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Битола ги отвори вратите за голем број гости од земјава и од странство и за сите љубители на филмот, актери, кинематографери, режисери, дипломати и јавни личности. Сите сакаа да бидат дел од јубилејниот филмски фестивал, во чест на браќата Јанаки и Милтон Манаки, чие мото било: „Едно кадро за мене, едно за историјата“.



На свечената церемонија беа врачени наградите „Златна камера 300“ за животно дело на Едвард Лакман и „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ доделена на композиторот Љупчо Константинов, а фестивалот беше отворен со најновиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар, „Болка и слава“.

Пред пристигнувањето на црвениот тепих, публиката имаше можност да ја доживее специјално изградената конструкција во која се одвиваше перформансот. Станува збор за своевидно синематично доживување во кое и публиката беше вклучена како актер, како еден фрејм од „филмот“. Во перформансот учествуваа кореографката Искра Шукарова, режисерот Јохан Мелин од Шведска, а го режира Срѓан Јаниќијевиќ.

Министерот за култура на Северна Македонија, Хусни Исмаили, изрази задоволство што на јубилејното славење на филмот на најстариот фестивал за филмска камера во светот ја има можноста да ја сподели сцената со доајените од македонската кинематографија и со великаните од светскиот филм.

- Би сакал да се поклонам пред основоположниците на македонската современа организирана кинематографија кои покажаа храбра визија кога пред 40 години, во градот на првите сниматели на Балканот, почнаа да ги организираат тогашните „Манакиеви средби“. Тие пионери, посветени вљубеници во филмот, како и генерациите по нив, и денешните млади филмаџии и менаџери, успеаја да се изборат за блескаво место на фестивалот „Браќа Манаки“ во мапата на огромниот број фестивали за филм во целиот свет - истакна Исмаили.

Од името на ИМАГО, Меѓународната асоцијација на кинематограферите, присутните ги поздрави Најџел Волтерс.

- Сите ние овде денеска сме собрани за да го славиме раскажувањето преку подвижните слики и да се потсетиме на денот кога Јанаки заминал во Лондон за да ја купи камерата и воопшто не претпоставувал дека алатката која ја купува ќе стане главната алатка на најголемата уметност на иднината. Битола стана Мека на сите кинематографери и како потпретседател на британското здружение на кинематографери дојдов овде да ви ги пренесам честитките и од најголемиот број на лауреати на овој фестивал во изминатите години. Правењето филмови е колаборативен потфат, а исто така и правењето ваков фестивал е колаборативен подвиг - рече Волтерс.

Тој се заблагодари и на ДФРМ за помошта што им ја пружиле на ИМАГО за одржување на годишна конференција на ИМАГО која се одржува за време на Фестивалот и која ги обединува деветте кинематограферски друштва од Балканот.

-Многу ми остави впечаток онаа година кога дојдов, а Фестивалот беше префрлен во Скопје, пред отворањето излегов надвор и додека врнеше пороен дожд видов една група голема група луѓе од Битола кои стоеја таму и протестираа затоа што им беше одземен фестивалот. Не знам дали меѓу вас се некои од тие луѓе, но јас сметам дека тие се вистинските херои на Фестивалот, заедно со волонтерите, кинооператорите, сите оние луѓе кои навистина напорно работат за сето ова да се реализира - додаде тој.

Џим Шеридан, едно од најимпресивните европски ирски филмски имиња, режисер, сценарист, продуцент и филмски творец на незаборавни филмски стории на присутните им се обрати од името на ЕФА. Потсетувајќи се на една случка од детството Шеридан укажа на важноста на телевизијата.

-Телевизијата понекогаш ја потценуваме, не сме свесни колку се моќни подвижните слики. Големо е задоволството што сум избран од името на ЕФА да бидам вечерва на оваа свеченост каде се слави филмската уметност, истакна Шеридан.

Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов ја врачи наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ на композиторот Љупчо Константинов. Заблагодарувајќи се на ДФРМ за доделената награда и на режисерите кои имале доверба да му доверат да ја напише музиката за нивните филмови, Константинов истакна дека оваа вечер за него има посебно значење бидејќи потекнува од Битола.

-Во изминативе години некогаш бев повеќе, а некогаш помалку успешен, но и понатаму ќе се трудам да бидам подобар и подобар, рече Константинов.

Покровителот на фестивалот, Претседателот Стево Пендаровски го отвори фестивалот и ја врачи наградата „Златна камера 300“ за животно дело на Едвард Лакман, кинематографер кој досега има две номинации за „Оскар“, „Бафта“ за животно дело и е наречен „Волшебникот со камерата“.

- Односот меѓу кинематограферот и режисерот не е како брак, туку како двојка која танцува. Само прашање е дали двајцата ја слушаат истата музика. Режисерот е оној којшто ја поставува сцената и треба да ги третира кинематограферите како уште еден актер која ја дава својата најдобра изведба, но важно е дали режисерот ќе му овозможи навистина да блесне во сиот свој сјај. Ова е ретка можност за мене, многу слушав за Фестивалот и со години сакав да дојдам овде. Да се биде во друштво на толку големи имиња кои биле лауреати, од кои дел биле мои ментори, како Свен Линквист, Роби Милер...Едноставно не знам дали припаѓам овде, во тоа наследство. Во овој дел од животот добивањето на едно вакво признание се чини дека е завршница, но мене ми се чини дека покажува оти тоа е постојан процес на учење едни од други и учење преку различни искуства. Патувањето е она што е важно, а не самата дестинација. Ова што денес се случува за мене е повторна посета, на сеќавања, на стари пријатели и на создавање на нови пријателства, рече Лакман.

Честитајќи го 40-годишниот јубилеј на фестивалот, претседателот Пендаровски истакна дека тој е резултат на истрајноста и неуморниот ангажман во изминатите четири децении на сите коишто се вклучени во организацијата и во селекцијата на програмата. Со тоа, како што рече претседателот Пендаровски, доследно и посветено е чувано наследството коешто го оставија Јанаки и Милтон Манаки.



- Штом ќе доживее четириесет години, за еден фестивал не велиме дека е стар, туку дека пронашол трајно своето место во културата на една држава и на еден народ. Фестивалот „Браќа Манаки“ започнал како скромен собир во чест на првите балкански кинематографери. Претпоставувам дека тогаш тоа било и еден вид пилот-епизода за којашто ретко кој верувал дека ќе прерасне во реномиран европски и светски познат фестивал. Филмската уметност е ангажирана уметност која, меѓу другото, зборува и за совеста на општеството. За мене и за многумина, филмските уметници се контракултурните херои кои на филмското платно адресираат дел од најгорливите прашања на нашето време-социјалната неправда, човечкото достоинство, бегалците, дискриминацијата, екологијата - рече меѓу другото Пендаровски.

Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, која го понесе слоганот „Филмот ни припаѓа на сите нас“ се заблагодари на сите кои помогнаа во реализацијата на фестивалот и на сите оние кои оваа вечер во салата седеа на столчето на кое седеле нашите претци на почетокот на „Манакиевите средби“.

Иако церемонијата на отворањето траеше подолго од вообичаеното, големата сала на Центарот за култура во Битола остана полна до последното место и за време на проекцијата на филмот - ова ретко се случуваше во годините наназад, кога публиката обично ја напушташе салата пред самата проекцијата на филмот.

Гостин на фестивалот беше и Хозе Луис Алкаине, кинематографер на филмот „Болка и слава“.

- Втор пат сум во Битола и повторно ова е неверојатно искуство за мене. Мојот прв јазик не е англискиот, не е ниту македонскиот, ниту шпанскиот, туку сликите и се надевам дека преку сликите ќе ви го пренесам она што сакам да ви го кажам, рече Алкаине пред проекцијата.

Денеска на ИФФК „Браќа Манаки", со почеток од 19 часот ќе се одржи македонската премиера на играниот филм „Отворена врата" во режија на Флоренц Папас. Продуцент на филмот е Бункер филм+ од Албанија (Ено Милкани), а како копродуценти се јавуваат Сиркл филм (Circle Film) од Косово (Бесник Крапи), Лупин филм (Lupin Film) од Италија (Рикардно Неро) и Авард филм и видео од Македонија (Владимир Стојчевски и Горан Стојилковиќ).

Како македонски дел од екипата во проектот учествуваат и актерот Висар Вишка, композиторот Александар Пејовски, Фејми Даут како прв асистент на камера, дизајнерот на звук Игор Поповски од студиото Аудиохаус, заедно со целосната екипа на секторот звук составена од Ристо Алчинов, Илија Цветковски, Драган Спасов, Ненад Стефаноски и Леотрим Вока.
Проектот, кој својата светска премиера ја имаше пред еден месец на главната програма на Сараевскиот филмски фестивал, е реализиран со поддршка на националните филмски центри на Албанија и Косово, како и со поддршка на Еуримаж.