Фестивалската публика денеска имаше уникатна можност да проследи мастер-клас со водечкиот светски кинематографер Едвард Лакман, лауреатот на годинешното јубилејно издание на „Браќа Манаки“, модериран од неговиот колега и стар пријател на фестивалот, Најџел Волтерс од кинематограферската асоцијација ИМАГО. А предавањето на Лакман не го пропушти ниту Фатих Акин, кој доде да слушне повеќе детали од мајсторот на камерата. Денешната мастер класа беше вистински разговор меѓу големите затоа што присуствуваа и режисерот Џим Шеридан и британскиот кинематографер Џон Метисон, два пати номиниран за Оскар за филмовите „Гладијатор“ и „Фантомот од операта“. Лакман, пак, изрази посебна почит кон кинематограферските величини во публиката-фестивалски гости како Пол Рене Ростад и Рајнер Клаусман.

Благоја Куновски-Доре, селектор на натпреварувачката програма на „Браќа Манаки“, го најави мастер-класот како врвен настан на фестивалската програма, а Волтерс истакна дека нема потреба од посебно претствавување на Лакман и неговите филмски дела. Напомена дека пред 43 години на еден филмски сет, каде што кинематографер бил Свен Никвист, го запознал младиот Лакман како асистент на камера. Лакман, пак, изрази посебна почит кон кинематограферските величини во публиката-фестивалски гости како Џон Метисон, Пол Рене Ростад, Рајнер Клаусман...

Публиката која што ја исполни Малата сала на Центарот за културата до последното место на почлетокот од мастер-класот имаше прилика да види репрезентативен видеоклип со сцени од десетина филмови потпишани од Лакман како кинематографер. Тој работел со водечките филмски автори на преминот на двата века, како Тод Хајнс, Вим Вендерс, Фолкер Шлендорф, Урлих Зајдл...

Лакман е роден во Њу Џерси, САД, и како млад посетувал уметничко училиште, а потоа посериозно се заинтересирал за филм.

-Започнав да снимам документарци, а дури и ми плаќаа за тоа, Лакман низ шега се присети за неговите почетоци во филмот.

Еден од неговите први документарци бил за дом за лечење на зависници од дрога во САД, а следните 3-4 години години работел како оператор-снимател на втората камера на филмските сетови. Снимањето и режирање документарни филмови му останале посебна љубов и страст.

Пристапот на камерата во документарците е поинаков од играните, но има случаи, како во филмовите „Експорт-импорт“ и „Рај: љубов“ на Урлих Зајдл, чиј што кинематографер бев јас, каде што тешко можете да повлечете линија меѓу фикцијата и документарното, посочи Лакман.

Неговиот став за важноста на камерата која преку сликите ја раскажува сторијата на филмот го илустрираше и со камерата на Крис Менџис во филмот „Боксер“ на Џим Шеридан, кој исто така е присутен на фестивалот како претставник на Европската филмска академија.

На прашањето на модераторот Волтерс за неговите почетни искуства со европскиот филм, Лакман посочи дека најпрвин бил заинтригиран од филмовите на италијанскиот неореализам.

Во нив видов како се градат карактерите во филмот. Денес тоа во Холивуд го немате, таму сега се снимаат видео-игри, а не филмови, смета Лакман.

Европскиот дел од неговата кинематограферска кариера започнала со ангажманите во филмовите на Вим Вендерс, Фолкер Шлендорф, продолжила со Урлих Зајдл...

Лакман важи за голем заговорник за снимање на филмска лента. Европските филмови во тој период ги снимал вообичаенона 35 мм лента, но можеби малку неочекувано „Керол“ на Тод Хајнс, филм од 2015 година, го снимале на 16 мм лента, заради посакуваната атмосфера во филмот.

Претпродукцијата е многу битна фаза во реализација на филмот бидејќи тогаш се дефинира стилот на филмот, посебно кога станува збор за филмови со историска тематика, посочи Лакман.

Интересни се и неговите размислувања околу црно-белиот и филмот во боја.

Црно-белата филмска лента функционира со поинакво зрно и експозиција на фотографијата. Денес можете да снимите филм во колор а потоа во студиските лаборатории со дигиталната техноилогија да го направите црно-бел, но нема да го добиете истиот ефект, вели Лакман.

Едвард Лакман, вчера имаше и средба со студентите каде зборуваа за стручните аспекти на кинематограферската работа.

Синоќа во популарната битолска „Магаза“ се одржа презентација на кратки филмови од филмскиот фестивал „Мекал“ од Барселона, а претходно публиката таму можеше да ја види и селекцијата на кратки филмови од фестивалот во Познањ, Полска. Со овие два фестивала „Браќа Манаки“ од оваа година започна соработка и веќе имаше своја презентација во Полска.

Александар Трајковски ја промовираше својата книга „Музиката во македонскиот игран филм: од Фросина до Лазар“, која е прва пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм.

На прес конференција, Тудор Мирчеа, кинематограферот на филмот „Свиркачи“  во разговор со селекторот на официјалната програма, Благоја Куновски Доре, сподели искуства од снимањето на филмот кој е политички трилер.

-Ова е фестивал на кинематографери и потребно е тие да бидат овде. Ова е ваш Фестивал, рече Куновски, кој потенцираше дека и при самата селекција на филмовите отворено од нив бара да присуствуваат на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола доколку биде селектиран нивниот филм.

„Свиркачи“ е интересен филм и поинаков е од сите филмови кои ги снимале со режисерот Корнелиу Порумбоиу, со кого се пријатели уште од училишните денови.

-Досега снимавме на филмска лента, овој пат снимавме дигитално и имавме многу кадри. Драмата се случува во Романија, Канарските острови и во Сингапур. Овој свиркачки јазик на Канарите го учат малите деца на училиште и еден од ликовите во филмот е учител од вакво училиште. Корни гледал документарен филм за тоа и оттаму е идејата за ваков филм. Сцената во паркот во Сингапур беше една од најтешките сцени. Имавме само 10 минути за снимање, и поставивме нешто како скриена камера бидејќи не ни беше дозволено да поставиме дополнително осветлување, рече Мирчеа.

Според него, различниот пристап кај овој филм произлегува од одлуката на Корнелиу да привлече публика, бидејќи тоа е голем проблем. Иако филмовите добро поминуваат на фестивалите во Кан, Венеција итн. публиката во Романија е малубројна.

Рон Јохансон, кинематографер од Австралија допатува во Битола за да присуствува на состанокот на бордот на ИМАГО кој се одржува во рамките на Фестивалот, денеска извои време да разговара со новинарите.

-Прекрасно е да се биде овде во Битола. Фестивалот „Браќа Манаки“ многу го ценам, Австралија е дел од ИМАГО и затоа сум тука. Фестивалот „Браќа Манаки“ е многу популарен во Австралија, бидејќи тој станува како еден семеен настан. Во Австралија е многу ценето да се дојде овде и мислам дека во иднина ќе има уште повеќе учесници и гости на Фестивалот од Австралија, рече Јохансон.

Годинава гостин во Битола е еден од најимпресивните кинематографери не само во Британија, туку и во светот, Џон Метисон. Два пати е номиниран за „Оскар“ за филмот „Фантомот во операта“ и „Ханибал“, а исто толку пати беше номиниран и за награда на ИФФК „Браќа Манаки“.

-Снимањето филмови е поврзано со визуелен јазик. Ако  имате добра продукција и добри соработници нема за што да се грижите. Сакам поедноставни работи, со помалку филтри, помалку помпа. Мора да истакнеме дека режисерите со кои соработувам сакат да прават филмови, но тоа е многу тешко да се усогласи со дистрибуцијата, бидејќи компаниите сакаат суперхерои, жанровски филмови..., и кога ќе се поврзете со рекламите ќе влезат милиони долари сепак се усогласуваат нештата, рече Метисон.

Тој откри дека како мал бил љубител на филмовите за Џејмс Бонд и се интересирал кој ги направил и како ги направил, како и филмовите на Вендерс, Спилберг и други.

-Мислам дека сега има голема промена, особено во  однос на пионерите на филмот. На пример, областа во која снимал Чарли Чаплин во Лондон повеќе не постои, што е голема штета бидејќи би било одлично да може да се прошета таму и да се направи музеј. Токму тој дел од Лондон каде има улички со калдрма, куќи прекриени со чад, една сивост во амбиентот со која Чаплин го прикажува автентичниот живот во тоа време во Лондон. Сега е тешко да се направи такво нешто, смета Метисон.

За него киното е храм, а единствените поддржувачи на филмовите се фестивалите.

-Ова е фестивал за филм и јас сакам кога луѓето одат во храмот. Во Лондон сега има 4-5 кино-сали кои повторно се приватизирани и не се прикажува ништо квалитетно. Изборот зависи од сопственикот на киното. Има многу малку независни кина кои прикажуваат квалитетни содржини, но ретки се моментите каде се концентрира публика на која може да и се задржи вниманието. Мене ми се допаѓа идејата да се влезе во храмот, во киното, да се исклучат сите уреди и да се ужива во филмот. На луѓето мора да им дадете нешто, да ги натерате да размислуваат, бидејќи дома не го добивате истиот квалитет на звукот, перспективата, не се гледа сето она што е вложено додека се правел филмот, истакна Метисон.

Од селекцијата на кратките филмови, беше прикажан македонскиот филм „Вера“, а актерката која ја толкува главната улога и авторот на музиката во филмот споделија искуства од снимањето. Музиката во филмот е светска етно музика изведена на саксофон, инспирирана од јапонската музика и заедно со актерскиот и режисерскиот дел е доста суптилна.

-Постои црно и бело, а крајот на филмот е отворено прашање и тоа уште на почетокот на снимањето, на некој начин, треба да се затвори. Тоа помеѓу црното и белото е добро да постои зошто ќе ја донесе одлуката. Според мене добро е што оставиваме отворен крај за гледачот да не е до крај сигурен што се случило, рече Симона Димковска, актерка од филмот.

Ана Чкониа, претставничка на Филмски фонд на Грузија, која годинава е земја во фокус на ИФФК „Браќа Манаки“ разговараше Јиспер Андерсон од Филмскиот инсистут на Данска.

- Многу сум среќна што Грузија е избрана да биде земја во фокус на Фестивалот. Селекцијата е одлична, тоа се модерни филмови од последните десет години. Државата инвестира и ги поддржува младите професионалци. Кај нас визуелниот израз повеќе ги обзема гледачите, не се толку силни сценаријата, рече Чконија која ги претстави начините на кои работи грузизската кинематографија.

Режисерката на документарниот филм „Марселин. Една жена. Еден век“, Корделија Дворак, разговараше со директорката на фестивалот Гена Теодосиевска за документарниот филм воопшто и неговата иднина, но и за филмот посветен на извонредната француска филмска режисерка, авторка, продуцентка, актерка и уметница, Марселин Лоридан-Ивенс, радикална хроничарка која го преживеала холокаустот.

-Структурата на документарниот филм особено во последниве 20 години е особено променета во Европа и режисерите кои работат документарни филмови почнуваат да истражуваат на еден длабок начин за да ги состават сите елементи заедно и да  ги прикажат сите аспекти, посочи Теодосиевска.

Структурата на проширување на документарниот филм, според Дворак зависи од условите во кои се прави филмот.

-Кога снимате документарен филм не можете секогаш да претпоставите во каква ситуација ќе се најдете. Јас морав да искусам разни ситуации при снимањето, но најмногу сум фокусирана на протагонистот и повеќе правам портретирање отколку било што. Мора да бидете многу добро подготвени, да  направите добро истражување за да бидете подготвени за се што може да се случи, но и да  бидете целосно отворени, љубопитни, подготвени да го снимите она што ќе се најде пред камерата и  веднаш да изреагирате на тоа, иако концептот може да се смени. Вие повеќе не сте оној што води и којшто снима. Приказната и она што се случува пред вас е она што ве води, откри Дворак.

Таа подвлече дека во Германија се поддржува снимањето на документарците, иако тие не прават профит, но тоа правилно и треба да се прави во цела Европа, треба да се едуцира публиката, бидејќи тие ги менуваат и оние кои работат на филмот, но и публиката.

-Секој процес ве менува, а во овој посебен случај Марселин соработуваше во филмот на многу необичен начин. Она што ме импресионираше беше тоа што таа беше многу малечка, но имаше голема сила. Секогаш и покрај сите здравствени и други потешкотии, таа наоѓаше начин да се избори за себе и за другите, рече Дворак, која подвлече дека ужива на Фестивалот во Битола на кој се дискутира за филмови.

Синоќа во популарната битолска „Магаза“ се одржа презентација на кратки филмови од филмскиот фестивал „Мекал“ од Барселона, а претходно публиката таму можеше да ја види и селекцијата на кратки филмови од фестивалот во Познањ, Полска. Со овие два фестивала „Браќа Манаки“ од оваа година започна соработка и веќе имаше своја презентација во Полска.

Александар Трајковски ја промовираше својата книга „Музиката во македонскиот игран филм: од Фросина до Лазар“, која е прва пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм.

Вечерва, публиката во Битола премиерно ќе го види филмот „Медена земја“ кој се прикажува во рамки на фестивалската програма.